Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Запознај ги тајландските ридски племиња

Запознај ги тајландските ридски племиња

Запознај ги тајландските ридски племиња

На пазарите во прометниот тајландски град Чијанг Мај врие како во кошница. Народот се турка покрај уличните тезги полни со егзотична стока. Купувачите се ценкаат со трговците надвикувајќи ја вревата. Во овој северен дел од земјата, посетителите можат да сретнат припадници на разни ридски племиња од Тајланд.

ТАЈЛАНДСКОТО население, кое брои околу 65 милиони, го сочинуваат и 23 етнички малцинства познати како ридски племиња. Поголемиот дел од нив живеат во северен Тајланд, предел прошаран со планини, реки и плодни долини кој се протега сѐ до Мјанмар и Лаос.

Повеќето од овие ридски племиња се доселиле тука во последните 200 години. Од шесте поголеми племиња, најбројно е племето Карен доселено од Мјанмар. Племињата Лаху, Лису и Ака дошле овде од провинцијата Јунан во планинските предели на југозападна Кина. А племињата Монг и Мијен се доселиле од централна Кина. *

Главни причини за овие миграции биле војните, социјалните притисоци и борбата за плодна земја. * Северен Тајланд бил идеално прибежиште бидејќи бил доволно оддалечен, имал планини и претежно бил ненаселен. Освен тоа, тајландските власти им дозволиле на имигрантите да останат тука. За кратко време, насекаде почнале да никнуваат нивни села во кои еднододруго живееле различни племиња. Така настанал еден мозаик од култури и јазици.

Карактеристични носии и интересни обичаи

Секое племе има своја носија. На пример, жените од племето Ака носат раскошни сребрени украси на главата кои личат на елегантни кули прекриени со реси, везови и парички. Некои нивни украси за главата изгледаат како шлемови, а направени се од метални плочки, светкави копчиња, мониста и топчиња. Жените од племето Мијен се истакнуваат со прекрасно извезени панталони за чија изработка се потребни и до пет години. Нивната раскошна облека ја дополнуваат убавите турбани, долгите туники со црвени пердувести јаки и виолетово-сини појаси.

Во свечени прилики, жените од ридските племиња носат и низа од сребрени украси кои ѕвечкаат и светкаат, со што на одушевените набљудувачи и на потенцијалните додворувачи им го објавуваат својот статус и имотна состојба. Некои од нив носат и украси направени од стакло, дрво и конец.

Повеќето горјани се гордеат со своите традиционални обичаи. На пример, тинејџерите од племето Карен најмногу се дотеруваат кога одат на погреб. Зошто? Во овие прилики се собираат голем број тинејџери надевајќи се дека таму ќе го сретнат својот иден брачен другар. По зајдисонце, младите — и машките и женските — се фаќаат за раце, бавно го обиколуваат покојникот и цела ноќ пеат народни љубовни песни.

Тинејџерите од племето Монг се додворуваат играјќи посебна игра за време на новогодишната прослава. Момчињата и девојките кои се симпатизираат се редат едни спроти други на раздалеченост од неколку чекори. Потоа момче и девојка си подаваат мека платнена топка. Кога едниот случајно — или намерно — ќе ја испушти топката, му дава мал украс на другиот. Нешто подоцна истата вечер, овие предмети можат да се откупат со песна. Ако пеењето е добро, тоа може да привлече многу народ, но и да ги зголеми шансите на младата личност да го освои срцето на својата симпатија.

Промени во начинот на живот

Порано, повеќето ридски племиња безмилосно ги сечеа и ги гореа недопрените шуми за да направат место за своите посеви и да одгледуваат добиток. Ваквата навика предизвика сериозни еколошки проблеми. Но, сега тие ја обработуваат земјата поодговорно, а тоа доведе до позитивни резултати.

Бидејќи живеат во таканаречениот Златен Триаголник — област која опфаќа делови од Тајланд, Лаос и Мјанмар — многу ридски племиња порано одгледуваа опиум. Денес тие одгледуваат кафе, зеленчук, овошје и цвеќиња благодарение на програмите за замена на посевите кои ги финансираат тајландското кралско семејство и меѓународните хуманитарни организации. Многу од овие планински жители се занимаваат и со трговија, вршат разни услуги и прават народни ракотворби за потребите на туризмот кој зема голем замав во земјата.

Сепак, сиромаштијата, лошите санитарни услови и неписменоста им го отежнуваат животот на многумина. Други негативни појави се исцрпувањето на природните богатства, културните промени, расните предрасуди, како и злоупотребата на дрога и алкохол. Предците на ридските племиња пребегнале во Тајланд за да се ослободат токму од таквите проблеми. Но, каде може да се најде прибежиште денес?

Сигурно прибежиште

Многу припадници на овие племиња го нашле најсигурното прибежиште што некој може да го има — вистинскиот Бог, Јехова. Во Псалм 34:8, Библијата вели: „Вкусете и видете колку е добар Јехова! Среќен е човекот кому тој му е прибежиште!“ Џолеј, припадник на племето Лаху, раскажува: „Кога се оженив, имав 19 години и бев тежок пијаница и наркоман. Без дрога не можев да работам, а без работа немав пари. Жена ми Анотај се чувствуваше несакана и напуштена. Постојано се каравме.

Откако се роди нашата ќерка Супавади, Анотај почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Јас бегав во шумата секојпат кога тие ќе дојдеа кај нас. Но, по кратко време кај жена ми забележав позитивни промени во однесувањето. Ми се обраќаше со почит и посветуваше поголемо внимание на домашните обврски. Затоа, кога ме поттикна да ја проучувам Библијата, се согласив.

Библиските учења влијаеја врз мене, и така почнав да напредувам. Најпосле, со Божја помош, успеав да ја победам својата зависност. Сега моето семејство е навистина среќно бидејќи го најдовме најдобриот начин на живот! Исто така, ни причинува голема радост да зборуваме за корисните библиски учења и со другите припадници на ридските племиња“.

Зборовите на Џолеј нѐ потсетуваат на едно пророштво од библиската книга Откровение каде што се вели дека, во последните денови од сегашниов злобен свет, „на секој народ и племе и јазик и народност“ ќе му се објавува ‚вечната добра вест‘ (Откровение 14:6). За Јеховините сведоци е голема чест да учествуваат во тоа дело кое е доказ дека Бог многу ги сака луѓето, како што се тајландските ридски племиња (Јован 3:16).

[Фусноти]

^ пас. 4 Племињата може да имаат и по неколку имиња. На пример, во различни земји, племето Мијен се вика Лу Мијен, Мијан, Јау, Дау, Зау или Ман.

^ пас. 5 Голем дел од припадниците на овие ридски племиња сѐ уште живеат во Кина, како и во Виетнам, Лаос и Мјанмар. Во поново време, во многу земји, како што се Австралија, Франција, САД и други, се оформија големи имигрантски заедници од овие племиња.

[Рамка/слика на страница 16]

ДАЛИ ВРАТОТ Е ПОДОЛГ?

Кајанските жени се спремни многу да трпат за убавина. Имено, околу вратот редат прстени од сјаен месинг кои можат да достигнат висина и до 40 сантиметри. * Овој процес започнува кога девојчињата имаат околу пет години. На секои две-три години, прстените им се заменуваат со поголеми и потешки. Како возрасни, жените носат и до 25 прстени кои можат да тежат речиси 13 килограми! На прв поглед се чини дека вратовите им се издолжени, но не е така. Всушност, прстените околу вратот со својата тежина само им ја спуштаат клучната коска и им го притискаат градниот кош.

[Фуснота]

^ пас. 25 Кајаните дошле во Тајланд од Мјанмар, каде што сѐ уште живеат околу 50.000 припадници на ова племе. Таму се познати како Падаунг, што значи „долговрати“.

[Извор на слика]

Музеј на ридските племиња, Чијанг Мај

[Рамка на страница 17]

ЛЕГЕНДИ ЗА ГОЛЕМИОТ ПОТОП

Племињата Лису и Монг имаат легенди за сеопшта поплава. Според легендата на племето Монг, „Господарот на небото“ предупредил двајца браќа дека на целата земја ќе дојде потоп. На постариот брат, кој бил насилен, му кажал да направи брод од железо, а на помалиот брат, кој бил кроток, да направи брод од дрво. Потоа му кажал на помалиот да ја поведе со себе на бродот сестра си, да земе машко и женско од секое животно и по две семки од секое растение.

Кога дошол потопот, железниот брод потонал, а дрвениот можел да плови по водата. Потоа еден змеј кој личел на виножито ја исушил земјата. На крајот, помалиот брат се оженил со сестра си, а нивните потомци повторно ја населиле Земјата. Забележи ги сличностите помеѓу оваа легенда и извештајот во Светото писмо кој е точно документиран, а може да се најде во 1. Мојсеева од 6. до 10. поглавје.

[Слика на страници 16 и 17]

Жени во свечена облека

[Извор на слика]

Музеј на ридските племиња, Чијанг Мај

[Слики на страница 17]

Џолеј и неговото семејство

[Извор на слика на страница 15]

И двете слики: Музеј на ридските племиња, Чијанг Мај