1. Мојсеева 22:1-24
22 По овие настани, вистинскиот Бог го испита Авраам.+ Па му рече: „Аврааме!“ А тој се одгласи: „Еве ме!“+
2 Тогаш Бог му рече: „Те молам, земи го својот син, својот единец, Исак,+ кого толку го сакаш,+ па појди во земјата Морија+ и таму принеси го како жртва паленица на еден од ридовите, кој ќе ти го покажам!“+
3 Утредента Авраам подрани, го оседла магарето и зеде со себе двајца слуги и својот син Исак,+ па нацепи дрва за жртвата паленица. Потоа стана и тргна на пат кон местото што му го покажа вистинскиот Бог.
4 На третиот ден, Авраам ги подигна очите и оддалеку го здогледа местото.
5 Тогаш Авраам им рече на слугите:+ „Вие останете овде со магарето, а јас и момчето ќе појдеме онаму за да му се поклониме на Бог,*+ па ќе се вратиме кај вас“.
6 Потоа Авраам ги зеде дрвата за жртвата паленица и му ги натовари на својот син Исак,+ а в раце ги зеде огнот и ножот, па двајцата тргнаа заедно.+
7 А Исак му рече на својот татко Авраам: „Татко!“+ „Еве ме, сине!“+ — му се одгласи тој. А тој го запраша: „Еве ги огнот и дрвата, но каде е овцата за жртва паленица?“+
8 „Бог ќе си прибави овца за жртва паленица,+ сине“, одговори Авраам. И двајцата продолжија понатаму.
9 Најпосле стигнаа до местото што му го беше покажал вистинскиот Бог. Авраам таму направи жртвеник,+ ги нареди дрвата и му ги врза рацете и нозете на својот син Исак, па го положи на жртвеникот врз дрвата.+
10 Тогаш Авраам посегна по ножот и го зеде за да го заколе својот син.+
11 Но Јеховин ангел го викна од небото и му рече:+ „Аврааме, Аврааме!“ А тој се одгласи: „Еве ме!“
12 И ангелот му рече: „Не кревај рака на момчето и не прави му ништо,+ зашто сега, кога не одби да ми го дадеш својот син, својот единец, навистина знам дека се боиш од Бог!“+
13 Тогаш Авраам ги подигна очите и погледна, и гледај, недалеку од него еден овен се беше заплеткал со роговите во еден честак. Авраам отиде, го зеде овенот, па го принесе како жртва паленица наместо својот син.+
14 И Авраам го нарече она место Јехова-Ире.* Затоа денес обично се вели: „На Јеховината планина ќе биде прибавено“.+
15 А Јеховиниот ангел по втор пат го викна Авраам од небото
16 и му рече: „,Се колнам во себе‘, вели Јехова,+ ‚затоа што го направи ова и не одби да ми го дадеш својот син, својот единец,+
17 навистина ќе те благословам и навистина ќе го намножам твоето потомство како ѕвездите на небото и како зрнцата песок на морскиот брег.+ Твоето потомство ќе ги заземе портите* на своите непријатели.+
18 И преку твоето потомство+ ќе се благословат сите народи на земјата затоа што го послуша мојот глас‘ “.+
19 Потоа Авраам се врати кај своите слуги, па станаа и заедно отидоа во Вирсавеја.+ И Авраам продолжи да живее во Вирсавеја.
20 По тие настани, му јавија на Авраам: „Ене, и Мелха+ му роди синови на брат ти Нахор:+
21 првородениот Уз, брат му Вуз+ и Кемуил, таткото на Арам,
22 како и Кесед, Азав, Филдес, Едлаф и Ветуил“.+
23 А на Ветуил му се роди Ревека.+ Овие осуммина му ги роди Мелха на Нахор, брат му на Авраам.
24 Тој имаше и наложница,* која се викаше Ревма. Таа ги роди: Тавек, Гама, Тахас и Мааха.+
Фусноти
^ Или: „за да покажеме почит кон Бог; да извршиме чин на обожавање пред Бог“.
^ „Јехова-Ире“ значи „Јехова ќе се погрижи [за тоа]; Јехова ќе прибави“.
^ Односно градските порти.
^ Жена во полигамен брак, која мажот ја зема покрај својата вистинска сопруга (односно вистински сопруги) и која има понизок статус од вистинската сопруга.