Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК

Како да простиш

Како да простиш

ПРЕДИЗВИК

Кога ти и твојот брачен другар се расправате, честопати се навраќате на минатото и вадите цел список со несогласувања што одамна требало да бидат решени. Во што е проблемот? Можеби не знаете да простувате.

Сепак, можете да научите. Ама најпрво, да видиме зошто на двајца сопружници би можело да им биде тешко да си простуваат.

ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА

Надмоќ. Некои мажи и жени не простуваат за да имаат некаква надмоќ над својот брачен другар. Кога ќе дојде до несогласување, користат некој настан од минатото како средство за да го добијат она што го сакаат.

Огорченост. За да се залечат раните од некоја навреда, можеби ќе треба да помине доста време. Едниот брачен другар може да рече ‚ти простувам‘, но длабоко во себе сѐ уште да чувствува огорченост за она што се случило — па дури и да има желба за одмазда.

Разочарување. Некои луѓе стапуваат во брак убедени дека животот ќе им биде како од бајките. Така, кога ќе дојде до несогласување, упорно си стојат на своето и не можат да сфатат како е можно „човекот од нивните соништа“ да размислува поинаку. Поради нереални очекувања, некој може да биде посклон да бара грешки кај другиот отколку да прости.

Погрешна слика. Многу брачни другари не простуваат затоа што не сфаќаат што, всушност, значи простувањето. На пример, можеби си мислат:

Ако простам, ќе испадне дека она што се случило не е толку сериозно.

Ако простам, ќе треба да го заборавам она што се случило.

Ако простам, повторно ќе се случи истото.

Всушност, простувањето не вклучува ниту една од овие три работи. Сепак, може да биде тешко да се прости, особено во една блиска врска како што е врската меѓу мажот и жената.

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Сфати што значи простувањето. Зборот „простува“ кој се користи во Библијата понекогаш значи „да се премине преку нешто“. Според тоа, да простиш не мора секогаш да значи дека она што се случило не е толку сериозно или дека треба да го заборавиш. Понекогаш тоа значи дека едноставно треба да преминеш преку некоја работа — и за твое добро и за доброто на твојот брак.

Размисли кои би биле последиците ако не простуваш. Според некои експерти, огорченоста може лошо да се одрази на физичката и на емоционалната состојба. На пример, може да дојде до депресија или покачен крвен притисок. Освен тоа, огорченоста е погубна и за самиот брак. Затоа, Библијата со добра причина вели: „Бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг“ (Ефешаните 4:32).

Размисли за позитивните работи од простувањето. Кога ти и твојот брачен другар спремно си простувате, покажувате дека имате доверба еден во друг и дека не водите „список со грешки“. Така нема да дозволите во вас да тлее огорченост, туку ќе расте вашата љубов. (Библиско начело: Колошаните 3:13.)

Биди реален. Многу полесно е да му простиш на твојот брачен другар ако го прифатиш таков каков што е, со сите негови маани и слабости. Во книгата Fighting for Your Marriage пишува: „Кога се концентрираш на она што го немаш, полесно е да заборавиш што сѐ имаш. На што ќе се сконцентрираш ти?“ Запомни, никој не е совршен — значи не си ни ти. (Библиско начело: Јаков 3:2.)

Биди разумен. Следниот пат кога ќе те повреди некој збор или постапка на твојот брачен другар, прашај се: ‚Дали навистина е толку сериозно? Морам ли да барам да ми се извини или можам едноставно да преминам преку она што се случи?‘ (Библиско начело: 1. Петрово 4:8.)

Ако е неопходно, разговарајте за проблемот. Смирено објасни му на твојот брачен другар што те повредило и зошто се чувствуваш така. Не му припишувај лоши мотиви и не го осудувај — со тоа само ќе придонесеш да заземе одбранбен став. Наместо тоа, кажи му како неговите постапки влијаеле врз тебе.