Обрни внимание на Божјата пророчка реч
Обрни внимание на Божјата пророчка реч
„Ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание“ (2. ПЕТРОВО 1:19).
1, 2. Можеш ли да раскажеш некој пример за лажен месија?
СО ВЕКОВИ лажни месии се обидувале да ја предвидат иднината. Во петтиот век н.е. еден човек кој се нарекол себеси Мојсеј ги уверил Евреите на островот Крит дека тој е месијата и дека ќе ги избави од угнетување. На денот одреден за нивното ослободување, тие го следеле до едно возвишение кое гледало на Средоземното Море. Им рекол дека треба само да се фрлат во морето, и тоа ќе се раздели пред нив. Голем број од луѓето кои се нурнале во водите се удавиле, а тој лажен месија побегнал од сцената.
2 Во 12 век, „месија“ се појавил во Јемен. Калифот, или владетелот, побарал од него знак за неговото месијанство. Овој „месија“ предложил калифот да му ја пресече главата. Прорекол свое брзо воскресение кое би послужило како знак. Калифот се сложил со планот — и тоа било крај на тој „месија“.
3. Кој е вистинскиот Месија, и што докажала неговата служба?
3 Лажните месии и нивните пророштва се потполни промашувања, но обрнувањето внимание на Божјата пророчка реч никогаш не води до разочарување. Вистинскиот Месија, Исус Христос, бил живо исполнување на многу библиски пророштва. Цитирајќи го пророштвото на Исаија, на пример, евангелискиот писател Матеј напишал: „,Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја. Народот што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во место на сенка смртна, им изгреа светлина.‘ Оттогаш почна Исус да проповеда и да говори: ‚Покајте се, зашто се приближи царството небесно!‘“ (Матеј 4:15—17; Исаија 9:1, 2). Исус бил таа „голема светлина“, а неговата служба докажала дека тој бил Пророкот претскажан од Мојсеј. Оние кои одбиваат да му бидат послушни на Исус ќе бидат уништени (5. Мојсеева 18:18, 19; Дела 3:22, 23).
4. Како Исус го исполнил Исаија 53:12?
4 Исто така, Исус ги исполнил пророчките зборови од Исаија 53:12: „Зашто душата Своја на смрт ја предаде, и меѓу злодејци беше вброен и ги понесе врз Себе гревовите на мнозина и за престапниците стана посредник“. Свесен дека наскоро ќе го даде својот човечки живот како откупнина, Исус им ја зајакнал верата на своите ученици (Марко 10:45). Тоа го сторил на еден извонреден начин — преку преобразувањето.
Преобразувањето изградува вера
5. Како со свои зборови би го опишал преобразувањето?
5 Преобразувањето било пророчки настан. Исус рекол: „На Синот човечки му е одредено да дојде во славата на својот Татко со своите ангели . . . Навистина ви велам дека некои од оние кои стојат овде воопшто нема да вкусат смрт додека најпрво не го видат Синот човечки како доаѓа во своето царство“ (Матеј 16:27, 28, NW). Дали некои апостоли навистина го виделе Исус како доаѓа во неговото Царство? Во Матеј 17:1—7 се вели: „А по шест дни ги зеде Исус со Себе Петра, Јакова и брата му Јована, и ги изведе во висока гора сами; и се преобрази пред нив“. Каков само драматичен настан! „Лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина. И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него.“ Исто така, ‚ги засенил светол облак‘ и го чуле Божјиот глас кој им рекол: „,Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!‘ И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија. Но Исус, штом се приближи, се допре до нив и им рече: ‚Станете и не бојте се!‘“.
6. а) Зошто Исус преобразувањето го нарекол визија? б) На што е претсјај преобразувањето?
6 Овој настан кој влева стравопочит веројатно се одиграл на еден од гребените на гората Ермон, каде што Исус и тројцата апостоли ја поминале ноќта. Преобразувањето изгледа се случило ноќе, што придонело тоа да биде особено живописно. Една причина зошто Исус го нарекол визија било тоа што Мојсеј и Илија кои долго време биле мртви, не биле дословно присутни. Таму всушност бил само Христос (Матеј 17:8, 9). Таквото блескаво прикажување им дало на Петар, Јаков и Јован спектакуларен претсјај на Исусовата славна присутност во моќта на Царството. Мојсеј и Илија имаат паралела во Исусовите помазани придружни наследници, а визијата силно го поткрепува неговото сведоштво за Царството и за неговото идно царување.
7. Од каде знаеме дека Петар имал живописни сеќавања за преобразувањето?
7 Преобразувањето помогнало да се зајакне верата на тројцата апостоли кои требало да играат водечка улога во христијанското собрание. Христовото осветлено лице, неговата блескава облека и самиот Божји глас кој изјавил дека Исус е Неговиот љубен Син кого треба да го послушаат — сево ова многу делотворно послужило за неговата цел. Но, апостолите не требало никому да му ја раскажуваат визијата сѐ додека Исус не бил воскреснат. После околу 32 години, оваа визија сѐ уште била жива во мислите на Петар. Укажувајќи на неа и на нејзиното значење, тој напишал: „Зашто ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени параболи [препредено смислени лажни приказни, NW], туку откако станавме очевидци на Неговото величие. Оти Он прими чест и слава од Бога Отецот, кога од велелепната слава Му дојде ваков глас: ‚Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение‘. И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на Светата гора“ (2. Петрово 1:16—18).
8. а) На што го сосредоточила вниманието изјавата на Бог во врска со неговиот Син? б) Што покажувал облакот кој се појавил при преобразувањето?
8 Од најголема важност била Божјата изјава: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“ Оваа изјава го сосредоточува вниманието на Исус како Божји востоличен Цар, кому целото творештво мора да му изрази послушност. Облакот кој ги засенил, покажувал дека исполнувањето на оваа визија ќе биде невидливо. Него со очите на разбирањето ќе го забележат само оние кои ќе го препознаат „знакот“ на Исусовата невидлива присутност во моќта на Царството (Матеј 24:3). Всушност, Исусовото упатство никому да не кажуваат за визијата сѐ додека тој не биде подигнат од мртвите покажува дека неговото возвишување и прославување ќе настапи после неговото воскресение.
9. Зошто преобразувањето треба да ја зајакне нашата вера?
9 Откако укажал на преобразувањето, Петар рекол: „А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети [се појави, NW] во вашите срца. Знајте го прво тоа дека ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот. Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух“ (2. Петрово 1:19—21). Преобразувањето ја подвлекува веродостојноста на Божјата пророчка реч. Мораме да обрнуваме внимание на таа реч а не на „лукаво измислени бајки“ кои немаат божествена поддршка или одобрување. Преобразувањето треба да ја зајакне нашата вера во пророчката реч бидејќи тој предвремен поглед на Исусовата слава и моќта на Царството станал реалност. Да, ние имаме непобитен доказ дека денес Христос е присутен како моќен небесен Цар.
Како се појавува Деницата
10. Кој или што е „Деницата“ која ја спомнал Петар, и зошто одговараш така?
10 Петар напишал: „Добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети [се појави NW]“. Кој или што е „Деницата“? Зборот ‚Деница‘ во Библијата се појавува само еднаш, и има слично значење со „утринска ѕвезда“. Откровение 22:16 (NW) го нарекува Исус Христос „сјајната утринска ѕвезда“. Во некои сезони од годината, таквите ѕвезди се последните кои се појавуваат на источниот хоризонт. Се појавуваат токму пред да изгрее сонцето, и на тој начин го навестуваат самнувањето на новиот ден. Петар го употребил зборот ‚Деница‘ за да укаже на Исус откако тој ќе ја добие власта во Царството. Во тоа време, Исус се појавил во целиот универзум, вклучувајќи ја и Земјата! Како месијанска Деница, тој го навестува самнувањето на еден нов ден, или ера, за послушното човештво.
11. а) Зошто 2. Петрово 1:19 не значи дека „Деницата“ се појавува дословно во човечките срца? б) Како би го објаснил 2. Петрово 1:19?
11 Многу библиски преводи ја застапуваат идејата дека зборовите на апостол Петар запишани во 2. Петрово 1:19 укажуваат на дословното човечко срце. Срцето на возрасен човек тежи 250—300 грама. Како би можел Исус Христос — сега славно бесмртно духовно суштество на небото — да се појави во овој мал човечки орган? (1. Тимотеј 6:16). Секако, во ова е вклучено нашето фигуративно срце, зашто со него обрнуваме внимание на Божјата пророчка реч. Но, погледни внимателно во 2. Петрово 1:19 во Преводот Нов свет и ќе видиш дека тој користи запирки за да ја одвои апозициската фраза „додека не самне денот и не се појави ѕвезда деница“ од претходните зборови во стихот и од изразот „во вашите срца“. Овој стих би можел да се изрази вака: ‚Ја имаме пророчката реч уште посигурна; и добро правите што ѝ обрнувате внимание како на светилка која светли на темно место, т.е. во вашите срца, сѐ додека не самне денот и не се појави ѕвезда деница‘.
12. Каква е состојбата на човечките срца општо земено, но како е со вистинските христијани?
12 Каква е, општо земено, состојбата на фигуративните срца во грешното човештво? Па, нивните срца се во духовна темнина! Меѓутоа, ако сме вистински христијани, тоа е како во нашето срце да свети светилка, инаку би било темно. Како што покажуваат зборовите на Петар, само ако обрнуваат внимание на Божјата просветлувачка пророчка реч вистинските христијани ќе останат будни и просветлени до самнувањето на новиот ден. Ќе бидат свесни за фактот дека Деницата се појавила, не во телесните човечки срца, туку пред целото творештво.
13. а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Деницата веќе се појавила? б) Зошто христијаните можат да истраат во тешките околности кои ги претскажал Исус за нашево време?
13 Деницата веќе се појавила! Можеме да бидеме сигурни во тоа ако обрнеме внимание на Исусовото големо пророштво во врска со неговата присутност. Денес го доживуваме исполнувањето на тие настани, како што се беспримерни војни, глад, земјотреси и проповедање на добрата вест ширум светот (Матеј 24:3—14). Иако тешките околности кои ги претскажал Исус ги погодуваат и христијаните, можеме да истраеме со мир и радост во срцето. Зошто? Бидејќи обрнуваме внимание на Божјата пророчка реч и имаме вера во она што го ветува тој за иднината. Знаеме дека се наоѓаме на прагот на најдоброто од сите времиња бидејќи сме длабоко навлезени во „времето на крајот“! (Даниил 12:4, NW). Светот се наоѓа во очајниот теснец кој е претскажан во Исаија 60:2: „Ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак — народите“. Како може некој да си го пронајде патот во темнина? Мора понизно да обрнува внимание на Божјата пророчка реч сега, пред да биде предоцна. Луѓето со искрени срца треба да се обратат кон Јехова Бог, Изворот на живот и светлина (Псалм 35:9; Дела 17:28). Само на тој начин може да имаат вистинска просветленост и надеж да уживаат во прекрасната иднина која е Божја намера за послушното човештво! (Откровение 21:1—5).
„Светлината дојде на светот“
14. Што мора да правиме за да го доживееме исполнувањето на прекрасните библиски пророштва?
14 Писмото разјаснува дека Исус Христос сега владее како Цар. Поради тоа што во 1914 дошол на власт, допрва ќе се исполнат прекрасни пророштва. За да го доживееме нивното исполнување, мораме да се покажеме кротки лица кои практикуваат вера во Исус Христос, кои се каат за грешните дела и гревови кои сме ги извршиле во незнаење. Секако, оние кои ја сакаат темнината нема да добијат вечен живот. Исус рекол: „Овој суд е за тоа што Светлината дојде на светот, но на луѓето им омиле повеќе мракот отколку светлината, оти нивните дела беа лоши. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави. А оној што твори вистина, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени“ (Јован 3:19—21).
15. Што ќе се случи ако го занемариме спасението кое Бог го овозможил преку својот Син?
15 Духовната светлина дошла на светот преку Исус, и затоа е животоважно да го слушаме. Павле напишал: „Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на оците наши преку пророците, во последниве дни ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сѐ“ (Евреите 1:1, 2). Што ќе се случи ако со презир го отфрлиме спасението кое Бог ни го овозможил преку својот Син? Павле понатаму вели: „Ако реченото слово преку ангелите се покажа верно, и ако секој престап и секоја непослушност прими праведна отплата, како тогаш ќе избегнеме, ако занемариме такво големо спасение, кое, најнапред проповедано од Господа, се потврди од оние што го беа чуле од Него, кога и Бог им го потврди сведоштвото со знаци и чудеса, со разни сили и со раздавање дарови на Светиот Дух по Своја волја?“ (Евреите 2:2—4). Да, Исус е централна личност во објавувањето на пророчката реч (Откровение 19:10).
16. Зошто можеме да имаме целосна вера во сите пророштва на Јехова Бог?
16 Како што забележавме, Петар рекол: „Ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување“. Луѓето сами по себе не можат да дадат вистинско пророштво, но можеме да имаме целосна вера во сите Божји пророштва. Тие потекнуваат од самиот Јехова Бог. Тој со светиот дух им овозможил на своите слуги да разберат како се исполнуваат библиските пророштва. Всушност, ние сме му благодарни на Јехова што од 1914 година сме го виделе исполнувањето на многу такви пророштва. И апсолутно сме сигурни дека сите останати пророштва во врска со крајот на овој зол систем на ствари ќе се исполнат. Животоважно е и понатаму да обрнуваме внимание на божествените предвидувања додека дозволуваме нашата светлина да свети (Матеј 5:16). Колку само сме му благодарни на Јехова што предизвикува ‚светлината да изгрее за нас во густата темнина‘ со која е обвиткана Земјата денес! (Исаија 58:10).
17. Зошто ни е потребна духовната светлина од Бог?
17 Физичката светлина ни овозможува да гледаме. Таа го овозможува и растот на посевите кои нѐ снабдуваат со најразновидна храна. Ние не можеме да преживееме без физичка светлина. А како е со духовната светлина? Таа ни дава водство и ни ја покажува иднината која е проречена во Божјата реч, Библијата (Псалм 118:105). Јехова Бог со љубов ‚ја испраќа својата светлина и вистина‘ (Псалм 42:3). Сигурно би требало да покажуваме длабоко ценење за таквите подготовки. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да ја впиваме светлината на „славното спознание за Бог“ (NW) за да може таа да го осветли нашето фигуративно срце (2. Коринтјаните 4:6; Ефесјаните 1:18).
18. За што е спремна сега Јеховината Деница?
18 Колку само сме благословени што знаеме дека во 1914 Исус Христос, Деницата, се јавил во целиот универзум и почнал да ја исполнува визијата на преобразувањето! Сега Јеховината Деница е на сцената, спремна да ја изврши Божјата намера во понатамошно исполнување на преобразувањето — ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘ (Откровение 16:14, 16). Откако овој стар систем ќе биде опустошен, Јехова ќе го исполни своето ветување за „ново небо и нова земја“ во кои ќе можеме да го фалиме засекогаш како Суверен Господ на универзумот и Бог на вистинитото пророштво (2. Петрово 3:13). Сѐ до тој величествен ден, и понатаму да одиме во божествената светлина со тоа што ќе обрнуваме внимание на Божјата пророчка реч.
Како би одговорил?
• Како би го опишал преобразувањето на Исус?
• Како преобразувањето ја изградува верата?
• Кој или што е Јеховината Деница, и кога се појавила?
• Зошто треба да обрнеме внимание на Божјата пророчка реч?
[Прашања]
[Слика на страница 13]
Можеш ли да го објасниш значењето на преобразувањето?
[Слика на страница 15]
Деницата веќе се појавила. Знаеш ли како и кога?