Исаија 40:1-31
40 „Тешете го, тешете го мојот народ!“ — вели вашиот Бог.+
2 „Зборувајте му утешно на срцето на Ерусалим+ и викајте му дека помина времето на неговото робување,+ дека плати за својот престап!+ Зашто, од Јеховината рака ја прими полната мерка за сите свои гревови.“+
3 Слушајте! Некој вика во пустината:+ „Расчистете му го патот на Јехова!+ Израмнете му ја низ пустината патеката на нашиот Бог!+
4 Нека се издигне секоја долина,+ нека се спушти секоја планина и секој рид!+ Ритчестиот крај нека стане рамен, нерамниот крај нека се претвори во рамница!+
5 И ќе се открие Јеховината слава+ и сите луѓе ќе ја видат,+ зашто тоа се зборови од устата на Јехова“.+
6 Слушај! Некој вели: „Разгласувај!“+ А друг вели: „Што да разгласувам?“
Разгласи го ова: „Сите луѓе се трева, а сета нивна доброта* личи на полски цвет.+
7 Тревата се суши и цветот венее+ кога Јеховиниот здив* ќе дувне на нив.+ Навистина, народот е трева.+
8 Тревата се суши, цветот венее,+ но речта на нашиот Бог останува довека“.+
9 Искачи се на висока планина,+ ти која му носиш добра вест на Сион!+ Викни силно, ти која му носиш добра вест на Ерусалим!+ Викни, не плаши се!+ Речи им на градовите на Јуда: „Еве го вашиот Бог!“+
10 Гледај, Севишниот Господар Јехова ќе дојде како силен јунак, неговата рака ќе владее за него.+ Гледај, кај него е наградата што ја дава,+ пред него е платата што ја дели.+
11 Како овчар ќе го пасе своето стадо.+ Со рака ќе ги собере јагнињата,+ ќе ги носи во пазувите.+ Грижливо ќе ги води доилките.+
12 Кој ги измерил водите со дланка,+ ги премерил небесата со педа+ и му ја одредил мерата на земниот прав?+ Кој ги измерил на вага планините и на терезија ридовите?
13 Кој го измерил Јеховиниот дух? Кој може како советник да го упати во нешто?+
14 Кој го советувал и го поучил? Кој го учи за патот на праведноста, или му дава знаење,+ или го упатува на патот на разборитоста?+
15 Гледај, за него народите се како капка од ведро, вредат колку правот на вага.+ Гледај, тој ги подига островите+ како ситен прав.
16 Ниту Ливан не е доволен за оган, неговите диви животни+ не се доволни за жртва паленица.+
17 Сите народи се пред него како да не постојат,+ за него се како ништо, ништожност.+
18 Со кого ќе го споредите Бог+ и каков лик сличен на него ќе најдете?+
19 Леарот лее статуа,+ златарот ја обложува со злато+ и кове сребрени веришки.+
20 Човекот одбира за принос некое дрво, дрво што не е гнило,+ па бара вешт дрводелец да му направи режан лик+ што нема да се урне.+
21 Зарем не знаете? Зарем не слушате? Зарем не ви е кажано од почетокот? Зарем не разбравте уште кога беа поставени темелите на земјата?+
22 Тој престојува над кругот на земјата,+ нејзините жители му се како скакулци. Тој ги распнува небесата како превез, ги распнува како шатор за живеење.+
23 Тој ги претвора владетелите во ништо, ги претвора земните судии во ништожност.+
24 Плитко се посадени, плитко се посеани, нивната пенушка плитко пуштила корен во земјата.+ Штом ќе дувне на нив, тие се сушат,+ и виорот ги разнесува како плева.+
25 „Со кого ќе ме споредите, кој ми е рамен?“ — вели Светецот.+
26 „Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа?+ Оној што ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име.+ Поради неговата голема моќ*+ и неговата огромна сила не изостанува ниту едно.
27 Зошто велиш, Јакове, зошто зборуваш, Израеле: ‚Мојот пат е скриен од Јехова,+ мојот Бог не се грижи за правдата што ми припаѓа‘?+
28 Зарем не знаеш? Зарем не си чул?+ Јехова, Творецот на земните краишта, е вечен Бог.+ Тој не се уморува и не папсува.+ Неговиот разум е неиспитлив.+
29 Тој му ја враќа силата на уморниот,+ му дава моќна сила+ на нејакиот.
30 Момчињата се уморуваат и се тетерават, младичите ослабуваат,
31 но оние што се надеваат+ на Јехова добиваат нова сила.+ Како орли се подигаат на крилја.+ Трчаат и не папсуваат, одат и не се уморуваат.“+