Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поглед во светот

Поглед во светот

САД

Според еден извештај на Министерството за внатрешна безбедност на САД, во изминативе 10 години, службите за безбедност на аеродромите заплениле околу 50 милиони забранети предмети. Само во 2011 год. обезбедувањето спречило да бидат внесени во авионите над 1.200 парчиња огнено оружје. Повеќето од сопствениците изјавиле дека едноставно заборавиле дека со себе носат пиштол.

Бразил

Надлежните во образовниот сектор донесоа одлука да се вградуваат електронски чипови во школските униформи со цел децата да не бегаат од часови. Родителите добиваат порака кога сензорите ќе регистрираат дека нивното дете дошло на училиште. Доколку детето доцни повеќе од 20 минути, добиваат поинаква порака.

Норвешка

Лутеранската црква повеќе не е државна религија на Норвешка. За првпат во својата историја, Парламентот на Норвешка изгласа ревизија на Уставот според која се намалува влијанието на Црквата во државните работи.

Република Чешка

Една анкета покажа дека две третини од вработените во Чешка се чувствуваат должни во своето слободно време да одговараат на телефонски повици, мејлови и пораки поврзани со работата. Повеќе од една третина сметаат дека би било неучтиво да не одговорат веднаш.

Индија

И покрај тоа што во изминативе 20 години Индија бележи пораст од речиси 50 отсто во производството на храна и има резерви од 71 милион тони ориз и пченица, нејзиното население сѐ уште се бори со гладот. Само околу 40 отсто од резервите стигнуваат до домаќинствата во Индија. Меѓу причините за проблемот се корупцијата и непотребното расфрлање на храната.