Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зошто да ги запознаам баба ми и дедо ми?

Зошто да ги запознаам баба ми и дедо ми?

Младите прашуваат . . .

Зошто да ги запознаам баба ми и дедо ми?

„Кога мајка ми и јас имавме проблеми во комуникацијата, баба ми ни помогна да ги средиме работите“ (Дамарис).

„НИЗ историјата, бабите и дедовците играле клучна улога во семејната хармонија и континуитет.“ Така пишува д-р Артур Корнхабер во својата книга Grandparent Power! (Моќта на бабата и дедото!). Тој додава: „Како учители, помошници на родителите, историчари, негуватели, советници, па дури и забавувачи, нивните психолошки, социјални и духовни функции биле многу важни. Се прашував како можело нашево општество да ја отфрли оваа силна, повеќекратна улога на бабите и дедовците“.

Во минатото, бабите и дедовците биле камен темелник на семејниот живот, особено меѓу обожавателите на Јехова Бог. Библијата им заповедала на Израелците да ги почитуваат и да ги ценат постарите (Левит 19:32). Бабите и дедовците биле посебно сметани за достојни за почит (1. Тимотеј 5:4).

За жал, времињата се промениле. Семејствата честопати ги делат големи растојанија, а голем број млади малку контактираат со своите баби и дедовци. Променети се и ставовите. Во многу делови од светот, кон постарите, вклучувајќи ги и роднините — повеќе не се постапува со должна почит (2. Тимотеј 3:1—3). Она што се нарекувало јаз на генерации сега повеќе личи на провалија. Многу млади мислат дека нивните баби и дедовци се стари и не се модерни. Не можат ни да замислат дека постарите би можеле да ги разберат притисоците и проблемите со кои се соочуваат младите денес.

Ако мислиш така, подготви се повторно да размислиш за таа работа! Многу вреди да ги запознаеш твоите баба и дедо — особено ако тие се богобојазливи. А ако не си ги запознал, пропушташ многу. Зошто?

Извор на мудрост и совети

Многу млади утврдиле дека бабите и дедовците можат да послужат како засолниште во бурните години на младоста. Списанието Seventeen забележало: „Со децении животно искуство, тие честопати повеќе ќе ти помогнат да се справиш со проблемите отколку пријателите што се на твоја возраст, кои се борат со истите грижи како и ти. Ти и твоите врсници сте во болките на првите преодни периоди во животот; твоите баба и дедо издржале многу такви промени. Честопати тие се мудри и паметни“. Овој совет е само одек на она што го рекла Библијата пред многу векови, имено: „Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата“ (Пословици 16:31).

Вистина, твоите баба и дедо можеби израснале во сосема поинаков свет од оној во кој живееш ти сега. Но, биди сигурен дека, порано или подоцна, и тие ги доживеале истите чувства со кои се бориш ти сега. Иако можеби сѐ уште си релативно неискусен во справувањето со таквите чувства, твоите баба и дедо имале цел живот за да излезат на крај со нив (Пословици 1:4). „Седите коси му донесуваат мудрост на човекот, а со долгиот век му доаѓа умноста“, рекол праведниот човек Јов (Јов 12:12). Да, и од таа причина бабата и дедото честопати можат да бидат вистинско богатство кога на младиот му треба урамнотежен совет, охрабрување или поддршка.

На пример, баба ѝ на младата Дамарис живеела со неа и со мајка ѝ во истиот стан во градот. „Кога мајка ми и јас имавме проблеми во комуникацијата“, си спомнува Дамарис, „баба ми ни помогна да го средиме тоа. Ми покажуваше како да гледам поинаку на работите.“

Александрија имала слично искуство кога нејзиното семејство се преселило и таа морала да се префрли во друго училиште. „Мојата нова наставничка имаше тежок карактер и понекогаш ќе се разлутеше“, рекла Александрија. Затоа, нејзе ѝ било тешко да се привикне на новото училиште. Меѓутоа, баба ѝ ѝ станала сојузник. Ѝ помогнала на Александрија да се привикне со тоа што ја охрабрила попозитивно да гледа на ситуацијата. „Сега го сакам училиштето и мојата наставничка“, вели Александрија.

Еден младич од Бразил по име Рафаел размислува за помошта што му ја дале баба му и дедо му кога продолжил да се школува откако го завршил средното училиште: „Ми даваа многу совети за дружењето и како да се спротивставам на проблемите со дрогата“. Сега Рафаел служи како полновремен евангелизатор.

Во својата книга Grandparenting in a Changing World (Да се биде баба и дедо во еден свет што се менува), Еда Лешан раскажува за своето лично искуство како баба. Таа пишува: „Мојата внука ми се јави еден ден и рече: ‚Бабо, ми треба помош околу притисокот од врсниците‘. Некои од соученичките се обидувале да ја натераат да излегува со момчиња, од кои некои ѝ се јавувале по телефон“. Како резултат на тоа што внука ѝ побарала помош, баба ѝ можела да и даде совет кој ѝ помогнал. Можеби и ти ќе откриеш дека еден краток разговор со твоите баба или дедо што те сакаат може да биде извор на вистинска морална поддршка.

Честопати, бабите и дедовците се од особена помош во време на семејна криза, како што е болест или смрт. Откако татко ѝ на младата Лејси умрел по некоја тешка болест, баба ѝ ѝ помогнала да се справи со тоа. „Станавме уште поблиски од порано“, вели Лејси.

Посебна врска на љубов

Твојот однос со баба ти или дедо ти може да биде без некои од тензиите што понекогаш постојат меѓу младите и нивните родители. Зошто би можело да е така? Една причина е тоа што бабите и дедовците честопати имаат една посебна врска со своите внуци. Библијата вели: „Старите луѓе се гордеат со своите внуци“ (Пословици 17:6, Today’s English Version).

Исто така, не заборавај дека твоите родители — а не твоите баба и дедо — мораат да ја носат тешката одговорност да те подигаат „во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4). Бидејќи нивната улога не бара толку многу од нив, твоите баба и дедо можеби не се толку склони да те критикуваат како твоите родители. Исто така, бабите и дедовците обично не се оптоварени со одговорностите и притисоците на секојдневната грижа за семејството. Бидејќи може да се релативно ослободени од таквите стресови, можеби им е полесно да одговорат на твоите потреби или да ти посветат внимание. Седумнаесетгодишниот Том се сеќава на вниманието што му го посветиле баба му и дедо му. Му испраќале „мали подароци заради добрите оценки на училиште“; ги платиле дури и неговите часови по пијано.

Се разбира, не можат да даваат такви подароци сите баби и дедовци, но сепак можат да покажат дека се заинтересирани за тебе, можеби со тоа што ќе те пофалуваат или ќе те охрабруваат или внимателно ќе те слушаат одвреме навреме. Ова може да создаде длабоки врски на пријателство меѓу вас. Во врска со својата баба, Дамарис вели: „Со неа се чувствувам опуштено и можам во секое време да појдам кај неа за да разговараме затоа што секогаш сака да слуша — дури и ако она што го зборувам не е многу разумно“. И младиот Џонатас може слободно да разговара и има прилика да зборува за сериозни работи со своите баба и дедо.

Размена

Иако бабите и дедовците можат да ти ја дадат својата мудрост и љубов, и ним може да им користи твојата младешка енергија и друштво. На кој начин? Па, веројатно има повеќе начини на кои можеш да им помогнеш и да ги поддржиш баба ти и дедо ти. Најчесто, нивната физичка сила опаѓа. Или можеби се борат со слабо здравје. Несомнено ќе бидат охрабрени ако им помогнеш во пазарувањето и во домашните обврски.

Многу баби и дедовци се вдовици или вдовци и понекогаш се осамени. Покажувајќи активен интерес за нив, можеш многу да придонесеш да им помогнеш да се борат со чувствата на осаменост и да го задржат својот елан во животот. Таквото постапување е еден начин да ја следиш библиската заповед ‚да им плаќаш должен надоместок на [твоите] дедо и баба, зашто тоа е прифатливо во Божји очи‘ (1. Тимотеј 5:4).

Без сомнение, ако се зближиш со баба ти и дедо ти, твојот живот ќе биде побогат — како и нивниот! Можеби досега не сте биле блиски. Можеби сакаш да го промениш тоа но не знаеш од каде да почнеш. Можеби твоите баба и дедо живеат далеку или, пак, твоите родители повеќе не се заедно и затоа си се оддалечил од баба ти и дедо ти. Статијата во следното издание ќе даде некои практични предлози за тоа како можеш да се справиш со таквите ситуации.

[Слика на страница 17]

Бабата и дедото можат да бидат добри слушатели и извор на совети и поддршка

[Слика на страница 18]

Помагај им на баба ти и дедо ти