Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој прв го направил тоа?

Кој прв го направил тоа?

Поглавје 12

Кој прв го направил тоа?

1. Што рекол еден биолог во врска со човечките пронаоѓачи?

 „ЈАС се сомневам“, рекол еден биолог, „дека ние сме иноваторите какви што мислиме дека сме; ние сме само оние кои повторуваат.“1 Многупати човечките пронаоѓачи само го повторуваат она што со илјадници години го прават растенијата и животните. Ова копирање од живите суштества е толку широко распространето што му е дадено сопствено име — бионика.

2. Каква споредба направил еден друг научник меѓу човечката технологија и онаа во природата?

2 Еден друг научник вели дека практично сите фундаментални подрачја на човечката технологија „ги отвориле и користеле во своја полза живите суштества . . . пред човечкиот ум да научи да ги разбира и да ги совлада нивните функции“. Интересно, тој додава: „На многу подрачја, човечката технологија сѐ уште далеку заостанува зад природата“.2

3. Кои прашања треба да се имаат на ум додека се разгледуваат примерите за бионика?

3 Додека размислуваш за овие сложени способности на живите суштества кои човечките пронаоѓачи се обидуваат да ги копираат, зарем звучи разумно да веруваме дека тие настанале сосема случајно? И дека тоа се случило, не само еднаш, туку многупати во несродни суштества? Зарем тие не се оној вид сложени дизајни за кои искуството нѐ учи дека можат да бидат продукт само на еден брилијантен дизајнер? Дали навистина мислиш дека случајноста сама можела да го создаде она за кое подоцна биле потребни надарени луѓе за да го копираат? Имај ги на ум таквите прашања додека ги разгледуваш следниве примери:

4. а) Како термитите ги ладат своите домови? б) На кое прашање не можат да одговорат научниците?

4 КЛИМА УРЕД. Модерната технологија лади многу домови. Но, долго пред тоа, термитите исто така ги ладеле своите, а и сѐ уште го прават тоа. Нивното гнездо е во центарот на еден голем насип. Од него, топлиот воздух се подигнува во една мрежа од воздушни канали близу до површината. Таму застојаниот воздух излегува низ порозните страни, а свежиот ладен воздух влегува и се спушта во една воздушна преграда на дното од насипот. Од таму тој циркулира во гнездото. Некои насипи имаат отвори на дното каде што влегува свежиот воздух, а при топло време водата донесена од подземјето испарува, ладејќи го на тој начин воздухот. Како милиони слепи работници ги координираат своите напори да изградат такви генијално дизајнирани структури? Биологот Луис Томас одговара: „Јасниот факт дека тие покажуваат некој вид колективна интелигенција, претставува мистерија“.3

5-8. Што научиле дизајнерите на авионот од птичјите крилја?

5 АВИОНИ. При дизајнирањето на авионските крила со години се извлекува корист од проучувањето на птичјите крилја. Кривината на птичјото крило ја дава силата на подигање која е потребна да се совлада надолното влечење на гравитацијата. Но, кога крилото е премногу навалено, постои опасност од губење на брзината. За да се избегне губењето на брзина, на предните рабови од своите крилја птицата има низови или крилца од пердуви кои се креваат како што се зголемува косината на крилото (1, 2). Овие крилца го одржуваат кревањето со тоа што спречуваат главната воздушна струја да се одвои од површината на крилото.

6 Едно друго обележје за контролирање на турбуленцијата и за спречување „губење на брзината“ е алулата (3), мал сноп од пердуви кој птицата може да го подигне како палец.

7 На врвовите од крилјата — и кај птиците и кај авионите — се формираат витли кои произведуваат челен отпор. Птиците го минимизираат тоа на два начина. Некои, како пиштарката и албатросот, имаат долги тенки крилја со мали врвови. Тој дизајн го елиминира поголемиот дел од витлите. Други, пак, како јастребот и мршојадецот, имаат широки крилја кои би правеле големи витли, но тоа се избегнува кога птиците како прсти ги рашируваат врвовите на краевите од нивните крилја. Ова ги менува тие тапи краеви во неколку тесни врвови кои ги намалуваат витлите и челниот отпор (4).

8 Дизајнерите на авионот усвоиле многу од овие обележја. Накривеноста на крилата дава сила на подигање. Различните крилца и проекции служат да го контролираат протокот на воздухот или да дејствуваат како направи за сопирање. Некои мали авиони го намалуваат челниот отпор на врвовите од крилата со тоа што ги подигаат рамните плочки под прав агол во однос на површината на крилото. Меѓутоа, авионските крила сѐ уште заостануваат зад инженерските чуда кои се наоѓаат во крилјата на птиците.

9. Кои животни и растенија му претходеле на човекот во користењето антифриз, и колку делотворен е тој?

9 АНТИФРИЗ. Луѓето користат гликол во ладилниците на автомобилите како антифриз. Но, извесни микроскопски растенија користат хемиски сличен глицерин кој ги чува од смрзнување во антарктичките езера. Тој се наоѓа и во инсектите кои преживуваат на температури од —20 Целзиусови степени. Постојат риби кои произведуваат сопствен антифриз кој им овозможува да живеат во ледените води на Антарктикот. Некои дрвја преживуваат температури од —40 Целзиусови степени бидејќи содржат „многу чиста вода, без прашина или нечисти честички околу кои можат да се формираат ледени кристали“.4

10. Како извесни водени бубачки прават и користат апарати за подводно дишење?

10 ПОДВОДНО ДИШЕЊЕ. Луѓето прицврстуваат на својот грб воздушни резервоари и остануваат под вода до еден час. Извесни водени бубачки го прават тоа поедноставно и остануваат долу подолго. Тие зафаќаат еден воздушен меур и се нурнуваат. Меурот им служи како бели дробови. Тој зема јаглероден диоксид од бубачката и го испушта во водата, а го зема кислородот растворен во водата за да го користи бубачката.

11. Колку се распространети биолошките часовници во природата, и кои се некои примери за тоа?

11 ЧАСОВНИЦИ. Долго пред луѓето да користат сончеви часовници, во живите организми постоеле часовници кои го покажувале точното време. Кога има осека, микроскопските растенија наречени диатоми излегуваат на површината од влажниот песок на плажата. Кога надоаѓа плима, диатомите повторно се повлекуваат во песокот. Сепак, во песокот во лабораторијата, без никаква плима и осека, нивните часовници сѐ уште ги тераат да излегуваат и да се повлекуваат во времето кога има плима и осека. Морските ракови гудачи добиваат потемна боја и излегуваат во текот на осеката, бледеат и се повлекуваат во нивните дупки во текот на плимата. Во лабораторија, далеку од океанот, тие сѐ уште држат такт со менувањето на плимата, добивајќи темна и светла боја како што плимата надоаѓа и се повлекува. Птиците можат да се управуваат по Сонцето и ѕвездите, кои ја менуваат позицијата како што одминува времето. Тие мора да имаат внатрешни часовници за да ги компензираат овие промени (Јеремија 8:7). Од микроскопските растенија па сѐ до луѓето, отчукуваат милиони внатрешни часовници.

12. Кога луѓето почнале да користат примитивни компаси, но како тие биле во употреба долго пред тоа?

12 КОМПАСИ. Околу 13 век н. е. луѓето почнале да користат магнетна игла која плови во една чинија со вода — примитивен компас. Но, тоа не било ништо ново. Бактериите содржат струни од магнетитни честички токму во потребната големина за да се направи компас. Тие ги водат до околината која самите повеќе ја сакаат. Магнетит бил пронајден во многу други организми — птици, пчели, пеперутки, делфини, мекотели и други. Експериментите покажуваат дека гулабите поштари можат да се вратат дома чувствувајќи го Земјиното магнетно поле. Сега е општо прифатено дека еден од начините на кои птиците преселници го наоѓаат својот пат е со помош на магнетните компаси во нивните глави.

13. а) Како мангровите дрвја можат да живеат во солена вода? б) Кои животни можат да пијат солена вода, и на кој начин?

13 ДЕСАЛИНИЗАЦИЈА. Луѓето градат огромни фабрики за да ја отстранат солта од морската вода. Мангровите дрвја имаат корења кои ја вшмукуваат морската вода, но ја филтрираат преку мембрани што ја отстрануваат солта. Еден вид мангрово дрво, Avicennia, се ослободува од вишокот сол користејќи жлезди од долната страна на своите листови. Морските птици, како што се галебите, пеликаните, кормораните, албатросите и бурниците, пијат морска вода и со помош на жлездите во нивните глави го отстрануваат вишокот сол што им влегува во крвта. Исто така, пингвините, морските желки и морските игуани пијат солена вода, отстранувајќи го вишокот сол.

14. Кои се некои примери за суштества кои создаваат електрицитет?

14 ЕЛЕКТРИЦИТЕТ. Околу 500 варијации на електрични риби имаат батерии. Африканскиот сом може да произведе 350 волти. Џиновската електрична ража од Северниот Атлантик исфрла 50-амперни пулсови од по 60 волти. Шоковите од јужноамериканската електрична јагула се измерени со висина од дури 886 волти. „Познато е дека единаесет различни фамилии риби вклучуваат видови со електрични органи“, вели еден хемичар.5

15. Какви различни земјоделски активности вршат животните?

15 ЗЕМЈОДЕЛСТВО. Со векови луѓето ја обработувале почвата и чувале стока. Но долго пред тоа, мравките кои сечат листови биле градинари. За храна тие одгледувале габи во еден компост кој го направиле од лисјата и својот измет. Некои мравки чуваат мушички како стока, молзат од нив шеќерен сок, па дури градат и амбари за да ги засолнат. Мравките жетварки го складираат семето во подземни амбари (Изреки 6:6—8). Една бубачка ги подрежува дрвјата мимоза. Свиркалата и мрмотите сечат, сушат и складираат сено.

16. а) Како морските желки, некои птици и алигатори ги инкубираат своите јајца? б) Зошто работата на мажјакот на еден вид австралиска кокошка е многу предизвикувачка, и како ја врши?

16 ИНКУБАТОРИ. Човекот прави инкубатори за да се испилат јајца, но во тоа тој задоцнил. Морските желки и некои птици ги положуваат своите јајца во топлиот песок заради инкубација. Други птици заради испилување ќе ги положат своите јајца во жешката вулканска пепел. Понекогаш, за да произведат топлина, алигаторите ги покриваат своите јајца со материјал од зеленчук кој скапува. Но во тоа мажјакот од еден вид австралиска кокошка е експерт. Тој копа една голема дупка, ја полни со материјал од зеленчук и ја покрива со песок. Зеленчукот што ферментира го затоплува насипот, женката положува јајце во него еднаш седмично во период до шест месеци и сето тоа време мажјакот ја контролира температурата провирајќи го својот клун во насипот. Додавајќи или отстранувајќи песок, дури и во време кое е под точка на замрзнување па сѐ додека стане многу топло, тој го одржува својот инкубатор на температура од околу 33 Целзиусови степени.

17. Како октоподот и сипата користат млазен погон, и кои несродни животни исто така го користат?

17 МЛАЗЕН ПОГОН. Денес, кога леташ со авион веројатно тој е на млазен погон. Многу животни се исто така на млазен погон и такви биле со милениуми. И октоподите и сипите се истакнуваат во тоа. Тие вшмукуваат вода во една специјална комора, а потоа ја отстрануваат со моќните мускули, истуркувајќи се нанапред. Млазен погон користат и: индиското бротче, еден вид школки, медузите, ларвите на самовилското коњче, па дури и некои океански планктони.

18. Кои се некои од многуте растенија и животни кои имаат светла, и на кој начин нивните светла се поефикасни од човечките?

18 ОСВЕТЛУВАЊЕ. Заслугата за пронаоѓање на електричната сијалица му се припишува на Томас Едисон. Но, таа не е многу ефикасна бидејќи ја губи енергијата во облик на топлина. Светулките го прават тоа подобро додека го палат и гаснат своето светло. Тие произведуваат ладна светлина која не губи енергија. Многу сунѓери, габи, бактерии и црви сјајно светлат. Еден црв од фамилијата Cantharidae е како еден минијатурен воз кој се движи со својот црвен „фар“ и со 11 бели или бледозелени пара „прозорци“. Многу риби имаат светла: светлечка риба, морски ѓавол, риба фенеруша, риба отровница и риба соѕвездие, да наведеме само неколку. Микроорганизмите во океанската пена светкаат и блескаат во милиони.

19. Кој правел хартија долго пред човекот, и како еден произведувач на хартија го изолира својот дом?

19 ХАРТИЈА. Египќаните ја правеле пред илјадници години. Сепак, тие биле далеку зад осите и стршлените. Овие крилести работници џвакаат дрво кое било изложено на атмосферските прилики, произведувајќи сива хартија за да ги прават своите гнезда. Стршлените ги обесуваат своите големи тркалезни гнезда на дрво. Надворешната обвивка се состои од многу слоеви крута хартија, одвоени со простори од застоен воздух. Тоа толку ефикасно го изолира гнездото од топлина и студ — како ѕид од цигли дебел 40 сантиметри.

20. Како еден вид бактерии се движат наоколу, и како научниците реагирале на тоа?

20 РОТАЦИОНЕН МОТОР. Во правењето ротационен мотор, микроскопските бактерии му претходеле на човекот илјадници години. Една бактерија има продолжетоци како коса кои се сплетени заедно за да формираат една корава спирала, како отворач за тапи. Таа го врти овој отворач за тапи како пропелер на брод и се движи нанапред. Таа дури може и да ја смени насоката на својот мотор! Но, како тој работи, не е потполно јасно. Еден извештај тврди дека бактериите можат да достигнат брзина која е еднаква на брзина од 50 километри на час, и вели дека „всушност, природата го измислила тркалото“.6 Еден истражувач заклучува: „Се обистини еден од најфантастичните концепти во биологијата: Природата навистина произвела ротационен мотор, и тоа комплетен — со куплунг, ротациона оска, лежишта и ротациона погонска трансмисија“.7

21. Како неколку животни, кои се сосема несродни, користат сонар?

21 СОНАР. Сонарот кај лилјаците и делфините ја надминува неговата човечка копија. Во една затемнета соба со тенки жици кои се затегнати низ неа, лилјаците летаат наоколу и никогаш не ги допираат жиците. Нивните суперсонични звучни сигнали се одбиваат од тие предмети и се враќаат кај лилјаците, кои потоа користат ехолокација за да ги избегнат. Малите делфини и китовите го прават истото во водата. Птиците гуахаро користат ехолокација додека влегуваат и излегуваат од темните пештери во кои преспиваат, испуштајќи остри звуци на чкрипење кои ги водат.

22. Како принципот за баласт кој се користи во подморниците функционира кај неколку различни, несродни животни?

22 ПОДМОРНИЦИ. Многу подморници постоеле уште пред луѓето да ги пронајдат. Микроскопските радиоларии имаат маслени капкички во својата протоплазма со кои ја регулираат својата тежина и со тоа се движат горе или долу во океанот. Рибите вовлекуваат гас во своите меури за пливање или го испуштаат, менувајќи ја својата способност да се одржуваат над водата. Во својата школка, индиското бротче има комори или резервоари за пловење. Менувајќи го соодносот на водата и гасот во овие резервоари, тоа ја регулира својата длабочина. Сипината коска (калцифицирана внатрешна школка) на сипата е полна со празнини. За да ја контролира способноста да се одржува над водата, ова суштество, кое е слично на октопод, ја испумпува водата од својот скелет и му дозволува на гасот да ја исполни испразнетата шуплина. Така шуплините на сипината коска функционираат токму како водените резервоари во една подморница.

23. Кои животни користат органи што имаат осет за топлина, и колку тие се точни?

23 ТЕРМОМЕТРИ. Од 17 век па наваму луѓето развиле термометри, но тие се примитивни во споредба со некои кои се наоѓаат во природата. Една антена на комарец може да осети промена на 1/150 Целзиусови степени. Една ѕвечарка на страните од нејзината глава има јами со кои може да ја осети промената на 1/300 Целзиусови степени. Боата за 35 милисекунди реагира на промена на топлината во мал дел од степенот. Клуновите на еден вид австралиска кокошка и на дивиот мисир можат да ја разликуваат температурата и за помалку од еден Целзиусов степен.

24. На кој израз нѐ потсетуваат овие примери?

24 Сето ова копирање на животните од страна на луѓето е потсетник на она што го предлага Библијата: „Прашај го добитокот, и ќе те научи; запрашај ја небеската птица, и ќе ти објасни. Гуштерите ќе те поучат, ќе ти кажат и морските риби“ (Јов 12:7, 8).

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 152]

Копирањето од живите суштества е толку широко распространето што му е дадено сопствено име

[Графикон на страница 153]

(Види во публикацијата)

Гнездо кое се лади со испарување

Користен воздух

Надворешен воздух

Подземна вода

[Графикон на страница 154]

(Види во публикацијата)

1 2 3 4

1 2 3

[Слика на страница 155]

Воздушен меур

[Слика на страница 159]

Пресек на индиско бротче