ПОГЛАВЈЕ 17
Како ни помагаат покраинските надгледници?
Во Христијанските грчки списи често се спомнуваат Варнава и апостол Павле. Тие служеле како патувачки надгледници и ги посетувале првите собранија. Зошто? Затоа што вистински биле заинтересирани за доброто на нивните духовни браќа и сестри. Павле рекол дека сака ‚да се врати и да ги посети браќата‘ за да види како се. Бил спремен да помине стотици километри за да оди и да ги зајакне (Дела 15:36). Ист став имаат и нашите патувачки надгледници денес.
Доаѓаат да нѐ охрабрат. Еден покраински надгледник посетува 20-ина собранија и поминува по една седмица двапати годишно со секое од нив. Можеме многу да учиме од искуството на овие браќа и на нивните сопруги, доколку се во брак. Тие се трудат да се запознаат и со младите и со постарите и сакаат да одат во служба со нас и кај оние со кои ја проучуваме Библијата. Овие надгледници, заедно со старешините од собранието, одат кај објавителите за да ги зајакнат, а нѐ охрабруваат и со своите говори на состаноците и собирите (Дела 15:35).
Се грижат за сите. Покраинските надгледници се вистински заинтересирани за духовната состојба на собранијата. Тие имаат состанок со старешините и слуга-помошниците за да видат каков напредок има во собранието и за да им дадат практични совети како да ги извршуваат своите одговорности. Им помагаат на пионерите да бидат успешни во својата служба, а многу сакаат да ги запознаат и новите во собранието и да чујат како напредуваат духовно. Секој од овие браќа спремно се дава себеси како „соработник, кој служи за [наше] добро“ (2. Коринќаните 8:23). Треба да се угледаме на нивата вера и да му бидеме оддадени на Бог како нив (Евреите 13:7).
-
Зошто покраинските надгледници ги посетуваат собранијата?
-
Како можеш да извлечеш корист од нивните посети?