Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Божјето лично име, напишано со старохебрејски букви, се појавува на многу места во старите библиски ракописи

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Божјето име

Божјето име

Милиони луѓе му се обраќаат на Бог со посебни титули, како што се Господ, Севишен, Алах или едноставно Бог. Сепак, Бог има свое лично име. Треба ли да го користиме?

Кое е Божјето име?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ

 

Многу луѓе што се изјаснуваат како христијани веруваат дека Бог се вика Исус. Други сметаат дека самото тоа што Семоќниот Бог е еден, покажува дека нема потреба тој да има свое име. Трети, пак, тврдат дека е дури и погрешно да го нарекуваме Бог со некое лично име.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

 

Семоќниот Бог не се вика Исус, бидејќи Исус не е семоќен Бог. Всушност, Исус им рекол на луѓето да му се молат на Бог со зборовите: „Татко, нека се свети името твое“ (Лука 11:2). И самиот Исус му се молел на Бог: „Татко, прослави го своето име“ (Јован 12:28).

Во Библијата Бог објавил: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име, и никому нема да му ја дадам својата слава“ (Исаија 42:8). Јехова, или Јахве, е македонскиот превод на Божјето име кое се пишува со четирите хебрејски согласки יהוה (ЈХВХ). Тоа име се појавува околу 7.000 пати во Хебрејските списи, познати и како Стар завет. * Тоа е многу почесто од која и да било титула како, на пример, „Бог“, „Семоќен“ или „Господар“, и многу почесто од кое и да било друго име како, на пример, Авраам, Мојсеј или Давид.

На ниту едно место во Библијата Јехова не забранил со почит да се користи неговото име. Всушност, од неа дознаваме дека Божјите слуги слободно го користеле Божјето име. Тие на своите деца им давале имиња кои го содржеле името на Бог, на пример Илија, што значи „Мојот Бог е Јехова“, и Захарија, што значи „Јехова се сети“. Освен тоа, го користеле Божјето име и во секојдневните разговори (Рут 2:4).

Бог сака да го користиме неговото име. Библијата нѐ поттикнува: „Благодарете му на Јехова, повикувајте го неговото име“ (Псалм 105:1). Тој не ги заборава оние што „размислуваат за неговото име“ (Малахија 3:16).

„За да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја“ (Псалм 83:18)

Што значи Божјето име?

Некои изучувачи сметаат дека името Јехова на хебрејски значи „оној што предизвикува да стане“. Ова објаснување покажува дека Бог може да направи самиот тој — или неговото создание — да стане сѐ што е потребно за да се исполни неговата намера. Такво име може да носи само семоќниот Творец, бидејќи само тој има способност да постапува во склад со тоа име.

ШТО МОЖЕШ ДА НАУЧИШ

 

Кога еден човек ќе го дознае Божјето име, го запознава Бог на поинаков начин. Тогаш му станува полесно да се зближи со него. Зарем би можел да бидеш близок со некој што не знаеш како се вика? Тоа што Бог ни го открил своето име покажува дека тој сака да биде близок со секого од нас (Јаков 4:8).

Можеш да бидеш уверен дека Јехова секогаш ќе постапува во склад со значењето на своето име — секогаш ќе си ги исполнува ветувањата што ги дава. Затоа во Библијата пишува: „Оние што го знаат твоето име ќе имаат доверба во тебе“ (Псалм 9:10). Додека учиш како Јехова постапува во склад со своите особини, како што се лојалната љубов, милосрдноста, сочувството и правдата, твојата доверба во него ќе се зголемува (2. Мојсеева 34:5-7). Колку е утешна мислата дека Јехова секогаш си ги одржува ветувањата но никогаш не постапува спротивно на своите особини.

Се разбира, голема чест е да го знаеш името на Семоќниот Бог. Тоа може да ти донесе многу благослови — и сега и во иднина. Бог ветува: „Ќе го заштитам, бидејќи го познава моето име“ (Псалм 91:14).

„Секој што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен“ (Јоил 2:32)

Божјето име на различни јазици

^ пас. 9 Многу преведувачи на Библијата го отстрануваат Божјето име и го заменуваат со титулата „Господ“, додека други го користат само во одредени стихови или во фусноти. Во Светото писмо — превод Нов свет, Божјето име го има низ целиот текст.