СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?
Капацитетот на ДНК за складирање податоци
КОРИСНИЦИТЕ на компјутери создаваат огромни количини дигитални податоци што мора да ги складираат некаде. Научниците се надеваат дека ќе ги усовршат сегашните методи за складирање податоци по модел на еден супериорен систем за складирање податоци што постои во природата — ДНК.
Размисли: Во ДНК, која се наоѓа во живите клетки, се меморирани милијарди биолошки информации. „Можеме да издвоиме ДНК од коските на влакнестите мамути... и да ја декодираме“, вели Ник Голдман од Европскиот институт за биоинформатика. „Освен тоа, молекулот на ДНК е неверојатно мал, збиен и нема потреба од надворешен извор на енергија, па затоа е лесно пренослив и лесен за одржување.“ Но, може ли човекот да складира податоци во ДНК? Истражувачите велат дека може.
Научниците успеаја во вештачка ДНК да стават кодиран текст, слики и аудиофајлови, слично како што се ставаат податоци на дигитални медиуми. Подоцна ги декодираа складираните информации со 100 отсто точност. Научниците веруваат дека, користејќи го овој метод, со текот на времето, во еден грам вештачка ДНК ќе можат да складираат податоци од околу 3.000.000 CD-а и дека сите тие информации ќе можат да се чуваат стотици, па дури и илјадници години. Овој систем би имал потенцијал да ја складира дигиталната архива од целиот свет. Затоа, ДНК е наречена „најмоќниот хард диск“.
Што мислиш? Дали капацитетот на ДНК за складирање податоци настанал со еволуција или е дело на мудар Творец?