ПОГЛЕД ВО СВЕТОТ
Животната средина во фокус
Иако нашата планета произведува чист воздух, здрава храна и чиста вода, луѓето сѐ повеќе ги нарушуваат овие природни процеси. Научниците очајно се трудат да ја заштитат природната средина.
Австралија
Се проценува дека под дното на морињата има околу 500.000 кубни километри вода со ниска соленост. Во минатото, морските брегови биле пошироки бидејќи „нивото на морската вода било многу пониско отколку што е денес“, вели Винсент Пост кој е хидрогеолог на универзитетот Флиндерс во Аделејд. Тогаш, дождот се впивал во почвата и „создал водни базени кои денес се наоѓаат под морското дно“. Во светот има преку 700 милиони луѓе кои немаат пристап до чиста вода. Научниците се надеваат дека овие резерви со питка вода може да им користат на овие лица.
Пустината Сахара
Пола од поголемите животински видови во Сахара се исчезнати или живеат на само 1 отсто од подрачјето кое порано било нивно живеалиште. Некои фактори кои придонеле за ова се нестабилноста во регионот и раширениот лов. Исто како во шумите, и во пустините живеат различни видови животни. Сепак, научниците велат дека „поради недостатокот на финансиски средства не се посветува доволно внимание на биолошката разноликост во пустината“. Затоа, поборниците за заштита на животната средина не можат потполно да ја следат состојбата на загрозените екосистеми во пустината.
Свет
Се проценува дека секој осми смртен случај во 2012 год. е предизвикан од загаден воздух. Според Светската здравствена организација, „загадениот воздух сега е најголемата закана од животната средина по здравјето на човекот“.