Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Херодот

Херодот

КАКОВ бил животот пред неколку илјади години? Какви обичаи имале луѓето во тоа време? Археологијата може делумно да ни даде одговор на овие прашања. Но, ако сакаме да дознаеме како размислувале древните народи, од голема помош ќе ни бидат записите на еден човек за историјата на тогашниот свет. Тој човек се викал Херодот и живеел пред околу 2.400 години. Херодот бил грчки историчар од 5 век пр. н.е. Неговите записи биле насловени Херодотова историја.

Херодот решил да ги запише причините за војните што ги воделе Грците, а особено причините за походите на Персијците во 490 и 480 год. пр. н.е. Вториот поход се одвивал кога Херодот бил сѐ уште дете. Во своите записи, Херодот вклучил и опсежни информации за секој народ кој бил освоен од Персијците.

НЕГОВИТЕ ЗАПИСИ СЕ МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД ИСТОРИЈА

Херодот бил извонреден раскажувач. Неговите записи биле многу темелни бидејќи во нив го вметнувал секој детаљ што сметал дека е потребен за приказната да биде целосна. Достигнувањето на Херодот е многу впечатливо затоа што тој не можел да ги темели своите записи на официјални државни податоци. Тогаш не постоеле такви податоци за сите историски настани.

Во тоа време, речиси никој не ги запишувал историските настани. Единствен исклучок биле натписите на спомениците во кои се величале некои славни постигнувања. Затоа, Херодот морал да ги темели своите записи на информациите што ги добивал преку своите набљудувања, преку усните преданија и преку изјавите на некои очевидци. Херодот многу патувал за да собере информации за своите записи. Тој пораснал во грчката колонија Халикарнас (денешен Бодрум, јужна Турција) и ја пропатувал речиси цела Грција.

Херодот многу патувал за да собере информации за своите записи

Херодот отишол на север до Црното Море и Скитија, на подрачјето на сегашна Украина, и на југ до Палестина и Горен Египет. На исток, се чини дека стигнал до Вавилон и, пред крајот на својот живот, веројатно бил во една грчка колонија што се наоѓала на подрачјето на денешна јужна Италија. Секаде каде што одел, Херодот ги набљудувал настаните и ги распрашувал луѓето. Тој ги запишувал информациите од најверодостојните извори.

ТОЧНОСТА НА ЗАПИСИТЕ НА ХЕРОДОТ

Фрагмент од Херодотовата историја на папирус

Колку се точни информациите што ги запишал Херодот? Неговите записи во врска со земјите што ги посетил и настаните кои ги видел со свои очи се сметаат за точни. Освен тоа, неговите описи за обичаите кои не им биле познати на Грците, како што биле царските погребни обичаи во Скитија или обичајот на Египќаните да ги мумифицираат мртвите, прилично се совпаѓаат со откритијата на археолозите. Се вели дека многуте информации кои ги запишал Херодот во врска со Египет се „позначајни од сѐ друго што било запишано во древни времиња за таа земја“.

Сепак, тој честопати немал друг избор освен да се потпре на непотврдени сведоштва. Исто така, многу луѓе во негово време биле убедени дека паганските богови имаат влијание врз случувањата на Земјата. Затоа, современите историчари не се согласуваат со некои работи кои ги има запишано. Сепак, Херодот се обидел да ги одвои фактите од легендите. Тој рекол дека не верувал веднаш во сѐ што му било кажано туку дека доаѓал до заклучоци дури откако внимателно ќе ги испитал и споредел сите информации.

Херодотовата историја претставува негово животно дело. Кога ќе земеме предвид дека Херодот немал многу веродостојни извори од кои можел да црпи информации, доаѓаме до заклучок дека неговите записи се навистина огромно достигнување.