ПРАШАЊЕ 3
Како да најдам заеднички јазик со родителите?
ШТО БИ НАПРАВИЛ ТИ?
Замисли си ја следнава ситуација: Среда попладне е. Мајкл (17) штотуку завршил со домашните обврски. Сега може конечно да се опушти малку! Го вклучува телевизорот и се испружува во својата омилена фотелја.
Во истиот момент, на вратата се појавува татко му и не му се верува што гледа.
„Мајкл! Губиш време пред телевизорот, а ти реков да му помогнеш на брат ти со домашното! Никогаш не ме слушаш!“
„Пак иста песна“, промрморува Мајкл, но доволно гласно за да се слушне.
Татко му остро му подвикнува: „Што рече!?“
„Ништо“, одговара Мајкл со воздишка, превртувајќи со очите.
Е сега татко му е навистина лут! „Да не сум те чул уште еднаш да ми се обратиш со таков тон!“, вели тој.
Да беше на местото на Мајкл, што би направил за да ја спречиш оваа расправија?
ЗАСТАНИ И РАЗМИСЛИ!
Комуникацијата со твоите родители е како да возиш кола. Ако наидеш на пречка, можеш да тргнеш по друг пат.
ПРИМЕР:
„Тешко ми е да разговарам со татко ми“, вели една девојка по име Леа. „Некогаш се случува јас да му кажувам нешто, а тој по неколку минути да ме праша: ‚Извини, што рече?‘“
ЛЕА ИМА НАЈМАЛКУ ТРИ ОПЦИИ:
-
А. Да му се развика.
Леа би можела налутено да му рече: „Па ти не ме ни слушаш што ти зборувам!“
-
Б. Да престане да му зборува.
Би можела едноставно да престане да зборува со татко ѝ за она што ја мачи.
-
В. Да начека погоден момент за повторно да разговара со татко ѝ.
Би можела подоцна лично да зборува со татко ѝ или дури да му напише писменце во кое ќе му објасни што ја мачи.
Според тебе, која опција би требало да ја избере Леа?
РАЗМИСЛИ: Татко ѝ на Леа размислува за нешто друго и не забележува дека таа почнува да се нервира. Затоа, ако Леа ја избере опцијата под А, татко ѝ нема да сфати зошто таа реагира на тој начин. Најверојатно, со тоа Леа нема да му олесни на татко ѝ да ја сослуша, а ќе покаже и дека не го почитува (Ефешаните 6:2). Значи, со оваа опција нема да постигне ништо.
Опцијата под Б можеби е најлесна, но не и најпаметна. Зошто? Бидејќи, за да ги реши проблемите, Леа треба да разговара со татко ѝ, а за да ѝ помогне, тој мора да знае што се случува во нејзиниот живот. Ова нема да биде можно ако престанат да зборуваат.
Но, со опцијата под В, Леа нема да дозволи пречката да стане ќорсокак, туку само ќе го одложи разговорот за другпат. А ако одлучи да му напише писменце на татко ѝ, можеби уште веднаш ќе ѝ биде полесно.
Тоа што ќе му напише писменце може да ѝ помогне да си ги среди мислите и точно да му ги пренесе на татко ѝ. Кога тој ќе го чита писменцето, ќе сфати што се обидувала таа да му каже, а тоа може да му помогне подобро да разбере што ја мачи. Значи, опцијата под В е добра и за Леа и за татко ѝ. Без разлика дали ќе зборува со него или ќе му напише писменце, ако Леа ја одбере опцијата под В, ќе покаже дека го следи библискиот совет: „Да се стремиме кон она што придонесува за мир“ (Римјаните 14:19).
Кои други опции ги има Леа?
Размисли каков би бил резултатот од секоја опција.
БИДИ ЈАСЕН
Ако имаш проблем во комуникацијата со родителите, имај на ум дека можеби не сте секогаш на иста фреквенција.
ПРИМЕР:
Родителите те прашуваат зошто си нерасположен. Ти им велиш: „Не сакам да зборувам за тоа“.
Но, тие слушаат: „Не ви верувам доволно за да ви кажам. Попрво би зборувал со другарите за проблемот, отколку со вас“.
Замисли си дека имаш некој тежок проблем и родителите сакаат да ти помогнат. Ти им велиш: „Не се секирајте. Сам ќе се снајдам“.
-
Како можеби ќе го разберат ова твоите родители?
-
Што би било подобро да кажеш?