Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Врвни точки од книгата Второзаконие

Врвни точки од книгата Второзаконие

Јеховината реч е жива

Врвни точки од книгата Второзаконие

СЕГА е 1473 година пр.н.е. Поминаа четириесет години откако Јехова ги избави Израелевите синови од египетското ропство. Талкајќи низ пустелијата сите овие години, Израелците сѐ уште се нација без земја. Меѓутоа, конечно стојат на прагот на Ветената земја. Што ги чека додека ја освојуваат? На какви проблеми ќе наидат, и како треба да се справат со нив?

Пред Израел да ја премине реката Јордан за да влезе во хананската земја, Мојсеј го подготвува собранието за тешката задача што го чека. Како? Така што изнесува низа говори што охрабруваат и поттикнуваат, што опоменуваат и предупредуваат. Ги потсетува Израелците дека Јехова Бог заслужува исклучителна оддаденост и дека не смеат да ги имитираат околните нации. Овие говори го сочинуваат најголемиот дел од библиската книга Второзаконие. А советите што се дадени во тие говори се токму она што ни е потребно и нам денес, зашто и ние живееме во свет во кој е навистина тешко да се биде исклучително оддаден на Јехова (Евреите 4:12).

Напишана од Мојсеј, освен последното поглавје, книгата Второзаконие опфаќа период од нешто повеќе од два месеца * (Второзаконие 1:3; Исус Навин 4:19). Да видиме како она што е кажано во неа може да ни помогне да го сакаме Јехова Бог со сето свое срце и да му служиме верно.

‚НЕ ЗАБОРАВАЈ ШТО ВИДЕ СО СВОИТЕ ОЧИ‘

(Второзаконие 1:1—4:49)

Во првиот говор, Мојсеј раскажува некои од искуствата во пустелијата — особено оние што ќе им бидат од корист на Израелците додека се подготвуваат да ја освојат Ветената земја. Извештајот за наименувањето на судии сигурно ги потсетил дека Јехова го организира својот народ на начин што покажува дека со љубов се грижи за нив. Исто така, Мојсеј раскажува дека неповолниот извештај на десетте шпиони бил причината зошто претходната генерација не влегла во земјата што им била ветена. Размисли само какво влијание мора да имал овој предупредувачки пример врз оние што го слушале Мојсеј додека пред себе ја гледале таа земја.

Тоа што си спомнале за победите што Јехова им ги дал на Израелевите синови пред да го преминат Јордан сигурно ги исполнило со храброст додека стоеле спремни да почнат со своите освојувања од другата страна на реката. Земјата што требало да ја освојат била преполна со идолопоклонство. Колку само е на место што Мојсеј дава сериозно предупредување за опасноста од обожавањето идоли!

Одговорени библиски прашања:

2:4—6, 9, 19, 24, 31—35; 3:1—6 — Зошто Израелците уништиле некои народи што живееле источно од Јордан, а други не? Јехова им заповедал на Израелците да не војуваат против синовите на Исав. Зошто? Затоа што тие биле потомци на братот на Јаков. Израелците не требало да ги вознемируваат ниту да војуваат против Моавците и Амонците, зашто биле потомци на Лот, внукот на Авраам. Меѓутоа, аморејските цареви Сион и Ог немале такво право на земјата што била под нивна контрола. Затоа, кога Сион одбил да им дозволи на Израелците да поминат и кога Ог излегол во војна против нив, Јехова им заповедал на Израелците да ги уништат нивните градови и да не остават преживеани.

4:15—20, 23, 24 — Дали забраната да се прават делкани ликови значи дека е погрешно да се прават слики на предмети за уметнички цели? Не. Оваа забрана била против тоа да се прават ликови за обожавање — против тоа ‚да им се клањаме и да им искажуваме почитување‘. Писмото не забранува да се прават скулптури или да се цртаат слики на предмети за уметнички цели (1. Цареви 7:18, 25).

Поуки за нас:

1:2, 19. Израелевите синови талкале низ пустелијата околу 38 години, иако Кадис-Варниј бил само „на единаесет денови одење“ од Хорив [планинскиот регион околу планината Синај каде што биле дадени Десетте заповеди] „преку Синајската Гора [Сеир, NW]“. Каква само цена морале да платат затоа што не го послушале Јехова Бог! (Броеви 14:26—34).

1:16, 17. Божјите мерила на судење денес се исти. Оние на кои им е доверена одговорноста да служат во некој правен одбор не смеат да дозволат пристрасноста или стравот од човек да го искриват нивниот суд.

4:9. За да успеат, од суштинска важност било Израелците ‚да не ги заборават делата што ги виделе со своите очи‘. Како што ветениот нов свет се приближува, неопходно е и ние да ги задржиме на ум прекрасните дела на Јехова така што марливо ќе ја проучуваме неговата Реч.

САКАЈ ГО ЈЕХОВА И СЛУШАЈ ГИ НЕГОВИТЕ ЗАПОВЕДИ

(Второзаконие 5:1—26:19)

Во својот втор говор, Мојсеј раскажува за тоа кога бил даден Законот на планината Синај и ги повторува Десетте заповеди. Седум нации се точно наведени за уништување. Израелевите синови се потсетени на една важна поука што ја научиле во пустелијата: „Дека човекот не живее само од лебот, туку дека човекот живее од сѐ што излегува од Господовата уста“. Во новата ситуација, тие морале ‚да ги пазат сите заповеди‘ (Второзаконие 8:3; 11:8).

Кога ќе се населат во земјата што им била ветена, на Израелците ќе им требаат закони не само во врска со обожавањето туку и закони во врска со судењето, управувањето, војните и секојдневниот општествен и личен живот. Мојсеј ги повторува овие закони и нагласува дека треба да го сакаат Јехова и да ги слушаат неговите заповеди.

Одговорени библиски прашања:

8:3, 4 — На кој начин облеката на Израелците не се кинела и нозете не им отечувале за време на патувањето низ пустелијата? Тоа била чудесна подготовка, како што било и редовното снабдување со мана. Израелците ги користеле истите алишта и обувки што ги носеле кога почнале да талкаат во пустелијата, и како што возрасните умирале а децата растеле, веројатно алиштата преминувале од еден на друг. Бидејќи двата пописа што биле направени во почетокот и на крајот од патувањето низ пустелијата откриле дека бројот на Израелците не се зголемил, првобитната резерва од оваа облека била доволна (Броеви 2:32; 26:51).

14:21 — Зошто Израелците можеле да му дадат или да му продадат на некој придојденик или на некој туѓинец неискрвавено мртво животно што тие самите не го јаделе? Во Библијата, изразот „придојденик“ може да укажува на не-Израелец кој станал прозелит, или на доселеник кој живеел според основните закони на земјата но кој не станал обожавател на Јехова. Туѓинците и придојдениците што не станале прозелити не биле под Законот и можеле да користат неискрвавени животни на различни начини. На Израелците им било дозволено да им даваат или да им продаваат такви животни. Прозелитите, од друга страна, пак, биле обврзани од Сојузот на законот. Како што е покажано во Левит 17:10, на таквите лица им било забрането да јадат крв од животно.

24:6 [ПСП] — Зошто да се земе во залог ‚горен воденички камен‘ било споредено со тоа да се земе во залог „душа“? Мелницата и нејзиниот горен камен ја претставувале ‚душата‘ на еден човек, или неговите средства за живот. Да се земе една од овие две работи би било исто како да се земе лебот од устата на целото семејство.

25:9 — Кое е значењето на тоа да се извади обувката од ногата и да се плукне во лицето на некој човек што одбил да стапи во деверски брак? Според еден „обичај во Израел: за да се поткрепи полноважноста на откуп . . .човекот би собул една обувка и би му ја дал на другиот“ (Рута 4:7). Според тоа, кога човек што одбил да стапи во деверски брак ќе ја собуел обувката, тоа било потврда дека се откажува од својата положба и правото да обезбеди наследник за својот починат брат. Тоа било срам за него (Второзаконие 25:10). Да му се плукне в лице било чин на понижување (Броеви 12:14).

Поуки за нас:

6:6—9. Како што на Израелците им било заповедано да го знаат Законот, и ние мораме да ги знаеме Божјите заповеди напамет, постојано да ни бидат на ум и да ги всадуваме во нашите деца. Мораме ‚да ги врзиме на својата рака за знак‘ за нашите постапки — претставени со нашите раце — да покажуваат дека сме му послушни на Јехова. И како ‚запис меѓу очите‘, нашата послушност мора да им биде видлива на сите.

6:16. Никогаш да не го искушуваме Јехова како што Израелците безверно го направиле тоа кај Маса, кога мрмореле затоа што немало вода (Излез 17:1—7).

8:11—18. Материјализмот може да нѐ натера да го заборавиме Јехова.

9:4—6. Мораме да се чуваме од самоправедност.

13:6. Не смееме да дозволиме никому да нѐ одвлече од обожавањето на Јехова.

14:1. Самоосакатувањето покажува непочитување кон човечкото тело, може да биде поврзано со лажната религија и мора да се избегнува (1. Цареви 18:25—28). Поради нашата надеж во воскресението, таквите претерани изрази на жалење за мртвите не се на место.

20:5—7; 24:5. Треба да се покаже обѕирност кон оние што имаат посебни околности, иако задачата што треба да се заврши е важна.

22:23—27. Најдобрата одбрана на една жена која е во опасност да биде силувана е да вреска.

„ИЗБЕРИ ГО ЖИВОТОТ“

(Второзаконие 27:1—34:12)

Во својот трет говор, Мојсеј кажува дека откако ќе го преминат Јордан, Израелците мораат да го напишат Законот на големи камења и да изречат клетви за непослушност и благослови за послушност. Четвртиот говор почнува со обновување на сојузот помеѓу Јехова и Израел. Мојсеј повторно предупредува на опасноста од непослушност и ги поттикнува луѓето да ‚го изберат животот‘ (Второзаконие 30:19).

Како дополнение на четвртиот говор, Мојсеј дискутира и за смената во водството и ги учи Израелците на една убава песна која го слави Јехова и предупредува кои неволји се последица на неверноста. Откако ги благословува племињата, Мојсеј умира на возраст од 120 години и е погребан. Периодот на жалење трае 30 дена, што е речиси половината од времето што е опфатено во Второзаконие.

Одговорени библиски прашања:

32:13, 14 — Бидејќи на Израелците им било забрането да јадат каков и да било лој, што се мисли со тоа дека јаделе „мрсно од јагниња“? Овој израз овде е употребен фигуративно и укажува на најдоброто од стадото. Ваквата фигуративна употреба се гледа од фактот што истиот стих зборува за „жито како бубрежно сало“ и за „пенливата крв на грозјето“.

33:1—29 — Зошто Симеон не е конкретно спомнат во благословите со коишто Мојсеј ги благословил Израелевите синови? Затоа што Симеон и Леви постапиле ‚пресурово‘ и гневот им бил ‚прежесток‘ (Битие 34:13—31; 49:5—7). Нивното наследство не било сосем исто како наследството на другите племиња. Леви добил 48 градови, а делот на Симеон бил на територијата на Јуда (Исус Навин 19:9; 21:41, 42). Затоа Мојсеј не го благословил конкретно Симеон. Меѓутоа, благословот на Симеон бил вклучен меѓу општиот благослов на Израел.

Поуки за нас:

31:12. На собраниските состаноци, младите треба да седат со возрасните и да се трудат да слушаат и да учат.

32:4. Сите постапки на Јехова се совршени бидејќи тој ги покажува својата правда, мудрост, љубов и моќ во совршена рамнотежа.

Од голема вредност за нас

Второзаконие го претставува Јехова како „еден Јехова“ (Второзаконие 6:4, NW). Тоа е книга за еден народ што бил во посебен однос со Бог. Книгата Второзаконие предупредува и на опасноста од идолопоклонство и ја нагласува потребата да му бидеме исклучително оддадени на Бог.

Второзаконие навистина е од голема вредност за нас! Иако ние не сме под Законот, можеме многу да научиме од него, што ќе ни помогне да ‚го љубиме Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила‘ (Второзаконие 6:5).

[Фуснота]

^ пас. 3 Последното поглавје, кое го содржи извештајот за смртта на Мојсеј, можеби било напишано од Исус Навин или од првосвештеникот Елеазар.

[Карта на страница 24]

(Види во публикацијата)

СЕИР

Кадис- Варниј

Планината Синај (Хорив)

Црвено Море

[Извор на слика]

Според картите чие авторско право го има Pictorial Archive (Near Eastern History) Est. and Survey of Israel

[Слика на страница 24]

Говорите на Мојсеј го сочинуваат најголемиот дел од Второзаконие

[Слика на страница 26]

Каква поука е дадена со тоа што Јехова обезбедил мана?

[Слика на страница 26]

Да се земе во залог горен воденички камен било споредено со тоа да се земе „душа“