Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Што е вистински успех?

Што е вистински успех?

ШТО е полошо од неуспех? Лажниот успех. Зошто? Па, кога ќе доживееш неуспех, можеш да направиш нешто за да ја исправиш грешката. Во најмала рака, можеш да научиш нешто од неа и да се трудиш да не ја повториш.

Но, со лажниот успех не е така. Можеби си мислиш дека одлично ти оди, а ти всушност пропаѓаш. Кога ќе сфатиш дека мораш да преземеш нешто, може да е веќе предоцна.

Да разгледаме еден пример. Исус Христос еднаш рекол: „Од каква корист му е на човекот ако го добие целиот свет, а го загуби животот?“ (Матеј 16:26). За овие зборови би било добро да размислат луѓето на кои главна цел во животот им е да заработат и да трупаат материјални работи — типичен пример за лажен успех. „Ако постојано размислуваме како да добиеме унапредување, да заработиме повеќе или да купиме повеќе работи, тоа не нѐ прави среќни“, пишува Том Денам, советник за развој на кариера. „Површно е да се мисли дека парите се мерило за успех. Долгорочно гледано, таквото размислување ни остава само чувство на празнина.“

Најверојатно, голем број луѓе ќе се сложат со ова. На пример, една анкета спроведена во САД покажала дека, од 22 „фактори кои придонесуваат за успешен живот“, факторот „да имам многу пари“ се нашол дури на 20-тото место. Меѓу првите работи по важност биле ставени здравјето, добрите односи со другите и работата што ја сакаш.

Очигледно, многу луѓе можат да направат разлика помеѓу вистински и лажен успех — барем на збор. Но, предизвикот е во тоа да се донесуваат одлуки од кои се гледа дека имаме исправно гледиште за успехот.