Дали сте знаеле?
Освен она што е запишано во Библијата, кои други докази потврдуваат дека Израелците биле робови во Египет?
Според Библијата, откако Мадијамците го одвеле Јосиф во Египет, татко му Јаков се преселил со семејството од Ханаан во Египет. Тие се населиле во пределот Гесем, кој се наоѓал покрај утоката на реката Нил (1. Мој. 47:1, 6). Израелците имале многу деца и станувале сѐ побројни. Поради тоа Египќаните многу се исплашиле и ги принудиле на ропска работа (2. Мој. 1:7-14).
Некои современи критичари гледале со потсмев на овој библиски извештај, тврдејќи дека е обичен мит. Сепак, пронајдени се докази дека Семитите * навистина живееле како робови во древниот Египет.
На пример, археолозите пронашле остатоци од древни населби во северниот дел на Египет. Д-р Џон Бимсон вели дека доказите посочуваат дека во таа област имало над 20 семитски населби. Освен тоа, египтологот Џејмс Хофмаер вели: „Во периодот од околу 1800 до 1540 год. пр.н.е., многу Семити кои живееле во западна Азија се преселувале во Египет“. Тој додава: „Овој временски период се поклопува со периодот во кој живееле Авраам, Исак и Јаков, и одговара на времето и условите опишани во книгата 1. Мојсеева“.
Докази за ова биле пронајдени и во јужниот дел на Египет. На еден папирус, кој датира од периодот на Средното Царство (о. 2000—о. 1600 год. пр.н.е.), се напишани имињата на робовите во едно домаќинство во јужен Египет. Над 40 од тие имиња се семитски. Овие робови служеле како готвачи, ткајачи и физички работници. Хофмаер вели: „Ако само во едно домаќинство во Тебаида [јужен Египет] работеле повеќе од 40 Семити, тогаш нивниот број низ целиот Египет сигурно бил доста голем, особено во пределот околу утоката на реката Нил“.
Археологот Дејвид Рол пишува дека некои од имињата на робовите на тој список „како да се препишани од Библијата“. На пример, некои од нив се слични на имињата Исахар, Асер и Сепфора (2. Мој. 1:3, 4, 15). Рол заклучува: „Овие докази навистина потврдуваат дека Израелците живееле како робови во Египет“.
Д-р Бимсон вели: „Библискиот запис за ропството и за излегувањето од Египет се темели на цврсти историски докази“.
^ пас. 4 Називот Семити е изведен од името Сем. Тој бил еден од трите сина на Ное. Меѓу потомците на Сем веројатно спаѓале Еламците, Асирците, првите Халдејци, Евреите, Сиријците и разни арапски племиња.