ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА
Морални вредности со права вредност
Кристина не можела да си поверува на очите! Нашла црно ќесе полно со пари — сума за која би требало да работи над 20 години! Знаела чие е. Но, што да прави? Што би направил ти? Твојот одговор ќе покаже како гледаш на чесноста и колку ти е важна оваа морална вредност.
ШТО се тоа вредности? Тоа се морални или етички принципи што ги сметаме за исправни и важни. Некои од нив се простувањето, чесноста, љубовта, почитта кон животот и самосовладувањето. Значи, нашите вредности влијаат врз нашето однесување, приоритети, односи со другите, како и врз моралните поуки што им ги даваме на децата. Но, и покрај тоа што се толку важни, моралните вредности се губат.
ЕРОЗИЈА НА ВРЕДНОСТИТЕ
Во 2008 година, група истражувачи во САД интервјуирале стотици млади за тоа како гледаат на моралните вредности. „Загрижува тоа колку малку размислуваат и зборуваат за морални прашања“, вели Дејвид Брукс за весникот The New York Times. Повеќето изјавиле дека силувањето и убиството се погрешни, но „освен за овие екстремни примери, за ништо друго не размислуваат дали е исправно или погрешно, дури и кога станува збор за возење во пијана состојба, препишување на тестови или изневерување на партнерот“. Една девојка рекла: „Не размислувам многу дали нешто е исправно или не“.
Многумина живеат под мотото: ‚Ако ти мислиш дека нешто е исправно, прави го. Слушај си го срцето‘. Дали е мудро да размислуваме вака?Човечкото срце е способно да сака и да сочувствува, но сепак може да биде и ‚измамливо и готово на сѐ‘ (Еремија 17:9). Доказ за ова се промените во моралната клима во светот — нешто што е претскажано во Библијата. Во неа уште одамна било запишано дека „во последните денови... луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени... без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата... повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:1-5).
Ваквата реалност би требало да нѐ наведе да не му веруваме на срцето во сѐ, да не се поведуваме слепо по него! Библијата отворено вели: „Кој има доверба во своето срце, безумен е“ (Изреки 28:26). Според овој стих, за да може срцето исправно да нѐ води, треба да дозволиме да го обликуваат здрави вредности. Каде можеме да најдеме такви вредности? Многу луѓе ги бараат во Библијата затоа што ги ценат нејзината мудрост и отвореност.
ВРЕДНОСТИ ВО КОИ МОЖЕМЕ ДА ИМАМЕ ДОВЕРБА
Вредностите што ги наоѓаме во Библијата се доказ дека Бог го имал на ум доброто на луѓето. Да разгледаме некои од нив — љубовта, љубезноста, великодушноста и чесноста.
Љубов кон другите.
„Ако си научил да сакаш, среќата нема да те одмине“, стои во книгата Engineering Happiness—A New Approach for Building a Joyful Life. Факт е дека нам луѓето ни треба љубов. Без неа, не би биле вистински среќни.
Што вели Библијата: „Облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Колошаните 3:14). Истиот библиски писател го напишал и следново: „[Ако] љубов немам, ништо не сум“ (1. Коринќаните 13:2).
Таквата љубов не е романтична ниту, пак, се води само по чувства — таа се води по начела. Таа нѐ поттикнува да му помогнеме дури и на некој што не го познаваме, без да очекуваме нешто за возврат. Во 1. Коринќаните 13:4-7 читаме: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива, не се фали, не се возвишува, не се однесува непристојно, не ја бара својата корист, не се раздразнува, не го памти злото. Не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината. Сѐ поднесува, сѐ верува... сѐ трпи“.
Кога во семејството нема ваква љубов, страдаат сите, а посебно децата. Една жена по име Моника напишала дека, како дете, била злоупотребувана физички, емоционално и сексуално. „Растев без љубов и без надеж“, вели таа. Но, на 15 години отишла да живее со баба ѝ и дедо ѝ, кои се Јеховини сведоци.
„За тие две години додека бев кај нив“, вели Моника, „ми помогнаа од срамежлива да станам отворена, пријатна и грижлива. Ми помогнаа да станам пристојна личност“. Моника сега е среќно омажена и заедно со својот сопруг и трите
деца им покажува на другите дека ги сака со тоа што им ја пренесува пораката од Библијата.Еден особено подмолен непријател на љубовта е материјализмот — верување дека материјалната благосостојба и задоволствата се највисоките вредности. Но, истражувањата одново и одново потврдуваат дека на луѓето не им треба многу за да бидат среќни — повеќе пари не се гаранција за повеќе среќа. Може да се каже дека оние што во животот се водат по материјалистички вредности, всушност инвестираат во нешто што најверојатно ќе ги направи несреќни. Ова е во согласност и со она што го кажува Библијата. Во Проповедник 5:10 читаме: „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро, и кој го сака богатството, никогаш не му е доста добивка. И тоа е суета“. Библијата исто така вели: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите“ (Евреите 13:5).
Љубезност и великодушност.
„Зар не би било убаво да влезеш во продавница и да можеш да си купиш среќа за цел живот?“ стои во статија издадена во САД од една организација при Калифорнискиот универзитет во Беркли. „Ова и не е толку далеку од вистината — доколку она што ќе го купиме, го подариме некому“. Што е поентата? Посреќни сме кога даваме отколку кога добиваме.
Што вели Библијата: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).
Честопати, најдобар начин да даваме — а и начин што најмногу нѐ исполнува — е да се даваме себеси, односно нашето време и нашата сила. На пример, една жена по име Карен видела мајка со две ќерки како седат во автомобил со отворена хауба. Мајката и една од нејзините ќерки имале резервиран лет, но колата не палела, а таксито доцнело. Карен им понудила да ги префрли, иако до аеродромот имало 45 минути возење. Тие се согласиле. На враќање, Карен видела дека другата ќерка сѐ уште е кај колата на паркингот.
„Маж ми сега ќе дојде“, рекла жената.
„Добро, мило ми е што сѐ е во ред“, одговорила Карен. „Јас тргнав да завршам некои работи во градината во нашата Сала на Царството, во нашата црква.“
„А да не сте Јеховин сведок?“ прашала жената.
„Да“, одговорила Карен и потоа разговарале накратко.
По неколку седмици, Карен добила писмо. Меѓу другото, во него пишувало: „Јас и мајка ми не заборавивме што направивте за нас. Благодарение на Вас, стигнавме навреме за нашиот лет. Кога сестра ми ни кажа дека сте Јеховин сведок, веднаш ми беше јасно зошто ни помогнавте. И јас и мајка ми сме Сведоци, но јас сум неактивна. Ама наскоро ќе се потрудам да го сменам тоа!“ Карен била пресреќна што можела да им помогне на две совернички. „Ми потекоа солзи“, вели таа.
Авторот Чарлс Ворнер напишал: „Една од најубавите компензации во животот е тоа што кога искрено правиме сѐ за да 1. Мојсеева 1:27).
помогнеме некому, ние всушност си помагаме себеси“. Спремни сме да помагаме затоа што Бог не нѐ создал да бидеме себични, туку да ги покажуваме неговите прекрасни особини (Чесност.
Чесноста е една од основните етички вредности на секое цивилизирано општество. Нечесноста предизвикува страв, недоверба и општествен распад.
Што вели Библијата: „Кој ќе биде гостин во [Божјиот] шатор?“ Потоа одговара: „Оној што живее беспрекорно и... ја зборува вистината во своето срце“ (Псалм 15:1, 2). Да, чесноста, како и другите особини што ги разгледавме, е дел од личноста. Врз неа не влијаат околностите или личната придобивка.
Да се вратиме на Кристина која нашла ќесе со пари. Таа од сѐ срце сакала да го прави она што Бог го одобрува, а не да се збогати по секоја цена. Па така, кога избезумениот сопственик се вратил, таа му кажала дека ги нашла неговите пари. Човекот бил одушевен од нејзината чесност. Одушевен бил и нејзиниот претпоставен и затоа ја унапредил на прилично одговорна положба. Ова ја потврдува вистинитоста на зборовите запишани во 1. Петрово 3:10: „Кој сака да живее и да види добри денови, нека го воздржи својот јазик... од измамничко зборување“.
ОДИ ПО ПАТОТ НА ДОБРИТЕ ЛУЃЕ
Од моралните вредности што ги наоѓаме во Библијата се гледа колку многу нѐ сака Бог, зашто тие вредности ни помагаат ‚да одиме по патот на добрите луѓе‘ (Изреки 2:20; Исаија 48:17, 18). Кога живееме според овие вредности, покажуваме дека и ние го сакаме Бог, а добиваме и многу благослови. Всушност, во Библијата е дадено следново ветување: „Држи се за [Божјиот] пат. Тој ќе те возвиши, и ти ќе ја поседуваш земјата. Кога злите ќе бидат истребени, ти ќе го видиш тоа“ (Псалм 37:34).
Колку прекрасна иднина ги чека оние што се држат за библиските мерила — ќе живеат на Земјата каде што ќе владее мир и ќе нема ни трошка злоба! Вредностите што ги наоѓаме во Библијата навистина заслужуваат да им обрнеме внимание.