ПОГЛАВЈЕ 101
Павле бил испратен во Рим
Третото проповедничко патување на Павле завршило во Ерусалим. Таму бил уапсен и фрлен во затвор. Во едно видение во текот на ноќта, Исус му рекол: „Ќе одиш во Рим за да проповедаш и таму“. Павле бил преместен од Ерусалим во Цезареја, каде што останал две години во затвор. Кога бил изведен на суд пред управителот Фест, Павле рекол: „Сакам да ми суди цезарот во Рим“. Фест му одговорил: „Штом сакаш да ти суди цезарот, ќе одиш кај цезарот“. Војниците го качиле Павле на брод кој одел за Рим, а со него тргнале уште двајца христијани — Лука и Аристарх.
Додека бродот пловел по морето, се појавила силна бура која траела со денови. Сите мислеле дека ќе умрат. Но, Павле им рекол: „Луѓе, еден ангел ми се појави на сон и ми рече: ’Не плаши се, Павле, ќе стигнеш во Рим. А ќе преживеат и сите што се со тебе на бродот‘. Бидете храбри, нема да загинеме!“
Откако бурата беснеела 14 дена, конечно се појавило копно. Тоа бил островот Малта. Бродот удрил во плиткото дно и целиот се распарчил. Сепак, сите 276 луѓе што биле на бродот безбедно стигнале до брегот — некои пливале, а други се држеле за парчиња од бродот. Луѓето од Малта се погрижиле за нив и им запалиле оган за да се стоплат.
По три месеци, војниците го качиле Павле на друг брод кој одел за Рим. Кога стигнал таму, соверниците дошле за да се видат со него. Штом ги видел, тој му се заблагодарил на Јехова и се охрабрил. Иако Павле бил затвореник, му било дозволено да живее во една изнајмена куќа каде што бил надгледуван од еден војник. Таму останал две години. Многу луѓе доаѓале кај него, и тој им проповедал за Божјето Царство и ги поучувал за Исус. Освен тоа, Павле напишал писма до собранијата во Мала Азија и Јудеја. Тој навистина ја исполнил задачата што му ја дал Јехова — да им ја проповеда добрата вест на луѓето од многу народи.
„Во сѐ се препорачуваме како Божји слуги: со постојаноста во многу искушенија, во неволји, во немаштија, во тешкотии“ (2. Коринќаните 6:4)