Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сите сме едно семејство

Сите сме едно семејство

Сите сме едно семејство

ШТО мислиш за луѓето што имаат поинаква боја на кожата или што се од друга етничка група? Дали ги гледаш како еднакви на тебе? За жал, мнозина сметаат дека некои раси се подредени во однос на другите. Според еден речник, „расизмот е верување дека расата е одлучувачкиот фактор за човечките одлики и способности и дека расните разлики придонесуваат за вродена надмоќ на одредена раса“.

Ова верување има предизвикано големи штети. Чувствата на расна надмоќ „се користат како оправдание за нечовечното колонизирање и поробување на други групи луѓе“, пишува професорот Вен-Шинг Цен во својата книга Прирачник за културната психијатрија (Handbook of Cultural Psychiatry). Тој уште додава дека расната припадност се користи за „да се оправдаат општествените, економските и политичките нееднаквости“. И ден-денес расизмот е присутен во многу делови од светот. Но дали ова штетно верување се темели на факти? Што велат науката и Библијата?

Што вели науката?

Откритијата на полето на генетиката потврдуваат дека расизмот нема основа. Научниците што ги проучуваат луѓето од разни континенти открија дека разликите во ДНК меѓу две случајно избрани лица од различни краишта на светот се околу 0,5 отсто. * А од 86 до 90 отсто од тие разлики се среќаваат во рамките на истата раса. Според тоа, само 14 отсто или помалку од тие 0,5 отсто разлики се појавуваат помеѓу различни раси.

Бидејќи „генетски гледано, сите луѓе се исти“, вели весникот Nature, „генетиката може и треба да биде важна алатка што ќе помогне да се разјаснат и да се решат расните прашања“.

Ваквото размислувње не е ништо ново. Уште во 1950 год., УНЕСКО објави неколку соопштенија за борба против расизмот. Автори на тие соопштенија беа антрополози, генетичари и социолози. Но, расизмот сѐ уште постои. Очигледно, не е доволно само да се биде свесен за фактите. Тие мора да допрат и до срцето, односно до внатрешната личност. „Од срцето излегуваат зли мисли“, рекол Исус Христос (Матеј 15:19, 20).

Што вели Библијата?

Библијата била напишана за да допре до срцето. На пример, освен научната вистина дека „[Бог] од еден човек го направи целиот човечки род за да живее по целото лице на земјата“, Библијата уште вели: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35; 17:26). Зарем е можно да не сакаш еден таков праведен Бог? (5. Мојсеева 32:4).

Јехова Бог сака да ја покажеме својата љубов кон него со тоа што ќе се трудиме да покажуваме особини како неговите. „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца, и живејте во љубов“, се вели во Ефешаните 5:1, 2. ‚Да живееме во љубов‘ вклучува да ги сакаме луѓето како што ги сака Бог, без разлика на нивната боја на кожата или етничка припадност (Марко 12:31).

Бог нема да ги прифати како свои слуги оние чии срца се исполнети со злоба, во која спаѓаат и омразата и расните предрасуди (1. Јованово 3:15). Всушност, многу близу е времето кога Бог ќе ги збрише злобните луѓе од лицето на Земјата. Ќе останат само оние што имаат особини како неговите. Тогаш луѓето навистина ќе бидат едно семејство — и во физички и во духовен поглед (Псалм 37:29, 34, 38).

[Фуснота]

^ Меѓутоа, релативно малиот број генетски разлики меѓу луѓето може да биде од големо значење за медицината, затоа што некои болести се генетски условени.

[Истакната мисла на страница 23]

„Генетски гледано, сите луѓе се исти“