ЛЕКЦИЈА 6
Има ли надеж за мртвите?
1. Која е добрата вест за мртвите?
Кога Исус дошол во Витанија, место во близина на Ерусалим, неговиот пријател Лазар веќе четири дена бил мртов. Исус отишол кај неговиот гроб заедно со Марта и Марија, кои му биле сестри на починатиот. За кратко време, се собрале и други луѓе. Замисли си само колку биле радосни Марта и Марија кога Исус го воскреснал Лазар! (Прочитај Јован 11:20-24, 38-44.)
Марта веќе ја знаела добрата вест за мртвите. Ѝ било познато дека Јехова ќе ги воскресне мртвите за да живеат повторно на Земјата. (Прочитај Јов 14:14, 15.)
2. Што се случува со луѓето по смртта?
Луѓето се создадени од земја (1. Мојсеева 2:7; 3:19). Ние не сме духови што живеат во физичко тело. Ние сме суштества од крв и месо и ништо од нас не останува да живее по смртта. Кога ќе умреме, нашиот мозок престанува да функционира и исчезнува секоја наша мисла. Затоа, откако воскреснал, Лазар не раскажал дека доживеал нешто додека бил мртов, бидејќи мртвите не се свесни за ништо. (Прочитај Псалм 146:4; Проповедник 9:5, 6, 10.)
Дали Бог ги мачи луѓето во оган откако ќе умрат? Бидејќи Библијата покажува дека мртвите не се свесни за ништо, учењето за пекол е лажно и претставува клеветење на Бог. Нему му е одвратна дури и самата помисла луѓето да се мачат во оган. (Прочитај Еремија 7:31.)
Гледај го видеоклипот Што се случува со луѓето по смртта?
3. Можат ли мртвите да ни зборуваат?
Мртвите не можат ниту да зборуваат ниту да слушаат (Псалм 115:17). Но, некои ангели се злобни и може да зборуваат со луѓето, преправајќи се дека се лицата што починале (2. Петрово 2:4). Јехова забранува да се обидуваме да зборуваме со мртвите. (Прочитај 5. Мојсеева 18:10, 11.)
4. Кој ќе воскресне?
Милиони луѓе што умреле повторно ќе бидат вратени во живот на Земјата. Ќе бидат воскреснати дури и некои што правеле лоши работи затоа што не го познавале Бог. (Прочитај Лука 23:43; Дела 24:15.)
Оние што ќе воскреснат, ќе имаат прилика да ја дознаат вистината за Бог и да покажат вера во Исус со тоа што ќе бидат послушни (Откровение 20:11-13). Ако го прават она што е добро, ќе можат да живеат вечно на Земјата. (Прочитај Јован 5:28, 29.)
5. Што ни покажува воскресението за Јехова?
Благодарение на тоа што Бог го испратил својот Син да го даде животот за нас, ќе има воскресение. Воскресението ни покажува колкава е Јеховината љубов и незаслужена доброта. Кога мртвите ќе воскреснат, кого особено сакаш да го видиш? (Прочитај Јован 3:16; Римјаните 6:23.)