Користи ја технологијата обѕирно и разумно
Користи ја технологијата обѕирно и разумно
Кетрин има 20-ина години и на работа користи компјутер. Но, едно време и дома постојано сурфала на Интернет, купувала преку Интернет и читала и одговарала на безброј мејлови. Сепак, таа ја користела технологијата многу поумерено отколку нејзините помлади колеги. „Зошто цело време ми досадуваат со глупави пораки?“ — се чуди таа. „Зар не можеме да се слушнеме на телефон, да направиме муабет како луѓе?!“
ВО ЗБОРОВИТЕ на Кетрин има голема иронија зашто и телефонот не претставува директен контакт. Сепак, Кетрин е во право: многу од уредите што се наменети за да ги поврзат луѓето, всушност, емоционално ги оддалечуваат. Следниве библиски начела ќе ти помогнат урамнотежено да ја користиш технологијата.
◼ „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). Овие зборови на Исус Христос можеме да ги примениме и на мобилните телефони и на компјутерите, што значи дека треба да се однесуваме кон другите со почит и да покажуваме убави манири. „Јас и маж ми бевме во еден ресторан“, раскажува Ана. „Двајца мажи вечераа на масата до нас. Но, едниот од нив цело време зборуваше на мобилниот — зборуваше и јадеше. Нам ни падна жал за неговиот пријател, кој јадеше ‚сам‘.“ Како ќе се чувствуваше ти да беше на местото на тој човек? Ќе беше повреден? Разочаран? Да, тоа што можеме да го користиме мобилниот телефон речиси секаде и во секое време не значи дека треба да го правиме тоа. Зборовите на Исус се начело по кое треба да се водиме.
◼ „Добро внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Откупувајте си време“ (Ефешаните 5:15, 16). Времето е скапоцен дар од Бог, и не треба да го трошиме залудно. Точно е дека технологијата може да ни заштеди време. На пример, на Интернет побрзо се наоѓаат информации, се прават банковни трансакции и се купува. Но, исто така Интернетот може да ни го украде времето ако со часови бесцелно сурфаме.
Друг начин на кој може да си го губиме времето е ако правиме повеќе работи паралелно
— ако во исто време работиме на компјутер, гледаме телевизија и зборуваме на телефон или ако час праќаме имејл час работиме нешто друго на компјутерот. Зошто нема да биде ефикасно ако правиме повеќе работи истовремено?„Речиси е невозможно да стекнеш подлабоко знаење за која и да било од задачите што ги вршиш истовремено“, вели неврологот д-р Џордан Графман. Едноставно не можеме да се концентрираме на повеќе работи во исто време — некоја од нив ќе страда. Според тоа, ако се зафатиме со повеќе работи, ќе ги завршиме површно и нема да ни останат во главата. Исто така, кога луѓето брзо го префрлаат вниманието од една работа на друга, почесто прават грешки и им треба „многу повеќе време за да ги завршат работите — понекогаш и повеќе од дупло — отколку што би им требало доколку ги прават една по една“, вели еден извештај во списанието Time. Затоа, размисли двапати пред да се зафатиш со повеќе активности во исто време — можеби на крајот од денот работата пак ќе ти остане незавршена!
◼ „Чувајте се од секаква лакомост, бидејќи, дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Од материјалните поседи, сеедно колку се скапи или модерни, не произлегува ни животот ни вистинската среќа. Само Бог може да ни го даде тоа. „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“, рекол Исус (Матеј 5:3). Овој комерцијален свет, од друга страна, ја изедначува среќата со материјалните работи. ‚Купувај, купувај, купувај!‘ — вели тој. ‚Мораш да го имаш најновото!‘ Не дозволувај му да те измами. Биди мудар. Пред да си ги дадеш тешко заработените пари, размисли зошто сакаш да купиш нешто и дали навистина ти треба. Имај на ум и дека на повеќето производи на високата технологија брзо им паѓа цената. Затоа, ако навистина ти треба некој електронски уред, прашај се: ‚Морам ли да го имам најновиот? И морам ли да купам уред со сите скапи додатни функции што можеби никогаш нема да ги користам?‘
Благослов или проклетство — изборот е твој!
Кетрин, која ја спомнавме претходно, се испаничила кога личниот компјутер ѝ се расипал. „Прво бев во шок“, вели таа, „но решив да не купувам веднаш нов. По еден месец, се чувствував многу поопуштено и читав повеќе. Имам компјутер на работа и, по работното време, можам да го користам за да контактирам со пријателите. Но, повеќе не сум опседната со тоа постојано да бидам ,на мрежа‘. Технологијата повеќе не ми го контролира животот.“
Факт е дека многу производи на науката и технологијата се практични и можат да ни заштедат многу време и сила. Затоа, ако треба да ги користиш, користи ги, но прави го тоа одговорно и обѕирно. Како? Луѓето нека ти бидат поважни од технологијата. Не губи си скапоцено време и пари на уреди или компјутерски програми што не ти требаат. Не користи го Интернетот или другите медиуми за да гледаш неморал и насилство. Не дозволувај да станеш зависник од технологијата. Накратко кажано, биди мудар — држи се за проверените начела запишани во Божјата реч, Библијата. Да, „Јехова дава мудрост, од неговата уста доаѓаат знаењето и проникливоста“ (Изреки 2:6).
[Рамка на страница 9]
МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ, КОМПЈУТЕРИТЕ И ДОБРИТЕ МАНИРИ
Како можеш да ги користиш мобилниот и компјутерот обѕирно? Размисли за следниве предлози.
◼ Не користи го мобилниот во ситуации кога ќе им пречиш на другите. Ако е потребно, исклучи го.
◼ Не дозволувај телефонот да те прекине сред важен разговор со некого лице в лице, освен во итен случај.
◼ Кога разговараш на телефон, внимателно слушај го соговорникот.
◼ Немој да фотографираш некого со својот мобилен ако тој го смета тоа за неучтиво или ако му е непријатно.
◼ Не паѓај во искушение да ја препратиш секоја „интересна“ електронска порака што ќе ја добиеш. Можеби примателите нема да ја ценат.