Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сонцето и чистиот воздух — дали се природни „антибиотици“?

Сонцето и чистиот воздух — дали се природни „антибиотици“?

КОГА во средината на 20 век научниците по хемиски пат создадоа антибиотици, докторите се надеваа дека со тие нови лекови ќе можат да се спречат одредени болести. Во почетокот изгледаше дека антибиотиците ќе ги исполнат нивните очекувања. Но, широката употреба на овие лекови придонесе да се развијат бактерии кои се отпорни на антибиотици.

За да најдат ново оружје во борбата против болестите, некои научници почнаа повторно да ги истражуваат методите на лекување кои се користеле во минатото. Една метода која има позитивно влијание врз здравјето на човекот е изложувањето на чист воздух и сончева светлина.

Метода на лекување од минатото

Во минатото, во Англија имало неколку медицински лица кои ги истакнувале здравствените придобивки од сонцето и чистиот воздух. Лекарот Џон Летсом (1744-1815) препорачувал децата кои имале туберкулоза да се изложуваат на сончева светлина и на морски воздух. Во 1840 год., хирургот Џорџ Бодингтон забележал дека луѓето што работеле на отворено, како што се земјоделците и сточарите, општоземено не боледувале од туберкулоза, додека оние што минувале многу време во затворен простор биле поподложни на оваа болест.

Флоренс Најтингејл (1820-1910) е позната по промените што ги вовела во грижата за повредените британски војници за време на Кримската војна. Таа го поставила следново прашање: „Дали некогаш навечер или наутро сте влегле во собата на некој пациент и сте почувствувале дека внатре е задушливо и мириса лошо?“ Таа препорачала собите на пациентите секогаш да бидат добро проветрени, но притоа да се внимава тие да не настинат. Флоренс додала: „Моето искуство со болните покажува дека, освен што им е потребен свеж воздух, потребна им е и светлина... Треба да бидат директно изложени на сончева светлина“. Многу луѓе во тоа време верувале дека ќе имаат подобро здравје ако одвреме-навреме ги ставаат постелнината и облеката на сонце.

Од 1800-тите наваму има голем напредок на полето на науката. Сепак, неодамнешните истражувања го потврдија фактот дека чистиот воздух и сонцето имаат благотворно влијание врз здравјето. На пример, едно истражување кое беше направено во Кина во 2011 год. покажа дека преполните соби во студентските домови кои немале доволно вентилација биле „причина за инфекции на дишните патишта“.

Светската здравствена организација (СЗО) потврдува дека природната вентилација, односно слободниот проток на воздух во просторијата, е важна за да се спречат заразите. Всушност, во упатствата на СЗО од 2009 год. медицинскиот персонал е поттикнат да ги проветрува просториите во здравствените установи за да се намали ризикот од инфекции. *

Но, можеби се прашуваш: ‚Дали тоа е научно потврдено? И на кој начин сонцето и воздухот ги спречуваат инфекциите?‘

Природни средства за дезинфекција

Некои истражувања спроведени од страна на Министерството за одбрана на Велика Британија ни даваат одговор на овие прашања. Научниците се обиделе да утврдат колку долго штетните хемикалии ќе останат во воздухот доколку над Лондон се ослободи биолошко оружје кое содржи опасни бактерии. За да дознаат колку долго можат да преживеат штетните микроорганизми во воздухот, истражувачите ставиле примероци од бактеријата ешерихија коли врз нишки од пајажина и ги изложиле на отворено. Бидејќи е познато дека сончевата светлина ја убива оваа бактерија, експериментот бил направен ноќе. Каков бил резултатот?

Два часа подоцна, скоро сите примероци од бактеријата биле мртви. Но, кога биле ставени во затворена кутија на истото место и на истата температура и влажност, по два часа повеќето примероци од бактеријата сѐ уште биле живи. Зошто? Очигледно, нешто во воздухот ги убива штетните микроорганизми, иако досега не е откриено што е тоа. Истражувачите сметаат дека некое соединение во воздухот „има улога на природно средство за дезинфекција кое ги убива опасните бактерии во атмосферата“.

И сончевата светлина е природно средство за дезинфекција. Во весникот Journal of Hospital Infection пишува дека „повеќето бактерии кои се пренесуваат по воздушен пат не се отпорни на сончева светлина“.

Се надеваме дека овие сознанија ќе те поттикнат почесто да излегуваш на свеж воздух и да поминуваш умерено време на сонце. Тоа веројатно ќе влијае позитивно врз твоето здравје.

^ пас. 8 Понекогаш не е пожелно да се остават прозорците отворени поради следниве фактори: загаден воздух, бучава, прописи за заштита од пожар и безбедност.