ПАТОТ ДО СРЕЌАТА
Љубов
ЛУЃЕТО КОПНЕАТ ПО ЉУБОВ. Ниту еден брак, семејство или пријателство не може да успее без љубов. Сосема е логично дека љубовта игра важна улога врз нашето ментално здравје и врз нашата среќа. Но, за каква љубов станува збор?
Овде не зборуваме за романтична љубов која, се разбира, си има свое место. Наместо тоа, зборуваме за една повозвишена љубов која го поттикнува човекот да биде искрено заинтересиран за другите, па дури и да ги стави нивните потреби пред своите. Таа љубов е водена од начела, но во исто време вклучува топлина и чувства.
Еден прекрасен опис на љубовта гласи: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива, не се фали, не се возвишува, не се однесува непристојно, не ја бара својата корист, не се раздразнува, не го памти злото. Не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината. Сѐ поднесува... на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринќаните 13:4-8).
Освен што никогаш не престанува, таквата љубов со текот на времето може да станува сѐ посилна. А бидејќи е долготрпелива, љубезна и простува, таа совршено поврзува (Колошаните 3:14). Затоа, врските и пријателствата кои се темелат на таква љубов се цврсти и среќни и покрај човечката несовршеност. Да ја земеме за пример брачната врска.
ЉУБОВТА СОВРШЕНО ПОВРЗУВА
Исус Христос поучувал за важни начела кои се однесуваат на бракот. На пример, тој рекол: „’Човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘... Затоа, Бог што составил, човек да не разделува“ (Матеј 19:5, 6). Одовде може да се издвојат најмалку две важни начела.
„ДВАЈЦАТА ЌЕ БИДАТ ЕДНО ТЕЛО.“ Бракот е најблиската врска што постои меѓу луѓето. Кога меѓу мажот и жената постои вистинска љубов, тоа ќе ги спречи да направат неверство, односно да станат „едно тело“ со некоја друга личност (1. Коринќаните 6:16; Евреите 13:4). Неверството ја руши довербата меѓу сопружниците и може да им го уништи бракот. А ако имаат деца, тие би можеле да претрпат емоционални трауми — да мислат дека не се сакани, да се чувствуваат несигурно, па дури и да станат огорчени.
„БОГ ШТО СОСТАВИЛ, ЧОВЕК ДА НЕ РАЗДЕЛУВА.“ Брачната врска е света. Сопружниците што се свесни за тоа се трудат да го зајакнуваат својот брак. Кога ќе се појават проблеми, тие не бараат излез во разводот. Нивната љубов е силна и издржлива. Бидејќи „сѐ поднесува“, таа им помага на брачните другари да ги решаваат проблемите и да имаат разбирање и мир во бракот.
Кога родителите покажуваат самопожртвувана љубов, на децата тоа многу им користи. Една девојка по име Џесика вели: „Татко ми и мајка ми многу се сакаат и се почитуваат. Кога ќе видам колку мајка ми го почитува татко ми, посакувам во иднина да бидам како неа“.
Љубовта е главната особина на Бог. Всушност, Библијата вели: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Затоа, не нѐ изненадува тоа што Јехова е наречен „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). И ние ќе бидеме среќни ако се трудиме да ги покажуваме особините што ги има Бог, особено љубовта. Во Ефешаните 5:1, 2 стои: „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца, и живејте во љубов“.