Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Џенг Хе

Џенг Хе

„Препловивме над сто илјади ли a водни пространства, видовме огромни бранови што се издигаа до небото како планини и поминавме покрај далечни места населени со варвари... нашите едра се виореа високо како облаци дење и ноќе, а нашите бродови итаа на својот пат со ѕвездена брзина, сечејќи ги бесните бранови како да јуриме по копно“ (Натпис од 15 век од градот Чангле во провинцијата Фуџијан, Кина, кој му се припишува на Џенг Хе).

КИНА е земја која се опишува со големи бројки. На пример, таа е земја со најголем број жители и една од земјите во светот со најголема површина. Нејзиниот народ го изградил Големиот кинески ѕид, еден од најграндиозните градежни потфати во историјата. Флотата што ја формирале кинеските цареви Јонгле и Ксуанде од династијата Минг била поголема од која и да било друга флота во наредните пет векови. Адмирал на таа флота бил Џенг Хе, муслиман од југозападна Кина.

МОЌ, ТРГОВИЈА И ДОМИНАЦИЈА

Според натписот делумно цитиран на почетокот од статијата, мисијата на Џенг Хе била „љубезно да им покаже на далечните народи дека ќе им биде многу подобро ако му се покорат на [кинескиот] цар“. Во натписот стои и дека, како резултат на неговите патувања, „земјите од зад хоризонтот и од најдалечните краеви на Земјата станаа поданици [на Кина]... Варвари од далечни места... дојдоа на прием [на царскиот двор] со скапоцени предмети и подароци“.

Некои од пристаништата во кои се укотвила флотата на Џенг Хе

Има поделени мислења околу тоа што сакале да постигнат царевите од династијата Минг со овие патувања. Според некои, Џенг Хе бил амбасадор на културата и добрите намери на една моќна, но мирољубива нација. За други, неговата мисија е агресивно спроведување политичка доминација над вазални држави. Точно е дека Џенг Хе им нудел прекрасни подароци и политичка поддршка на владетелите кај кои бил пречекан со раширени раце, но оние што ќе одбиеле да му се потчинат и да му станат вазали на кинескиот цар, ги покорувал и ги земал како заробеници. Поради неверојатните патувања на Џенг Хе, десетици владетели од разни земји во Индискиот Океан испратиле амбасадори во Кина да му се поклонат на царот.

Како и да е, факт е дека бродовите на Џенг Хе носеле дрвени лакирани предмети, порцелан и свила со невидена убавина изработени од вештите раце на кинеските мајстори, со кои се тргувало во далечните пристаништа. Флотата се враќала со скапоцени камења, слонова коска, зачини, тропски дрва и други луксузни предмети што биле ценети во Кина. Еднаш била донесена дури и жирафа за која се вели дека била вистинска сензација. Со ваквата размена на стоки и идеи, остатокот од светот можел да се запознае со импресивната кинеска цивилизација од 15 век.

Но, таквите неверојатни патувања завршиле. Само неколку децении по патувањата на Џенг Хе, Кина ги прекинала трговските и дипломатските врски со другите земји. Новиот цар и неговите советници кои биле конфучијанисти сметале дека нема потреба да се излегува од границите на Кина и се обиделе да ја изолираат од надворешни влијанија. Неверојатната флота на Џенг Хе ја фрлиле во заборав така што веројатно ги уништиле сите записи за нејзините епски патувања, а веројатно и самите бродови. Дури во поново време луѓето во Кина и надвор од неа дознаа за славните времиња кога огромната флота на Џенг Хе ја сечела морската шир.

a Ли е кинеска мерка за должина чија вредност се менувала низ вековите. Се смета дека во времето на Џенг Хе, еден ли изнесувал отприлика половина километар.