Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Единствениот пат до вечен живот

Единствениот пат до вечен живот

Единствениот пат до вечен живот

„Јас сум патот, вистината и животот“ (ЈОВАН 14:6).

1, 2. Со што го споредил Исус патот до вечен живот, и какво е значењето на неговата илустрација?

 ВО СВОЈАТА прочуена Проповед на гората, Исус го споредува патот до вечен живот со пат по кој се влегува низ некоја порта. Забележи како Исус нагласува дека овој пат до живот не е лесен, велејќи: „Влезете низ тесната врата; оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон [вечен] живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14).

2 Дали го сфаќаш значењето на оваа илустрација? Зарем таа не открива дека постои само еден пат кој води до живот и дека ќе биде потребно грижливо внимание од наша страна за да не застраниме од тој пат до живот? Тогаш, кој е овој единствен пат до вечен живот?

Улогата на Исус Христос

3, 4. а) Како Библијата ја покажува животоважната улога на Исус во нашето спасение? б) Кога Бог првпат открил дека човештвото би можело да стекне вечен живот?

3 Јасно, Исус има важна улога која е поврзана со тој пат, како што објавил неговиот апостол Петар: „Под небото нема друго име [освен она на Исус] дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4:12). Слично на тоа, апостол Павле изјавил: „Дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23). Самиот Исус открил дека единствениот пат до вечен живот е преку него, зашто изјавил: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14:6).

4 Според тоа, од пресудно значење е да ја признаеме улогата што ја има Исус во овозможувањето вечен живот. Затоа, ајде повнимателно да ја испитаме неговата улога. Дали знаеш кога, откако Адам згрешил, Јехова Бог навестил дека човештвото би можело да се радува на вечен живот? Тоа било веднаш после падот на Адам. Сега, да испитаме како првпат била претскажана подготовката со Исус Христос како Спасител на човештвото.

Ветеното семе

5. Како можеме да ја идентификуваме змијата која ја завела Ева?

5 Јехова Бог го идентификувал ветениот Спасител со еден симболичен јазик. Тоа го сторил кога ја објавил казната врз „змијата“ која разговарала со Ева и ја искушала да не го послуша Бог со тоа што ќе јаде од забранетиот плод (1. Мојсеева 3:1—5). Се разбира, таа змија не била некоја дословна змија. Тоа било едно моќно духовно суштество кое во Библијата е идентификувано како „старата змија, наречена ѓавол и сатана“ (Откровение 12:9). Сатана го употребил ова ниско животно како свој гласноговорник за да ја заведе Ева. Затоа, кога го осудувал Сатана, Бог му рекол: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената и помеѓу твоето семе и нејзиното семе. Тоа [семето на жената] ќе ти ја повреди главата, а ти ќе му ја повредиш петицата“ (1. Мојсеева 3:15NW).

6, 7. а) Која е жената која го раѓа ‚семето‘? б) Кое е ветеното Семе, и што постигнува тоа?

6 Која е оваа „жена“ спрема која Сатана има непријателство, односно омраза? Во Откровение, поглавје 12, исто како што е идентификувана „старата змија“ така е идентификувана и оваа жена која Сатана ја мрази. Забележи дека во стих 1 за неа се вели дека е ‚облечена во сонце; под нозете нејзини има месечина, а на главата нејзина — венец од дванаесет ѕвезди‘. Оваа жена ја претставува Божјата небесна организација од верни ангели, а ‚машкото дете‘ кое таа го раѓа го претставува Божјето Царство во кое Исус Христос владее како Цар (Откровение 12:1—5).

7 Значи, кое е ова „семе“, односно потомство на жената, спомнато во 1. Мојсеева 3:15 (NW), кое ќе му ја повреди ‚главата‘ на Сатана, задавајќи му на тој начин смртен удар? Тоа е оној кого Бог го испратил од небото за да се роди на чудесен начин од девица, да, човекот Исус (Матеј 1:18—23; Јован 6:38). Поглавје 12 од Откровение открива дека, како воскреснат небесен Владетел, ова Семе, Исус Христос, ќе го преземе водството во победата над Сатана и дека, како што вели Откровение 12:10, ќе го воспостави „царството на нашиот Бог и власта на неговиот Христос“.

8. а) Кое е новото нешто што го обезбедил Бог во врска со својата првобитна намера? б) Кој ја сочинува Божјата нова влада?

8 На тој начин, ова Царство во рацете на Исус Христос е новото нешто кое Бог го обезбедил во врска со својата првобитна намера за луѓето да се радуваат на вечен живот на земјата. После побуната на Сатана, Јехова веднаш дејствувал преку оваа нова влада на Царството за да ги укине сите лоши последици на злобата. Кога бил на земјата, Исус открил дека нема да биде сам во оваа влада (Лука 22:28—30). И други требало да бидат избрани од човештвото, кои ќе му се придружат на небото за да учествуваат во владеењето, сочинувајќи на тој начин еден спореден дел од семето на жената (Галатјаните 3:16, 29). Во Библијата е даден бројот на оние кои ќе бидат совладетели со Исус — сите земени од грешното човештво на земјата. Тој е 144.000 (Откровение 14:1—3).

9. а) Зошто Исус требало да се појави на земјата како човек? б) Како Исус ги укинал делата на Ѓаволот?

9 Меѓутоа, пред да почне да владее тоа Царство, животоважно било на земјата да се појави примарниот дел од Семето, Исус Христос. Зошто? Бидејќи тој бил наименуван од Јехова Бог како Оној кој треба да „ги урне [односно укине] делата ѓаволски“ (1. Јованово 3:8). Меѓу делата на Сатана било тоа што го навел Адам да згреши кое, пак, ја донело осудата на грев и смрт врз сите од Адамовото потомство (Римјаните 5:12). Исус го укинал ова дело на Ѓаволот со тоа што го дал својот живот како откупнина. На тој начин обезбедил темел за ослободување на човештвото од осудата на грев и смрт и го отворил патот до вечен живот (Матеј 20:28; Римјаните 3:24; Ефесјаните 1:7).

Што постигнува откупнината

10. Во што биле слични Исус и Адам?

10 Бидејќи животот на Исус бил префрлен од небото во матката на една жена, тој бил роден како совршен човек, неизвалкан од гревот на Адам. Тој го имал потенцијалот да живее засекогаш на земјата. На сличен начин, Адам бил создаден како совршен човек со изглед да се радува на вечен живот на земјата. Апостол Павле ја имал на ум сличноста меѓу овие двајца мажи, кога напишал: „,Првиот човек Адам стана жива душа‘, а последниот Адам [Исус Христос] — животворен дух. Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е од небото“ (1. Коринтјаните 15:45, 47).

11. а) Каков ефект имале врз човештвото Адам и Исус? б) Како треба да гледаме на Исусовата жртва?

11 Сличноста меѓу овие двајца — единствените двајца совршени мажи кои некогаш оделе по земјата — е подвлечена во библиската изјава дека Исус ‚се дал Себеси како [соодветен, NW] откуп за сите‘ (1. Тимотеј 2:6). На кого Исус бил соодветен? Па, на Адам кога тој сѐ уште бил совршен човек! Гревот на првиот Адам довел до осуда на смрт на целото човечко семејство. Жртвата на „последниот Адам“ го дава темелот за избавување од гревот и смртта за да можеме да живееме засекогаш! Колку само е скапоцена Исусовата жртва! Апостол Петар забележал: „Со пропадливо сребро или злато не сте искупени“. Напротив, Петар објаснил: „Туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне — Христос“ (1. Петрово 1:18, 19).

12. Како Библијата го опишува укинувањето на нашата осуда на смрт?

12 Библијата прекрасно го опишува начинот на кој ќе биде укината смртната осуда на човечкото семејство, велејќи: „Преку престапувањето на еден човек [она на Адам] дојде осудувањето на сите луѓе, така и преку правдата на Единиот [целиот Исусов пат на интегритет кој кулминирал со неговата смрт] дојде оправданието за живот на сите луѓе. Оти, како што преку непослушноста на еден човек [Адам] мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден [Исус], мнозина ќе станат праведни“ (Римјаните 5:18, 19).

Славен изглед

13. Зошто многумина имаат такво мислење за живеењето засекогаш?

13 Оваа Божја подготовка би требало многу да нѐ радува! Зарем не си восхитен од тоа што бил обезбеден Спасител? Кога биле запрашани: „Дали Ве привлекува изгледот да живеете засекогаш?“ во една анкета која ја направил еден весник во еден поголем американски град, изненадува тоа што 67,4 проценти од анкетираните одговориле со ‚не‘. Зошто рекле дека не сакаат да живеат засекогаш? Очигледно затоа што животот на земјата сега е поврзан со толку многу проблеми. Едно лице рекло: „Не уживам баш во помислата да изгледам како 200-годишник“.

14. Зошто живеењето засекогаш ќе претставува потполно задоволство?

14 Сепак, Библијата не зборува за живеење засекогаш во свет каде што луѓето ќе страдаат од болести, старост и други трагедии. Не, затоа што како Владетел на Божјето Царство, Исус ќе ги укине сите такви проблеми кои ги предизвикал Сатана. Според Библијата, Божјето Царство „ќе ги победи и разруши сите“ угнетувачки влади од овој свет (Даниил 2:44). Во тоа време, како одговор на молитвата за која Исус ги поучил своите следбеници, Божјата „волја“ ќе ‚се врши како на небото така и на земјата‘ (Матеј 6:9, 10). Во Божјиот нов свет, откако Земјата ќе биде исчистена од сета злоба, во целост ќе се применат користите од Исусовата откупнина. Да, сите кои се квалификуваат ќе бидат вратени во совршено здравје!

15, 16. Какви околности ќе постојат во Божјиот нов свет?

15 На луѓето кои ќе живеат во Божјиот нов свет, ќе се примени овој пасус од Библијата: „Тогаш телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години; и тој ќе се врати во дните на младите свои години“ (Јов 33:25). Ќе се исполни и едно друго библиско ветување: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее“ (Исаија 35:5, 6).

16 Замисли си само: Без оглед на нашата физичка возраст — сеедно дали имаме 80, 800 или уште повеќе години — нашите тела ќе останат со блескаво здравје! Ќе биде како што ветува Библијата: „Ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“. Во тоа време ќе се исполни и ова ветување: „Ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Исаија 33:24; Откровение 21:3, 4).

17. Кои достигнувања можеме да ги очекуваме од луѓето во Божјиот нов свет?

17 Во тој нов свет ќе можеме да го користиме нашиот величествен мозок на начинот на кој нашиот Творец предвидел кога го дизајнирал со неограничен капацитет за учење. Замисли си ги само чудесните нешта што ќе можеме да ги правиме! Дури и несовршени, луѓето произвеле сѐ што гледаме околу нас со помош на ризницата на елементите кои се во земјата — мобилни телефони, микрофони, часовници, пејџери, компјутери, авиони, да, каков и да било предмет. Ниеден од нив не бил направен од материјали кои се донесени од некое далечно место во универзумот. Со бескраен живот пред нас, потенцијалот за креативни достигнувања во идниот земен Рај ќе биде безграничен! (Исаија 65:21—25).

18. Зошто животот во Божјиот нов свет нема никогаш да биде досаден?

18 А животот нема да биде досаден. Ние уште сега едвај го чекаме нашиот следен оброк, иако сме јаделе можеби десетици илјади пати. Во услови на човечко совршенство, во уште поголема мера ќе се радуваме на вкусните производи од рајската земја (Исаија 25:6). И ќе го имаме вечното задоволство да се грижиме за изобилниот животински свет на земјата и да уживаме во спектакуларните залези на сонцето, планините, реките и долините. Навистина, животот во Божјиот нов свет никогаш нема да биде монотон! (Псалм 144:16).

Да се задоволат Божјите барања

19. Зошто е разумно да веруваме дека постојат барања за добивање на Божјиот дар на животот?

19 Дали би очекувал да го примиш Божјиот величествен подарок — вечен живот во рај без некаков напор од твоја страна? Зарем не е разумно Бог да бара нешто? Секако дека е. Всушност, Бог не ни го фрла дарот туку-така. Тој ни го пружа, но ние мораме да посегнеме за да го земеме. Да, вклучен е напор. Можеби ти ќе го поставиш истото прашање што му го поставил младиот богат владетел на Исус: „Што треба да направам, за да имам живот вечен?“ Или, пак, можеби ќе го формулираш прашањето онака како што го формулирал филипискиот темничар кога му се обратил на апостол Павле: „Што треба да направам, па да се спасам?“ (Матеј 19:16; Дела 16:30).

20. Кое е едно неопходно барање за вечен живот?

20 Ноќта пред својата смрт, Исус навел едно основно барање кога во молитвата до својот небесен Татко рекол: „Животот вечен е тоа, да Те познаат [да примаат спознание за, NW] Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Зарем не е разумно барањето да примаме спознание за Јехова, кој го овозможил вечниот живот, и спознание за оној кој умрел за нас, Исус Христос? Сепак, се бара повеќе отколку само да се прими такво спознание.

21. Како покажуваме дека го задоволуваме барањето да се практикува вера?

21 Библијата го вели и ова: „Кој верува [практикува вера, NW] во Синот, има живот вечен“. Потоа додава: „Кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји ќе биде врз него“ (Јован 3:36). Можеш да покажеш дека практикуваш вера во Синот ако правиш промени во својот живот и го доведеш во склад со Божјата волја. Мораш да го отфрлиш секој неисправен правец кој можеби си го следел и да преземеш акција да го правиш она што му е угодно на Бог. Треба да го правиш она што го заповедал апостол Петар: „Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши, за да дојдат времиња за освежување од лицето Господово“ (Дела 3:19, 20).

22. Кои постапки се вклучени во следењето на Исусовите чекори?

22 Никогаш да не заборавиме дека само со практикување вера во Исус ќе можеме да се радуваме на вечен живот (Јован 6:40; 14:6). Ние покажуваме дека практикуваме вера во Исус со тоа што ‚тесно ќе ги следиме неговите чекори‘ (1. Петрово 2:21NW). Што е вклучено во тоа? Па, во молитва до Бог, Исус извикнал: „Ете, идам . . . да ја извршам, Боже, волјата Твоја“ (Евреите 10:7). Животоважно е да го имитираш Исус во својата согласност да ја вршиш Божјата волја и да му го предадеш својот живот на Јехова. После тоа, треба да го симболизираш тоа предание преку крштавање во вода; и Исус се претставил за крштавање (Лука 3:21, 22). Преземањето на тие чекори е сосема разумно. Апостол Павле забележал дека „љубовта Христова нѐ гони [тера, NW]“ (2. Коринтјаните 5:14, 15). На кој начин? Па, љубовта го трогнала Исус да го даде својот живот во наша корист. Зарем тоа не треба да нѐ натера и нас да се одѕвиеме така што ќе практикуваме вера во него? Да, таа треба да нѐ тера да го следиме неговиот пример полн со љубов — тоа што се дал себеси за да им помогне на другите. Христос живеел за да ја врши Божјата волја; мораме и ние да го правиме истото, да не живееме повеќе за себеси.

23. а) Кон што мораат да се присоединат оние кои добиваат живот? б) Што се бара од оние кои се во христијанското собрание?

23 Но, тоа не е сѐ. Библијата вели дека на Педесетница 33 н. е., кога биле крстени 3.000 лица, тие ‚се присоединиле‘. Кон што се присоединиле? „И понатаму му се посветуваа на учењето на апостолите и на меѓусебното делење“ — објаснува Лука (Дела 2:41, 42NW). Да, тие се состанувале заради проучување на Библијата и дружење, и на тој начин се присоединиле кон, односно станале дел од христијанското собрание. Раните христијани редовно присуствувале на состаноци за духовна поука (Евреите 10:25). И Јеховините сведоци денес го прават тоа и сакаат да те охрабрат и тебе да присуствуваш на овие состаноци со нив.

24. Кој е „вистинскиот живот“, и како и кога ќе стане реалност?

24 Милиони сега го следат овој тесен пат што води до живот. За да се остане на овој тесен пат, потребен е вистински напор! (Матеј 7:13, 14). Павле го покажал ова во својот срдечен апел: „Бори се во добриот подвиг [добрата борба, NW] на верата; држи се за вечниот живот, за кој си и повикан“. Водењето на таа борба е потребно за да ‚се фатиме цврсто за вистинскиот живот‘ (1. Тимотеј 6:12, 19NW). Тој живот не е сегашниов живот на болки, маки и страдање кои ни ги наметнал Адамовиот грев. Напротив, тоа е живот во Божјиот нов свет, кој наскоро ќе стане реалност кога Христовата откупна жртва ќе биде применета во корист на сите љубители на Јехова Бог и на Неговиот Син, откако овој систем на ствари ќе биде отстранет. Нека сите ние избереме живот — „вистинскиот живот“ — вечен живот во Божјиот славен нов свет.

Како би одговорил?

◻ Кои се змијата, жената и семето од 1. Мојсеева 3:15 (NW)?

◻ Како Исус бил соодветен на Адам, и што овозможила откупнината?

◻ Што можеш со нетрпение да очекуваш, и што ќе направи Божјиот нов свет да биде толку радосен за тебе?

◻ Кои барања треба да ги задоволиме за да живееме во Божјиот нов свет?

[Прашања]

[Слика на страница 10]

Исус е единствениот пат до бескраен живот како за младите така и за старите

[Слика на страница 11]

Во Божје одредено време, на старите ќе им се врати нивната младешка сила