Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се служи со цела душа и покрај испитите

Да се служи со цела душа и покрај испитите

Животна приказна

Да се служи со цела душа и покрај испитите

РАСКАЖАЛ РОДОЛФО ЛОЗАНО

Роден сум во Мексико, во градот Гомез Паласио, држава Дуранго, на 17 септември 1917. Мексиканската Револуција била во полн замав. Иако во 1920 револуцијата заврши, немирите во подрачјето каде што живеевме продолжија со години потоа, а тоа го правеше животот многу тежок.

ЕДНАШ, кога дозна дека ќе дојде до судир меѓу бунтовничките сили и војската, мајка ми неколку дена нѐ чуваше дома мене и моите тројца браќа и две сестри. Малку имавме за јадење, и се сеќавам дека со помалата сестричка се криевме под креветот. Потоа, мајка ми реши да нѐ одведе нас децата во Соединетите Држави, каде што подоцна требаше да ни се придружи и татко ми.

Пристигнавме во Калифорнија во 1926, кратко пред да избие Големата Депресија во Соединетите Држави. Се селевме секаде каде што можевме да најдеме работа, на места како, на пример, долината Сан Хоакин, Санта Клара, Салинас и Кинг Сити. Научивме да работиме на полињата и да собираме секаков вид овошје и зеленчук. Иако младоста ми беше време на напорна работа, сепак, таа беше еден многу убав период од мојот живот.

Достигнати со библиската вистина

Во март 1928 нѐ посети еден Библиски студент, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци. Тој беше постар човек кој зборуваше шпански, по име Естебан Ривера. Ме импресионира насловот на брошурката што ни ја остави, „Каде се мртвите?“, а исто така и содржината. Иако бев млад, продолжив со библиската студија и продолжив да се дружам со Библиските студенти. Со текот на времето, мајка ми и сестра ми Аурора исто така станаа ревносни фалители на Јехова.

Кон средината на 1930-тите, во Сан Хозе беше изградена Сала на Царството за собранијата од англиско говорно подрачје. Со оглед на тоа што на фармите во тоа место работеа многу луѓе со шпанско потекло, почнавме да им проповедаме и да одржуваме Студија на Стражарска кула. Тоа го правевме со помош на Сведоци од шпанско потекло од Сан Франциско, оддалечен околу 80 километри. Со текот на времето, во Салата на Царството во Сан Хозе на состаноците на шпански јазик имавме околу 60 присутни.

Конечно, на 28 февруари 1940 на еден собир во Сан Хозе го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во вода. Следната година бев наименуван за пионер, полновремен министер на Јеховините сведоци. Потоа, во април 1943, бев поканет да се преселам во Стоктон, град оддалечен околу 130 километри, за да формирам собрание на шпански јазик. Во тоа време служев како претседавачки надгледник на англиското собрание во Сан Хозе, а се грижев и за тамошните Сведоци од шпанско говорно подрачје. Откако организирав други да се грижат за овие одговорности, се преселив во Стоктон.

Интегритетот ставен на испит

Од 1940 честопати бев повикуван пред регрутна комисија, но секојпат беше почитуван мојот став на лице со приговор на совеста. Набрзо откако Соединетите Држави влегоа во Втората светска војна, во декември 1941, притисокот од регрутната комисија се зголеми. На крај, во 1944 ме ставија в затвор. Додека чекав да бидам осуден, ме чуваа во еден подрум со криминалци. Кога дознаа дека сум Јеховин сведок, многумина од нив почнаа да поставуваат прашања за тоа како злосторствата што ги извршиле ќе влијаат врз нивната положба пред Бог.

Сведоците од Сан Хозе ја платија мојата кауција, така што бев ослободен од судењето на кое чекав. Еден адвокат од Лос Анџелес, кој ги застапуваше случаите на обвинети за граѓански права, го прифати мојот случај бесплатно. Судијата реши да ме ослободи под услов да престанам да пионерам, да најдам световна работа и да се пријавувам кај федералните власти секој месец. Не ја прифатив таа одлука, па затоа бев осуден на две години затвор на островот Мекнил во државата Вашингтон. Таму времето го користев за интензивно проучување на Библијата. Научив и да чукам на машина. Ме ослободија за помалку од две години заради добро однесување. Веднаш направив подготовки да продолжам со пионерската служба.

Проширена активност

Зимата 1947 бев доделен да работам меѓу луѓето од шпанското говорно подрачје во Колорадо Сити (Тексас), заедно со еден другар пионер. Но, беше толку студено што отидовме да се згрееме во Сан Антонио. Меѓутоа, таму толку многу врнеше што ја прекинавме службата од врата до врата. Набргу останавме без пари. Неколку седмици преживуваме само со сендвичи од свежа зелка и чај од луцерка. Мојот другар се врати дома, но јас останав. Кога Сведоците од англиското говорно подрачје дознаа за моите физички потреби, почнаа да ми помагаат.

Следната пролет се вратив на мојата доделба во Колорадо Сити, и на крај беше формирано мало собрание на шпански јазик. Потоа се преселив во Свитвотер (Тексас), каде помогнав да се формира уште едно собрание на шпански јазик. Додека бев во Свитвотер, добив писмо со кое бев поканет на 15. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower за мисионерска обука, која започнуваше на 22 февруари 1950. По дипломирањето тоа лето на меѓународниот конгрес на Јенки стадионот во Њујорк Сити, останав три месеци во светското главно седиште на Јеховините сведоци во Бруклин. Таму добив обука за мојата доделба во канцеларијата на подружницата во Мексико.

Работа во Мексико

Во Мексико Сити пристигнав на 20 октомври 1950. По околу две седмици бев наименуван за надгледник на подружницата, доделба на која останав четири и пол години. Искуството што го стекнав во пионерската служба, во затворот, на Гилеад и во Бруклин се покажа многу корисно. Кога пристигнав во Мексико, брзо ја увидов потребата да се изгради духовноста кај нашите мексикански браќа и сестри. Особено имаше потреба да им се помогне да ги задржат високите морални мерила од Божјата реч.

Во земјите од Латинска Америка, вклучувајќи го и Мексико, имаше обичај паровите да живеат заедно без законски да се венчаваат. Религиите на христијанскиот свет, особено Римокатоличката црква, дозволуваа да преовладува овој небиблиски обичај (Евреите 13:4). Така, некои беа членови на собранијата на Јеховините сведоци иако не беа законски венчани. Сега беше направена подготовка на таквите да им се дадат шест месеци да си ги средат работите. Инаку, повеќе не можеа да бидат признати како Јеховини сведоци.

На многумина им беше едноставно да си го средат животот. Требаше само да ја легализираат врската со тоа што ќе се венчаат. Други се наоѓаа во покомплицирани ситуации. На пример, некои беа во брак по двапати, па и по трипати, без да имаат дури и законски развод. Кога брачните состојби на Јеховиниот народ беа конечно доведени во склад со учењата од Божјата реч, собранијата уживаа прекрасни духовни благослови (1. Коринќаните 6:9-11).

Во тие денови нивото на световно образование во Мексико во глобала беше ниско. Дури и пред да пристигнам во 1950, канцеларијата на подружницата беше почнала да организира класови за читање и пишување во собранијата. Сега овие класови беа реорганизирани, и беа направени подготовки тие да бидат регистрирани кај владата. Од 1946, кога почна да се води евиденција, во класовите кои ги водеа Сведоците во Мексико научија да читаат и пишуваат повеќе од 143.000 лица!

Законите во Мексико беа многу рестриктивни во однос на религијата. Меѓутоа, последниве години во тој поглед беа постигнати многу важни промени. Во 1992 беше донесен нов закон за верски прашања, па така во 1993 Јеховините сведоци во Мексико беа регистрирани како религиозна организација.

За мене овие промени беа извор на голема радост, тие беа нешто што порано мислев дека е невозможно. Низ многуте години секогаш одново одев по владините канцеларии и се соочував со став на прилична недоверба. Меѓутоа, убаво е да се види како овие работи беа решени преку Правниот оддел на канцеларијата на нашата подружница, така што сега се соочуваме со релативно мали пречки во службата на проповедање.

Служење со брачен другар мисионер

Кога пристигнав во Мексико, во земјата веќе имаше многу дипломци на претходните класови на Гилеад. Меѓу нив беше Естер Вартаниан, Сведок од Ерменија, која почнала да пионери во Велијо (Калифорнија) во 1942. Се венчавме на 30 јули 1955, и потоа продолживме со нашата доделба во Мексико. Естер остана во мисионерското дело во Мексико Сити, а живеевме во подружницата, каде што јас продолжив да служам.

Естер пристигнала на својата прва мисионерска доделба во Монтереј (Нуево Леон, Мексико) во 1947. Во Монтереј имало само едно собрание од 40 Сведоци, но до времето кога во 1950 била префрлена во Мексико Сити веќе имало четири собранија. Во нашата подружница во близина на Мексико Сити моментално има два млади потомка на семејства со кои Естер ја проучувала Библијата кога служела во Монтереј.

Во 1950 проповедничкото подрачје на мисионерите во Мексико Сити го опфаќаше поголемиот дел од градот. Тие го поминуваа подрачјето каде што беа доделени пешки или со многу стари автобуси пренатрупани со луѓе. Кога стапив на сцената при крајот на 1950, имаше седум собранија. Сега тие се зголемија на околу 1.600 со над 90.000 објавители на Царството во Мексико Сити, а минатата година на Меморијалот на Христовата смрт таму присуствуваа повеќе од 250.000 лица! Низ годините, Естер и јас имавме предност да служиме во многу од овие собранија.

Кога Естер и јас започнуваме библиска студија, секогаш се обидуваме да го заинтересираме таткото на семејството за да се вклучи целото семејство. Така дочекавме да видиме како многу големи семејства почнаа да му служат на Јехова. Верувам дека една од причините за рапидниот пораст на вистинското обожавање во Мексико е тоа што честопати цели семејства обединето се придружуваат во чистото обожавање.

Јехова го благословува делото

Од 1950 па наваму напредокот на делото во Мексико е вреден за внимание, како во однос на растот на бројките така и во однос на промените во организацијата. Вистинско задоволство е да се има еден мал придонес во тој пораст, работејќи со еден толку гостољубив и среќен народ.

Пред неколку години, додека беа на одмор, нѐ посетија Карл Клајн, кој служи како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, и неговата сопруга Маргарет. Брат Клајн сакаше да го почувствува пулсот на делото на нашето мексиканско подрачје, па затоа тој и Маргарет дојдоа во собранието Сан Хуан Тезонтла, во близина на Мексико Сити, каде што бевме и ние во тоа време. Нашата сала беше малечка, широка околу 4,5 метри и долга 5,5 метри. Кога пристигнавме, веќе имаше 70-тина присутни, и скоро немаше место ни за стоење. Постарите седеа на столици, помладите на клупи, а децата на цигли или на подот.

Брат Клајн беше многу импресиониран бидејќи сите деца ги имаа спремено своите Библии, и ги бараа библиските стихови заедно со говорникот. По јавното предавање, брат Клајн зборуваше за Матеј 13:19-23 и рече дека во Мексико има голем дел од ‚добрата почва‘ која ја спомнал Исус. Моментално, седум од децата кои беа присутни тој ден работат на огромниот проект на проширување на објектите на нашата подружница во близина на Мексико Сити. Еден друг служи во Бетел, а неколкумина се пионери!

Кога дојдов во Мексико Сити, во нашата подружница имаше само 11 членови. Сега таму работат 1.350, од кои околу 250 работат на изградба на нови згради на подружницата. Кога оваа работа ќе се заврши, можеби во 2002, во нашите проширени објекти ќе можеме да сместиме уште 1.200 луѓе. Кога човек само ќе помисли дека во 1950 во целата земја бевме помалку од 7.000 објавители на Царството, а сега имаме повеќе од 500.000! Срцето ми се прелева од радост кога гледам како Јехова ги благословува напорите на нашите понизни мексикански браќа кои толку многу се трудат да го фалат.

Соочување со голем предизвик

Еден од моите најголеми предизвици во последно време беше болеста. Општо земено, бев здрав човек. Но, во ноември 1988 доживеав мозочен удар кој во голема мера влијаеше врз моите физички способности. Благодарение на Јехова, преку вежби и други терапии закрепнав до извесна мера, но некои делови од моето тело не реагираат како што јас би сакал. И понатаму сум под третмани и медицинска нега за да ги избегнам силните главоболки и другите последици што и понатаму ги трпам.

Иако повеќе не можам да правам толку колку што би сакал, црпам задоволство од сознанието дека можев да им помогнам на многумина да научат за Јеховините намери и да станат негови предадени слуги. Исто така, уживам да разговарам со колку што е можно повеќе христијански браќа и сестри кога ја посетуваат нашата подружница; чувствувам дека заемно сме охрабрени.

Тоа што знам дека Јехова ја цени нашата служба за него и дека она што сме го направиле не е залудно, многу ме зајакнува (1. Коринќаните 15:58). И покрај моите ограничувања и болеста, ги земам при срце зборовите од Колошаните 3:23, 24: „Што и да правите, работете на тоа со сета душа како за Јехова, а не како за луѓето, зашто знаете дека од Јехова ќе ја примите соодветната награда, наследството“. Во склад со оваа опомена, научив да му служам на Јехова со цела душа и покрај испитите.

[Слика на страница 24]

Во 1942, додека бев пионер

[Слика на страница 24]

Мојата сопруга почнала со мисионерска доделба во Мексико во 1947

[Слика на страница 24]

Со Естер денес

[Слики на страница 26]

Горе лево: Нашата бетелска фамилија во 1952 во Мексико, јас сум напред

Горе: Повеќе од 109.000 лица се собраа на овој стадион во Мексико Сити на еден обласен конгрес во 1999

Долу лево: Новите објекти на нашата подружница сега се при крај