Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ИНТЕРВЈУ | ФАН ЈУ

Дизајнер на софтвер зборува за својата вера

Дизајнер на софтвер зборува за својата вера

Д-Р ФАН ЈУ ја започнал својата кариера како математички истражувач во Кинескиот институт за атомска енергија кој се наоѓа близу Пекинг. Во тоа време, тој бил атеист и верувал во еволуција. Меѓутоа, сега д-р Ју верува дека животот е Божје дело. Разбудете се! разговараше со него за неговата вера.

Најпрво кажете ни нешто за себе.

Роден сум во 1959 год. во градот Фуџоу во провинцијата Џангши (Кина). Кога имав осум години, земјата веќе ги чувствуваше последиците од она што подоцна стана познато како Културна револуција. Татко ми, кој беше градежен инженер, доби наредба да изгради железница во едно далечно, ретко населено место. Со години беше далеку од дома и можеше да нѐ посетува само еднаш годишно. Тој период живеев со мајка ми, која беше наставничка во основно училиште. Живеевме во самото училиште во кое таа предаваше. Во 1970 год. моравме да се преселиме во Јуфанг, сиромашно село во областа Линчуан каде што не беше лесно да се дојде до храна.

Какви верувања имаше Вашето семејство?

Татко ми не се интересираше ниту за религија ниту за политика, а мајка ми беше будист. На училиште учевме дека животот еволуирал преку природни процеси, и јас верував во она што го кажуваа наставниците.

Како се заинтересиравте за математика?

Математиката ме заинтересира бидејќи преку неа се доаѓа до фактите со помош на логика. Се запишав на факултет кратко откако водачот на револуцијата, Мао Це Тунг, умре во 1976 год. Одбрав математика како главен предмет. Откако магистрирав, почнав да работам нешто поврзано со математички истражувања кои беа потребни за да се проектираат нуклеарни реактори.

Какво мислење имавте за Библијата во почетокот?

Во 1987 год. дојдов во САД, каде што се запишав на докторски студии. Знаев дека во Америка многу луѓе веруваат во Бог и ја читаат Библијата. А имав слушнато и дека Библијата е книга со практични совети за животот, па си реков дека треба да ја прочитам.

Во Библијата навистина најдов практични совети, но некои делови ми беше тешко да ги разберам. Затоа, по кратко време престанав да ја читам.

Како одново се заинтересиравте за Библијата?

Идејата дека постои Творец кој создал сѐ ми беше нова, па затоа решив да го истражам тоа

Во 1990 год., една жена која беше Јеховин сведок дојде на мојата врата и ми прочита од Библијата дека човештвото го очекува подобра иднина. Таа договори да ме посети еден брачен пар за да ми помогне подобро да ја разберам Библијата. Подоцна и жена ми, Липинг, која во Кина предаваше физика во средно училиште и беше атеист, почна да ја проучува Библијата. Дознавме што вели Библијата за потеклото на животот. Идејата дека постои Творец кој создал сѐ ми беше нова, па затоа решив да го истражам тоа.

Какви истражувања направивте?

Како математичар, знаев да пресметувам веројатност, односно колкави се шансите да се случи нешто. А знаев и дека, за животот да настане случајно, претходно морало да постојат протеини. Затоа се обидов да пресметам колкава е веројатноста еден протеин да настане сам од себе. Протеините се едни од најсложените познати молекули, а живите клетки може да содржат илјадници видови протеини кои меѓусебно функционираат многу прецизно. Дојдов до истиот заклучок како и други: шансите еден протеин да настане случајно се толку мали што тоа е практично невозможно! Во теоријата на еволуција не најдов некој добар одговор на прашањето како е можно сами да настанат толку сложени молекули, а уште помалку, како е можно сами да настанат живите организми во чија градба учествуваат самите тие молекули. Овие факти ми беа доволен доказ дека постои Творец.

Што Ве увери дека Библијата е книга од Бог?

Додека ја проучував Библијата со Јеховините сведоци, дознав дека во неа детално се запишани многу пророштва кои подоцна се исполниле. Освен тоа, лично осетив колку се корисни советите од Библијата. Се прашував: „Како можеле писателите на Библијата, кои живееле пред неколку илјади години, да напишат такви мудрости кои се практични и ден-денес?“ Со текот на времето, се уверив дека Библијата е Божја Реч.

Што друго Ве увери дека постои Творец?

Кога ќе помислам на сето она што постои во природата, не можам а да не верувам во Творец. Во моментов работам како дизајнер на компјутерски софтвер. Кога гледам колку човечкиот мозок ги надминува можностите на компјутерските програми, честопати останувам без зборови. На пример, нашиот мозок има неверојатна способност да препознава говор. Повеќето луѓе лесно можат да го разберат она што некој го кажува, дури и ако има недовршени реченици, смеење, кашлање, пелтечење, зборови кажани на дијалект, ехо, бучава или лош телефонски сигнал. На прв поглед, можеби ова не изгледа како нешто посебно. Но, дизајнерите на софтвер знаат дека тоа воопшто не е така. Дури и најдобриот софтвер за препознавање на говор не може ни оддалеку да се спореди со човечкиот мозок.

За разлика од нашиот мозок, дури и најсложените компјутери не можат на темел на нечиј глас да препознаат емоции, дијалект и кое е лицето што зборува. Дизајнерите на софтвер истражуваат како би можеле компјутерите да препознаваат говор на истиот принцип како човечкиот мозок. Со тоа, всушност, истражуваат нешто што го создал Бог.