Одгледување орхидеи — стрпливоста се исплаќа!
Одгледување орхидеи — стрпливоста се исплаќа!
ОДГЛЕДУВАЊЕТО орхидеи може да биде вистинска зараза. Некои љубители на овие цвеќиња со часови ги учат латинските имиња на своите омилени сорти за да можат правилно да ги изговорат. Што е тоа што толку многу ги одушевува?
На разновидноста на орхидеите ѝ нема крај. Во дивината се откриени околу 25.000 различни видови, а според некои официјални организации има уште 100.000 вештачки хибриди! Називот „вештачки хибриди“ не укажува на тоа дека ботаничарите успеале да создадат нови живи организми од почва, вода и воздух, туку дека овие хибриди настанале со вкрстено опрашување од човечка рака.
И природните и хибридните сорти имаат најразлична големина. Некои орхидеи се толку ситни што мора да се набљудуваат со лупа, додека други можат да разубават некој прозорец. Една орхидеја што расте во индонезиските прашуми може да тежи и преку 500 килограми!
Меѓу орхидеите постои голем спектар од бои и форми. Некои од нив личат на пчели, пеперутки и птици, а други имаат уникатна форма која не наликува на ништо што досега си го видел. Вторите се многу привлечни, особено за одгледувачите на орхидеи. Долги години, овие убави растенија беа привилегија само на богатите, но сега орхидеите се за сечиј џеб. Прочитај ја приказната за убавите орхидеи во кои денес можеме да уживаме?
Страст за орхидеи
Луѓето со векови им се восхитувале на орхидеите, но дури во поново време одгледувачите научиле како успешно да ги размножуваат. Во 1856 год., процветала првата хибридна орхидеја добиена со вештачко вкрстување. Меѓутоа, одгледувањето на овие прекрасни, но нежни цвеќиња повеќе претставувало макотрпна работа отколку уживање.
Орхидеите имаат многу ситно семе — некои семиња се како честички прав. Ракувањето со такво минијатурно семе било, и сѐ уште е, голем предизвик, но најголемата
тешкотија била да се поттикне нивниот раст. Одгледувачите со децении експериментирале со различни материјали и услови за да откријат во каква средина ’рти семето на орхидејата. Во 1922 год., еден научник од Универзитетот Корнел во САД открил дека ова семе ’рти и се развива кога ќе се стави во смеса од вода, шеќер и агар-агар (желатин од морски алги). За кратко време, љубителите на орхидеи произвеле голем број нови хибридни сорти. Дури може да се каже дека страста за орхидеите не згаснува бидејќи секоја година се појавуваат сѐ понови сорти.Но, долго време пред луѓето да почнат да ги одгледуваат, орхидеите растеле во дивината. Како настануваат хибриди во природни услови?
Орхидеите во дивината
Ако два или повеќе сродни видови орхидеи цветаат на исто место, можат да настанат природни хибриди. Во природата, инсектите и некои други суштества играат улога на опрашувачи. Кога опрашувачот ќе дојде на една орхидеја во потрага по нектар, поленот од тој цвет му се прилепува на телото и ги опрашува следните цветови каде што ќе отиде. Тогаш, таа втора орхидеја може да биде оплодена и да роди чушка (плод).
Со текот на времето, чушката зрее, се отвора и ослободува илјадници, па дури и милиони семчиња. Некои од нив паѓаат на земја, а другите ги носи ветерот. Но, многу е тешко да преживеат откако ќе фатат корен, и мал број од нив успеваат да созреат. Оние што ќе пораснат откако поленот од еден вид ќе оплоди друг вид се наречени природни хибриди. А како се добива вештачки хибрид?
Вештачки хибриди
Хибридните орхидеи наследуваат карактеристики од двата родитела. Затоа, еден одгледувач треба најпрво да одлучи каков цвет сака да добие: со каква боја, дали со шари или со точки, колку голем ќе биде и
каков мирис ќе има. Потоа, треба да избере две орхидеи за кои мисли дека ќе му ги пренесат на своето потомство пожелните карактеристики. На пример, едниот вид би можел да биде златното чевличе (Paphiopedilum armeniacum), кое било откриено во Кина во 1979 год. Честопати оваа орхидеја им пренесува на своите хибридни потомци златожолта боја, и некои од нив се навистина прекрасни.Откако ќе ги набави двата соодветни вида, одгледувачот го отстранува сиот полен од „мајката“, т.е. од цветот што ќе прими полен од другата орхидеја наречена растение-опрашувач или „татко“. Со чепкалка за заби или со нешто слично го зема поленот од „таткото“ и го нанесува при основата на столпчето на „мајката“. Потоа оваа опрашена орхидеја ја означува со имињата на двата родитела и со датумот на опрашувањето.
Неопходна е стрпливост
Доколку дојде до оплодување, во цветот на „мајката“ започнува еден неверојатен процес. Од столпчето до делот на цветот познат како плодник, или овариум, се издолжуваат минијатурни цевчиња од поленот што про’ртил. Потоа, плодникот разраснува и формира чушка. Во неа се формираат стотици илјади ситни семчиња, а секое од нив е поврзано со по едно цевченце. За да узрее чушката, можеби ќе треба да поминат неколку месеци или нешто повеќе од една година. Тогаш одгледувачот го собира семето и го става во стерилизиран стаклен сад со раствор од агар-агар и хранливи состојки. Ако овие семчиња никнат, за кратко време ќе се појават мали орхидеи кои наликуваат на килим од зелена трева.
По неколку месеци, одгледувачот ги префрла младите растенија од стаклениот сад во една саксија, каде што постојано ги надгледува и често ги залева за да не се исушат. По некое време, своите нови орхидеи ги расадува во посебни саксии. Тогаш е потребна посебна стрпливост, бидејќи може да поминат неколку години, па дури и цела деценија пред да се појави нивниот цвет.
Замисли си колку е среќен одгледувачот кога ќе го здогледа цветот на орхидеја што самиот ја одгледувал! Доколку се работи за нов хибрид, тој може да го регистрира под име што самиот ќе го избере. Потоа, сите хибриди добиени со вкрстување на тие два рода, односно вида ќе се нарекуваат според името под кое е регистриран првиот примерок.
Одвреме-навреме некој одгледувач ќе пронајде идеална комбинација што предизвикува сензација кај другите одгледувачи. За својот труд може да биде награден, а неговите прекрасни растенија да достигнат високи цени. Но, најголемата награда е да се види цвет на добиениот хибрид, сеедно дали тоа ќе донесе некаква финансиска корист или не.
Сега знаеш дека, за да се добие една прекрасна орхидеја на која ти ѝ се восхитуваш, било потребно многу време и стрпливост. Но, всушност, она што го прават луѓето за да добијат хибридни орхидеи, всушност, не е ништо во споредба со делото на Јехова — величествениот Творец на сѐ што е живо. Во секое растение тој го ставил сложениот генетски код кој овозможува да постојат вакви убави цветови. Ние само уживаме во неговата љубов кон уметноста, која се гледа во неверојатната разноликост на хибридните орхидеи. Псалмистот Давид со право напишал: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил, полна е земјата со твоите творби“ (Псалм 104:24).
[Слика на страница 17]
Хибридот „Beallara“
[Слика на страница 17]
Хибридот „Doritaenopsis“
[Слика на страница 18]
Хибридот „Brassidium“