Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

КАКО СЕ КОРИСТАТ ВАШИТЕ ПРИЛОЗИ

Колички со литература за „сведоштво на сите народи“

Колички со литература за „сведоштво на сите народи“

1 АПРИЛ 2023

 Повеќе од десет години, количките со литература се дел од нашата служба и им го привлекуваат вниманието на луѓето. Ширум светот, количките се лесно препознатливи за луѓето. Со својот дизајн не само што се привлечни туку се и практични. Веројатно ќе се согласиш со Асената, една сестра од Полска, која вели: „Количките се едноставни, но сепак убави. Лесни се за поставување и за движење“.

 Дали и ти некогаш си се запрашал како овие колички биле дизајнирани и направени?

Ефикасен дизајн

 Во 2001 год., Водечкото тело одобри нашите браќа и сестри во Франција да почнат да испробуваат разни методи на јавно сведочење, вклучувајќи и сведочење со колички. Тие испробале разни дизајни на колички. На пример, пренамениле куфери и колички за пазарување со цел да се носи и изложува литература. На крајот, подружницата во Франција избрала дизајн кој објавителите го користеле повеќе години.

Една од првите колички за сведочење во Франција (2005)

 Браќата во Франција биле воодушевени од резултатите од ваквиот начин на јавно сведочење. Затоа, во 2011 год., Водечкото тело одобри пробна програма за јавно сведочење со колички и штандови во градот Њујорк (САД). Пионерите кои биле вклучени во оваа програма брзо сфатиле дека количките имаат многу предности, вклучувајќи го и тоа дека се лесни за пренесување. Пионерите исто така дале практични предлози за тоа како би можел да се подобри нивниот дизајн. Првите рачно изработени дрвени колички биле многу тешки, и поради тоа не било лесно да се носат по скали. Затоа биле направени нови, полесни колички, но не толку лесни што би можело да паднат кога има ветар. Исто така, тие имале поголеми и поиздржливи тркала кои овозможувале количката полесно да се движи по нерамен терен. Освен тоа, бил додаден еден дел за чување на дополнителна литература.

 Пробната програма се покажа успешна. Затоа, во 2012 год. Водечкото тело одобри да се користат колички за сведочење ширум светот. Браќата најдоа производител кој беше во можност да произведе голема количина колички користејќи лесни, но издржливи материјали.

 Низ годините беа направени мали подобрувања на количките. На пример, во 2015 год. беше додадена навлака за дожд со провиден преден дел. На Дина, која живее во Грузија, многу и се допаѓа оваа промена. Таа вели: „Количката си има свој ’мантил за дожд‘ кој ги штити публикациите“. Во 2017 год., на некои јазици станаа достапни постери со магнет. Томаш, еден брат од Полска вели: „Беше потребно многу работа за да се променат лепливите постери кои ги користевме претходно. Постерите со магнет се супер решение“. Во 2019 год., беа направени и други промени во поглед на материјалите и производството на количките за тие да бидат уште поиздржливи.

Производството на количките

 Количките за сведочење ги произведува еден производител, и потоа тие се испорачуваат ширум светот. Моментално, една количка чини 43 американски долари, без трошоците за испорака, како и други трошоци. Досега, за колички се потрошени повеќе од 16 милиони американски долари, и повеќе од 420.000 колички се испорачани до собранијата низ целиот свет.

 За најдобро да се искористат доброволните прилози, количките за сведочење се нарачуваат во голема количина. Освен тоа, наместо да нарачуваат нови колички, собранијата може да нарачаат резервни делови за да ги поправат количките.

Колички за да се даде сведоштво

 Објавители низ целиот свет уживаат да сведочат со колички. Мартина од Гана вели: „Во повеќето гранки од службата на проповедање ние им пристапуваме на луѓето. Но, кога сведочиме со колички, ми се допаѓа тоа што луѓето ни пристапуваат нам. Дури и минувачите може да добијат сведоштво“.

 Во друга африканска земја, еден човек пристапил до една количка и си зел литература на својот јазик. По една седмица, се вратил и рекол: „Ја прочитав сета литература. Информациите се многу важни. Ќе ги споделам со моето семејство во моето село“. Селото било оддалечено околу 500 километри. Два месеца подоцна, тој се вратил и рекол: „Луѓето во моето село ја прочитаа целата литература и се многу радосни што ги дознаа тие информации. Тие сакаат да станат Јеховини сведоци. Но имаат прашања. На пример, тие сфатија дека, за да се крстат, треба да бидат нурнати во вода. Но, во близина на нашето село нема река. Дали треба да дојдеме тука за да се крстиме?“ Објавителите се погрижиле, еден пионер кој го зборува јазикот на овој човек да стапи во контакт со него. Оттогаш, тие двајца редовно водат библиски разговори.

 Возбудливо е да се види како со количките за сведочење се проповеда „по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:14). Како се покриваат трошоците за производството на овие колички? Преку прилозите за меѓународното дело од кои повеќето се даваат преку donate.ps8318.com. Ви благодариме за вашата дарежливост!