Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јосиф од Ариматеја зазема цврст став

Јосиф од Ариматеја зазема цврст став

НА ЈОСИФ од Ариматеја не му се верувало како собрал храброст да му пристапи на римскиот управител. Понтиј Пилат бил познат како многу тврдоглав човек. Сепак, за да може Исус да биде погребан на достоинствен начин, некој морало да го побара неговото тело од Пилат. На крајот испаднало дека средбата со Пилат не била толку страшна колку што можеби си ја замислувал Јосиф. Откако еден стотник му потврдил дека Исус е мртов, Пилат го одобрил барањето на Јосиф. Иако сѐ уште бил многу тажен, Јосиф побрзал кон местото каде што Исус бил погубен (Мар. 15:42-45).

  • Кој бил Јосиф од Ариматеја?

  • Од каде го познавал Исус?

  • Зошто е добро да дознаеш нешто повеќе за него?

ЧЛЕН НА СУДСКИОТ СОВЕТ

Во евангелието според Марко, Јосиф е наречен „угледен член на Советот“. Контекстот укажува дека тој Совет бил Синедрионот, односно еврејскиот врховен суд кој во тоа време имал големо влијание во општеството, како и врз власта и религијата (Мар. 15:1, 43). Според тоа, Јосиф бил еден од водачите на својот народ, што објаснува зошто му било дозволено да има средба со римскиот управител. Исто така, не треба да нѐ изненади ни тоа што Јосиф бил богат (Мат. 27:57).

Дали имаш храброст да кажеш дека си Јеховин сведок?

Општо земено, членовите на Судскиот совет имале непријателски став кон Исус. Некои од нив сковале план да го убијат. Меѓутоа, Јосиф е наречен „добар и праведен човек“ (Лука 23:50). За разлика од повеќето други членови на Советот, тој живеел чесно и се трудел да биде послушен на Божјите заповеди најдобро што можел. Исто така, го чекал Божјето Царство, што е една од можните причини зошто станал ученик на Исус (Мар. 15:43; Мат. 27:57). Веројатно, пораката на Исус му се допаѓала затоа што многу ги ценел вистината и правдата.

КРИЕЛ ДЕКА Е УЧЕНИК НА ИСУС

Во Јован 19:38 пишува дека Јосиф бил ученик на Исус, но го криел тоа поради страв од Евреите. Зошто се плашел Јосиф? Тој знаел дека Евреите го презираат Исус и дека се решени да го исклучат од синагогата секој што ќе каже дека верува во него (Јован 7:45-49; 9:22). Ако некој бил исклучен од синагогата, тоа значело дека другите Евреи ќе го презираат и ќе го отфрлат. Затоа Јосиф се плашел јавно да признае дека верува во Исус. Доколку го сторел тоа, ќе ги изгубел својата положба и угледот во општеството.

Јосиф не бил единствениот што бил во таква ситуација. Во Јован 12:42 пишува: „Мнозина од поглаварите поверуваа во [Исус], но поради фарисеите не го признаваа тоа за да не бидат исклучени од синагогата“. Во таква ситуација бил и Никодим, кој исто така бил член на Судскиот совет (Јован 3:1-10; 7:50-52).

Јосиф бил ученик на Исус, но немал храброст јавно да го каже тоа. Ова било сериозен проблем, особено ако се земе предвид она што го кажал Исус: „Секој што пред луѓето ќе признае дека е во единство со мене, и јас ќе признаам пред својот Татко кој е на небесата дека сум во единство со него, а кој ќе се одрече од мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред мојот Татко кој е на небесата“ (Мат. 10:32, 33). Јосиф не се одрекол од Исус, но немал ни храброст да признае дека е негов ученик. А како е со тебе?

Пофално е тоа што, според библискиот извештај, Јосиф не ги поддржал останатите во Судскиот совет кои сковале заговор да го убијат Исус (Лука 23:51). Некои сметаат дека Јосиф можеби не бил присутен на судењето на Исус. Како и да е, на Јосиф сигурно му било многу тешко поради оваа ужасна неправда — но не можел да направи ништо за да ја спречи!

ЈА ПОБЕДИЛ СВОЈАТА НЕОДЛУЧНОСТ

По смртта на Исус, јасно се гледа дека Јосиф ги победил своите стравови и дека решил да ги поддржи Христовите следбеници. Во Марко 15:43 пишува: „Тој се осмели да влезе кај Пилат и да го побара Исусовото тело“.

Се чини дека Јосиф бил присутен кога Исус умрел. Тој знаел дека Исус е мртов пред тоа да го дознае Пилат. Можеби затоа, кога Јосиф го побарал телото, управителот се зачудил дека Исус веќе е мртов (Мар. 15:44). Доколку Јосиф бил очевидец на страдањата што ги трпел Исус на маченичкиот столб, можеби таа ужасна глетка влијаела врз неговата совест и му дала храброст отворено да каже дека е негов ученик. Во секој случај, Јосиф бил поттикнат да направи нешто. Решил повеќе да не крие дека е ученик на Исус.

ЈОСИФ ГО ПОГРЕБУВА ИСУС

Според еврејскиот закон, оние што биле осудени на смрт требало да бидат погребани пред зајдисонце (5. Мој. 21:22, 23). За разлика од нив, Римјаните ги оставале телата на погубените злосторници да се распаднат на столбот или ги фрлале во една заедничка гробница. Но, Јосиф не сакал Исус да заврши на таков начин. Близу до местото каде што бил погубен Исус, Јосиф имал нов гроб издлабен во карпа. Дотогаш никој не бил положен во него, што укажува на фактот дека Јосиф кратко пред тоа се доселил од Ариматеја * во Ерусалим и дека имал намера да го користи како гробно место за своето семејство (Лука 23:53; Јован 19:41). Навистина било великодушно тоа што Јосиф го погребал Исус во својата семејна гробница и така го исполнил пророштвото дека Месијата ќе биде погребан „меѓу богатите“ (Иса. 53:5, 8, 9).

Дали постои нешто што ти е поважно од твојот однос со Јехова?

Во сите четири евангелија е запишано дека, откако телото на Исус било симнато од столбот, Јосиф го завиткал во убаво платно и го положил во својот гроб (Мат. 27:59-61; Мар. 15:46, 47; Лука 23:53, 55; Јован 19:38-40). Од оние што му помогнале на Јосиф, единствено Никодим е спомнат по име. Тој донел мирисливи билки кои се користеле за погреб. Со оглед на положбата што овие двајца ја имале во општеството, голема е веројатноста дека нивните слуги го симнале телото од столбот, го подготвиле за погреб и го извршиле самиот погреб. Дури и ако било така, тоа што го направиле Јосиф и Никодим не било нешто безначајно. Зошто го велиме ова? Секој што ќе допрел тело на мртов човек се сметал за церемонијално нечист седум дена, а нечисто станувало и сѐ друго што ќе допрел (4. Мој. 19:11; Агеј 2:13). Оние што ќе се нашле во таква состојба ќе морало да бидат одвоени од другите и да ги пропуштат сите обичаи и прослави што следеле во седмицата по Пасхата (4. Мој. 9:6). Со тоа што го организирал погребот на Исус, Јосиф исто така ризикувал да биде исмеван од другите членови на Судскиот совет. Сепак, до тој момент Јосиф веќе бил спремен да ги прифати последиците од тоа што го погребал Исус на достоинствен начин и што отворено покажал дека е негов ученик.

ШТО СЕ СЛУЧИЛО ПОТОА СО ЈОСИФ?

Јосиф од Ариматеја се спомнува во Библијата само во извештаите за погребот на Исус кои се запишани во евангелијата. Тоа го наметнува прашањето: Што се случило потоа со него? Одговорот не го знаеме. Меѓутоа, со оглед на она што беше спомнато во оваа статија, постои голема веројатност дека тој отворено кажал дека е христијанин. На таков заклучок укажува и фактот дека, кога се нашол во тешка ситуација, неговата вера и храброст не се намалиле туку се зголемиле.

Овој извештај за Јосиф покренува прашања за кои е добро да размисли секој од нас: Дали постои нешто — било да е тоа положба во општеството, кариера, имот, семејни врски, па дури и нашата лична слобода — што ни е поважно од нашиот однос со Јехова?

^ пас. 18 Се смета дека местото Ариматеја веројатно е Рама, денешен Рантис. Ова било родното место на пророкот Самоил, а се наоѓа на околу 35 километри северозападно од Ерусалим (1. Сам. 1:19, 20).