Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вистината за Божиќ

Вистината за Божиќ

Вистината за Божиќ

ДАЛИ мислиш дека е важно да се знае потеклото на некои обичаи и верски учења? Можеби веќе си размислувал за следниве прашања: 1) Дали Исус е навистина роден на 25 декември? 2) Кои биле „мудреците“ и дали биле само тројца? 3) Каква „ѕвезда“ ги водела до Исус? 4) Каква врска има Дедо Мраз со Исус и со неговото раѓање? 5) Како гледа Бог на обичајот да се даваат, или поточно, да се разменуваат подароци на Божиќ?

Да видиме како библиските извештаи и историските факти ни помагаат да го дознаеме одговорот на овие прашања.

1) Дали Исус е роден на 25 декември?

Верувања и обичаи: Според традиционалното верување, Исус се родил на 25 декември, па затоа на тој датум се слави неговиот роденден. a Речникот на македонскиот јазик од Зозе Мургоски го дефинира зборот Божиќ како „христијански празник по повод Христовото раѓање“.

Потекло: Во Божиќната енциклопедија (The Christmas Encyclopedia) стои следново: „Датумот 25 декември не е одбран на темел на некој библиски извештај, туку затоа што се поклопувал со паганските римски празници кои се одржувале при крајот на годината“ околу зимската краткодневица. Во тоа време се одржувале Сатурналиите, празници посветени на Сатурн, богот на земјоделството. Тоа биле „свечености со кои истовремено се славеле два бога на Сонцето — римскиот Сол и персискиот Митра“, стои во истата енциклопедија. Раѓањето на двата бога се славело на 25 декември, односно на зимската краткодневица според јулијанскиот календар.

Овие пагански празници станале „христијански“ во 350 год. од н.е., кога папата Јулиј I го прогласил 25 декември за роденден на Христос. „Прославата на Рождеството Христово постепено ги примила сите обележја на обредите кои се одржувале за време на краткодневицата, и така ги заменила“, стои во една енциклопедија за религиите. „Сонцето сѐ почесто се користело како симбол за воскреснатиот Христос (кој е наречен и Сонце на правдата), а сончевиот диск... станал ореол на христијанските светци.“

Што вели Библијата: Библијата не кажува на кој датум е роден Исус. Сепак, можеме да бидеме сигурни дека тоа не е 25 декември. Зошто? Библијата вели дека, кога Исус се родил, пастирите ‚живееле надвор‘ и чувале ноќна стража над своите стада во близина на Витлеем (Лука 2:8). Студената дождовна сезона обично почнува во октомври, а ноќе пастирите ги затворале своите стада — посебно во студените ридски предели околу Витлеем. Најстудено е во декември, кога понекогаш паѓа и снег. b

Интересно е дека првите христијани, од кои многумина го придружувале Исус во неговата служба, не го славеле неговото раѓање на ниту еден датум. Наместо тоа, во склад со заповедта што тој им ја дал, ја одбележувале само неговата смрт (Лука 22:17-20; 1. Коринќаните 11:23-26). Сепак, некој може да каже: „Зарем воопшто е битно дали христијанските празници имаат паганско потекло?“ Да, битно е! Битно му е на Бог. Исус Христос рекол: „Вистинските поклоници ќе му оддаваат почит на Таткото со дух и со вистина“ (Јован 4:23).

2) Колку „мудреци“ имало и кои биле тие?

Верувања и обичаи: Тројца „мудреци“ кои следат една „ѕвезда“ од исток се прикажуваат како му носат дарови на Исус кој лежи во јасли. Понекогаш со нив се прикажани и пастири.

Потекло: Освен краткиот библиски извештај, „сѐ што е напишано за Мудреците се темели претежно на легенди“, стои во Божиќната енциклопедија.

Што вели Библијата: Библијата не ни кажува колку „мудреци“ го посетиле Исус. Можеби биле двајца, можеби тројца или четворица, а можеби и повеќе. Иако во некои библиски преводи се наречени „мудреци“, изворниот збор маги значи астролози или маѓепсници, а Библијата вели дека „секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“ (5. Мојсеева 18:10-12). Овие луѓе од исток морале да поминат долг пат, што значи дека не можеле да стигнат кај Исус додека тој сѐ уште лежел во јаслите. По напорното патување, кое можеби траело неколку месеци, ‚влегле во куќата‘ каде што бил Исус. Таму го виделе „детето со Марија, неговата мајка“ (Матеј 2:11).

3) Каква ѕвезда ги водела астролозите?

Одговор на ова прашање можеме да добиеме ако погледнеме каде ги одвела ѕвездата. Таа не ги одвела директно до Витлеем, туку најпрво во Ерусалим, каде што цар Ирод чул дека се распрашуваат за Исус. Потоа Ирод ‚тајно ги повикал познавачите на ѕвездите‘ кои му кажале дека се родил „еврејскиот цар“. Тогаш Ирод рекол: „Одете и добро распрашајте се за детето. Кога ќе го најдете, јавете ми“. Но, мотивите на Ирод воопшто не биле благородни. Напротив, овој горд и безмилосен владетел бил решен да го убие Исус! (Матеј 2:1-8, 16).

Интересно е тоа што „ѕвездата“ потоа ги одвела астролозите на југ, до Витлеем. Таму застанала над куќата во која бил Исус (Матеј 2:9, 10).

Очигледно, ова не била обична ѕвезда! Зошто Бог, кој преку ангели ги известил понизните пастири за раѓањето на Исус, би користел ѕвезда за да води пагански астролози најпрвин до непријателот на Исус, а потоа и до детето? Постои само едно разумно објаснување: таа ѕвезда потекнувала од Сатана кој е во состојба да предизвикува такви појави на небото за да ги оствари своите злобни цели (2. Солуњаните 2:9, 10). Иронично е тоа што на врвот на божиќните елки обично се става украс кој се вика Витлеемска ѕвезда.

4) Каква врска има Дедо Мраз со Исус и со неговото раѓање?

Верувања и обичаи: Во многу земји на децата им се кажува дека Дедо Мраз носи подароци. Децата обично му пишуваат писма за да го замолат да им донесе подарок. Според преданието, Дедо Мраз ги прави подароците во својот дом на Северниот Пол, а во тоа му помагаат џуџиња.

Потекло: Општоприфатено е верувањето дека бајката за Дедо Мраз настанала на темел на приказната за свети Никола, бискуп од Мира во Мала Азија (денешна Турција). „Речиси сѐ што е напишано за св. Никола се темели на легенди“, стои во Божиќната енциклопедија. И од историска и од библиска гледна точка, Дедо Мраз нема никаква врска со Исус Христос.

Што вели Библијата: „Сега кога сте ја отфрлиле лагата, зборувајте ја вистината секој на својот ближен“. А нашите најблиски се членовите на нашето семејство (Ефешаните 4:25). Библијата ни кажува и дека треба ‚да ја сакаме вистината‘ и ‚да ја зборуваме вистината во своето срце‘ (Захарија 8:19; Псалм 15:2). Може да изгледа наивно да им кажуваме на децата дека Дедо Мраз им носи подароци за Божиќ. Но, дали е исправно и мудро да ги лажеме малите деца, дури и кога тоа не го правиме со лоша намера? Зар не е иронично што празникот со кој наводно му се искажува чест на Исус станал прилика да се мамат децата?

5) Како гледа Бог на божиќните дарови и прослави?

Верувања и обичаи: Давањето подароци за време на Божиќ е всушност размена на подароци, а божиќната прослава се сведува на јадење, пиење и забава.

Потекло: Во стариот Рим, Сатурналиите траеле од 17 до 24 декември, кога луѓето си давале подароци. По домовите и на улиците било многу бучно — се приредувале разуздани гозби и пијанки. По Сатурналиите се славел први јануари, а прославата обично траела три дена. Сатурналиите и први јануари веројатно се славеле како еден празник кој траел со денови.

Што вели Библијата: Радоста и дарежливоста се одлики на вистинските Божји слуги. „Веселете се, праведници! Извикувајте радосно“, вели Библијата (Псалм 32:11). Таква радост чувствуваат оние кои се великодушни (Изреки 11:25). „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“, рекол Исус Христос (Дела 20:35). Тој нѐ поттикнал да стекнеме навика ‚да им даваме на другите‘, односно давањето да стане составен дел од нашиот живот (Лука 6:38).

Но, не би требало да даваме само затоа што сме принудени или затоа што тоа е обичај. Библијата опишува што значи да се биде вистински дарежлив. Таа вели: „Секој да дава од сѐ срце, а не со жал или принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Коринќаните 9:7, Превод на МПЦ). Оние што ги следат ваквите прекрасни библиски начела даваат затоа што на тоа ги поттикнува нивното великодушно срце и го прават тоа преку целата година. Тие се благословени од Бог, а давањето никогаш не им е товар.

Празник што се темели на лаги

Кога Божиќ ќе се испита во светлината на Библијата, станува јасно дека речиси сите карактеристики на овој празник имаат паганско потекло или се темелат на извртени библиски извештаи. Според тоа, божиќните обичаи немаат ништо заедничко со вистинското христијанство. Како тогаш Божиќ станал толку познат христијански празник? Како што прорекла и Библијата, неколку векови по смртта на Христос се појавиле многу лажни учители (2. Тимотеј 4:3, 4). На овие расипани луѓе им било поважно христијанството да им го направат привлечно на колку што е можно повеќе пагани отколку да ги поучат за вистината. Затоа, почнале да слават пагански празници кои ги нарекувале „христијански“.

Зборувајќи за овие „лажни учители“, Библијата предупредува: „Ќе ве искористуваат со измамливи зборови. Но осудата која одамна им е изречена не доцни, и нивната пропаст не дреме“ (2. Петрово 2:1-3). Јеховините сведоци ги сфаќаат овие зборови сериозно. Исто толку сериозно ја сфаќаат и целата Библија бидејќи ја сметаат за Божја Реч (2. Тимотеј 3:16). Затоа, ги отфрлаат лажните верски учења и не слават празници што се темелат на такви невистини. Дали поради тоа се помалку среќни? Напротив! Како што ќе видиме во следната статија, тие лично се увериле дека библиската вистина носи слобода!

[Фусноти]

a Во некои православни земји, Исусовото раѓање се слави на 7 јануари. Православната црква во овие земји се води по јулијанскиот, наместо по грегоријанскиот календар, поради што се јавува оваа разлика. Но, 7 јануари е всушност 25 декември според јулијанскиот календар. Од таа причина, аргументите изнесени во оваа статија важат и за 7 јануари.

b Изгледа дека Исус се родил во еврејскиот месец етаним, што одговара на втората половина на септември и почетокот на октомври.

[Рамка/слика на страница 8]

КОРОВ АКО СЕЕШ, КОРОВ ЌЕ ЖНЕЕШ

Едно време црковните водачи „грчевито се бореле против сѐ што е паганско“, вели книгата Божиќни обичаи и преданија — нивното потекло и значење (Christmas Customs and Traditions—Their History and Significance). Но, со текот на времето, им станало поважно да ги наполнат црквите отколку да поучуваат за вистината. Затоа, почнале да замижуваат пред паганските обичаи, а подоцна и да ги прифаќаат.

Библијата вели: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7). Откако ги засеале своите полиња со пагански учења, црквите не би требало да се изненадат што тие обраснале со „коров“. Имено, празникот со кој наводно се слави раѓањето на Исус станал изговор за опивање и разуздани забави. Освен тоа, трговските центри се попосетени од црквите, семејствата заглавуваат во долгови за да купат подароци, а децата не можат да разликуваат бајка од стварност, да прават разлика помеѓу Дедо Мраз и Исус Христос. Со добра причина Бог вели: „Повеќе не допирајте ништо што е нечисто“ (2. Коринќаните 6:17).

[Слики на страница 7]

За време на Божиќ, луѓето јадат, пијат и се забавуваат, како што било случај и за време на римските Сатурналии

[Извор на слика на страница 7]

© Mary Evans Picture Library