Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Сиромаштија

Сиромаштија

И покрај искрените обиди да се реши овој проблем, сѐ уште има милиони лица низ светот што живеат во крајна беда.

Можат ли сиромашните да бидат среќни?

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:

Многумина мислат дека, за некој да биде среќен и вистински успешен, мора да има многу во материјален поглед. Бидејќи немаат пристап ни до основно образование, до добра здравствена нега и до други поволности, оние што се сиромашни не можат да водат среќен и исполнет живот.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Вистинската среќа зависи од добриот однос со Творецот, а не од финансиската состојба во која се наоѓа некој. Во Библијата пишува: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3). Без оглед на тоа колку имаат во материјален поглед, оние што сакаат да ги задоволат своите духовни потреби се трудат да го запознаат Бог и да ги дознаат библиските вистини. Тоа им носи утеха, вистинска среќа и внатрешен мир.

Луѓето кои ги разбираат библиските совети и живеат според нив можат полесно да излезат на крај со сиромаштијата. На пример, библиските совети им помагаат да се држат настрана од лошите навики, како што се пушењето или прекумерното пиење. Оние што имаат вакви навики непотребно си ги трошат парите, а во иднина можеби ќе треба да платат и многу пари за лекување (Изреки 20:1; 2. Коринќаните 7:1).

Библијата исто така нѐ предупредува и на штетното влијание од алчноста и материјализмот (Марко 4:19; Ефешаните 5:3). Тоа им помага на луѓето да не фрлаат пари на коцкање или да не развијат „љубов кон парите“ која е „корен на секакви зла“ (1. Тимотеј 6:10). Во Божјата Реч пишува: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Со други зборови, со пари не може да се купи живот. Затоа, наместо да трчаме по пари, многу подобро е да се држиме за библиските совети. Тие ќе ни помогнат да имаме смисла во животот и вистинска среќа.

Точно е дека оние што се сиромашни мора напорно да работат за да дојдат до храна, облека и покрив над глава. Но, ако се задоволни со тоа што го имаат, ако најважно во животот им е да му служат на Бог и ако постапуваат во склад со неговата волја, и тие можат да бидат среќни. Така ќе почувствуваат колку се вистинити следниве библиски зборови: „Благословот од Јехова збогатува, и Бог не задава никаква болка притоа“ (Изреки 10:22).

КЛУЧЕН СТИХ: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3)

Дали некогаш ќе ѝ биде ставен крај на сиромаштијата?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Очигледно е дека човечките напори да ѝ се стави крај на сиромаштијата се неуспешни. Но, во време што самиот го одредил, Бог ќе го отстрани коренот на проблемот — себичните луѓе и влади кои го гледаат само својот интерес (Проповедник 8:9). Нашиот Творец ќе ги замени човечките влади со своето Царство, односно со својата небесна влада која ќе ги задоволи потребите на сите луѓе на Земјата. Библијата ветува дека Царот на Божјето Царство со љубов ќе се погрижи за сиромашните. Во Псалм 72:12-14 пишува: „Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош... Ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот и ќе ги спаси душите на сиромасите“.

Земјата ќе стане вистински рај во кој ќе има храна и дом за секој човек. Тогаш ќе биде избришана секоја трага од сиромаштијата. Во библиската книга на Исаија, Бог ветува дека неговиот народ ‚ќе гради куќи и ќе живее во нив, ќе сади лозја и ќе го јаде нивниот род, ќе ужива во плодовите на своите раце‘ (Исаија 65:21, 22). Наместо да се мачат да заработат за корка леб, сите ќе уживаат во „гозба од избрани јадења“ и во други убави работи кои ќе им ги даде Јехова (Исаија 25:6).

ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ГО ЗНАЕШ ОВА:

Тоа што ќе размислуваат за ветувањето дека Бог ќе ѝ стави крај на сиромаштијата ќе ги увери оние што живеат во тешки услови дека тој се грижи за нив и дека наскоро ќе ги избави. Ваквата надеж ќе им влее сила да истраат во тешкотиите денес.

КЛУЧЕН СТИХ: „Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош... Ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот и ќе ги спаси душите на сиромасите“ (Псалм 72:12, 13)