Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ИНТЕРВЈУ | ПАОЛА КЈОЦИ

A Biochemist Explains Her Faith

A Biochemist Explains Her Faith

Веќе над 20 години, д-р Паола Кјоци работи како молекуларен биолог на Универзитетот во Ферара (Италија). Разбудете се! зборуваше со неа за нејзината професија и вера.

Кажете ни нешто за Вас.

Татко ми беше чевлар, а мајка ми работеше на фарма. Но, јас сакав да бидам научник. Околу мојот дом имаше толку убави цвеќиња, птици и инсекти што просто ме оставаа без здив. Верував дека мора да ги создал некој многу помудар од човекот.

Дали тоа значи дека отсекогаш верувавте во Творец?

Не. Всушност, уште како дете почнаа да ми се раѓаат сомнежи во врска со Бог. Татко ми ненадејно почина од срцев удар и се прашував зошто Оној што создал толку убави работи дозволува луѓето да страдаат и да умираат.

Дали науката Ви помогна да најдете одговор?

Не веднаш. Кога станав молекуларен биолог, почнав да ја изучувам смртта — нормалното, програмирано изумирање на клетките од кои е составено нашето тело. Ова е сосема различно од неконтролираното изумирање на клетките кое предизвикува воспаленија и гангрена. До пред неколку години, научниците не обрнуваа големо внимание на овој процес, иако е неопходен за нашето здравје.

Во која смисла програмираното изумирање на клетките е неопходно?

Нашето тело се состои од билиони микроскопски клетки. Речиси сите тие мораат да умрат и да бидат заменети со нови. Секој вид клетки имаат различен животен век — некои се обновуваат на неколку седмици, а други на неколку години. Процесот на програмирано изумирање на клетките во нашето тело мора да биде прецизно контролиран за да се одржи идеална рамнотежа помеѓу изумирањето на старите и создавањето на новите клетки.

Што може да тргне наопаку?

Некои истражувања покажуваат дека кога клетките не изумираат онака како што се програмирани, може да дојде до појава на ревматоиден артритис или рак. Од друга страна, кога клетките изумираат прерано, тоа може да предизвика Паркинсонова или Алцхајмерова болест. Моите истражувања се поврзани со изнаоѓање начини на лекување на овие болести.

Како влијаеше на Вас тоа што го изучувавте изумирањето на клетките?

Да ви кажам право, бев многу збунета. Од една страна, беше толку очигледно дека овој чудесен процес е дело на некој што сака да бидеме здрави. Од друга страна, сѐ уште немав одговор на прашањето: ‚Зошто луѓето страдаат и умираат?‘

Но, сепак бевте уверена дека некој мора да го осмислил процесот на програмирано изумирање на клетките.

Да. Овој процес е несфатливо сложен, но зад прецизноста со која се одвива се гледа неизмерна мудрост. Верувам дека тоа е мудроста на Бог. Кога ги проучувам многуте сложени механизми што го регулираат овој процес, користам моќни микроскопи. Ако има потреба, некои механизми може да го активираат процесот на уништување за само неколку секунди. Самите клетки учествуваат во своето уништување. Овој процес е толку добро осмислен што влева страхопочит.

Бидејќи речиси сите наши клетки редовно се обновуваат, сосема е возможно да се живее вечно

Ве мачеа прашања во врска со Бог и страдањата. Каде најдовте одговор?

Во 1991 год., на врата ми дојдоа двајца Јеховини сведоци и веднаш ги прашав зошто умираме. Ми покажаа што вели Библијата за тоа: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта“ (Римјаните 5:12). Ако првиот човек му бил послушен на Бог, ќе живеел вечно. Веднаш видов дека ова е во склад со она што го открив преку моите истражувања. Всушност, јасно ми е дека Бог немал намера луѓето да умираат. Бидејќи речиси сите наши клетки редовно се обновуваат, сосема е возможно да се живее вечно.

Што Ве увери дека Библијата е Божја Реч?

Дознав што вели таа за Бог во Псалм 139:16: „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани“. Како биохемичар ги изучувам генетските информации запишани во нашите клетки. Како псалмистот знаел за тоа? Колку повеќе дознавав од Библијата, толку поубедена бев дека нејзин Автор е Бог.

Што Ви помогна да го разберете она што го учи Библијата?

Еден Јеховин сведок се понуди да ме поучува за Библијата. Тогаш конечно дознав зошто Бог дозволува да страдаме. Дознав и дека, како што вели Библијата, Бог има намера да „ја уништи смртта засекогаш“ (Исаија 25:8). На нашиот Творец нема да му биде тешко да направи прекрасните процеси во нашето тело да функционираат совршено за да можеме да живееме вечно.

Како го користите она што го учите од Библијата за да им помагате на другите?

Станав Јеховин сведок во 1995 год., и оттогаш се трудам да ја користам секоја прилика за да им го кажам на другите она што го учам од Библијата. На пример, една колешка беше скршена кога брат ѝ се самоуби. Нејзината црква учи дека Бог не простува самоубиство. Но, ѝ покажав дека Библијата дава надеж дека мртвите ќе воскреснат (Јован 5:28, 29). Многу ја утеши тоа што дозна дека Творецот се грижи за нас. Во такви моменти, многу поголемо задоволство наоѓам во тоа да им кажувам на другите за библиските вистини отколку во науката!