Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Рај — за тебе?

Рај — за тебе?

Рај — за тебе?

„Знам еден човек во обединетост со Христос, кој . . . беше однесен во рајот“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 12:2—4).

1. Кои библиски ветувања им се привлечни на мнозина?

РАЈ. Се сеќаваш ли како се чувствуваше кога првпат го чу Божјето ветување за земен рај? Можеби се сеќаваш на времето кога дозна дека ‚очите на слепите ќе прогледаат, ушите на глувите ќе се отворат и пустината ќе бликне‘ со обилна убавина. Или, пак, на пророштвото за волкот и јагнето, за рисот и јарето. Зарем не беше воодушевен кога прочита дека нашите најмили што починале ќе се вратат во живот со изглед да останат во тој Рај? (Исаија 11:6; 35:5, 6; Јован 5:28, 29).

2, 3. а) Зошто може да се каже дека твојата надеж што се темели на Библијата не е неоснована? б) Која друга основа за надеж ја имаме?

2 Твојата надеж не е неоснована. Имаш причина да им веруваш на библиските ветувања за тој Рај. На пример, имаш доверба во зборовите што Исус му ги рекол на прикованиот злосторник: „Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43). Веруваш во ветувањето: „Очекуваме нови небеса и нова земја, и во нив ќе престојува праведност“. Исто така, веруваш во ветувањето дека Бог ќе ги избрише солзите; смрт нема да има веќе; тагата, пискотот и болката ќе исчезнат. Ова значи дека повторно ќе има рај на Земјата! (2. Петрово 3:13; Откровение 21:4).

3 Но, има и една друга основа за надежта во овој Рај. Христијаните од цел свет денес се дел од неа. Што е тоа? Бог создал духовен рај и го вовел својот народ во него. Изразот „духовен рај“ можеби се чини апстрактен, тежок за сфаќање, но таквиот рај бил проречен и навистина постои.

Визија за рај

4. Која визија е спомната во 2. Коринќаните 12:2—4, и кој веројатно ја имал таа визија?

4 Забележи што напишал апостол Павле во врска со тоа: „Знам еден човек во обединетост со Христос, кој . . . беше однесен до третото небо. Да, знам таков човек — дали во тело или одвоен од тело, не знам, Бог знае — дека беше однесен во рајот и слушна неискажливи зборови кои на човек не му е дозволено да ги зборува“ (2. Коринќаните 12:2—4). Овој извадок се наоѓа веднаш по стиховите во кои Павле го брани своето апостолство. Освен тоа, Библијата не кажува за друг човек што имал такво искуство, а Павле е тој што ни го раскажува. Затоа, веројатно Павле ја имал оваа визија. Во ова натприродно доживување, во кој ‚рај‘ влегол тој? (2. Коринќаните 11:5, 23—31).

5. Што не видел Павле, и според тоа каков бил тој ‚рај‘?

5 Контекстот не укажува дека „третото небо“ се однесува на атмосферата околу земјината топка, ниту на вселената или, пак, на некој паралелен универзум, како што претпоставуваат астрофизичарите. Библијата честопати го користи бројот три за да означи нагласување, интензитет или поголема јачина (Проповедник 4:12; Исаија 6:3; Матеј 26:34, 75; Откровение 4:8). Според тоа, она што Павле го видел во визијата било возвишено, воздигнато. Било духовно.

6. Кој историски развој ни дава увид во она што го видел Павле?

6 Некои претходни библиски пророштва ни даваат увид. Откако неговиот древен народ покажал дека му е неверен, Бог решил да им дозволи на Вавилонците да тргнат против Јуда и Ерусалим. Според библиската хронологија, тоа кулминирало со уништување во 607 пр.н.е. Според пророштвото, земјата требало да остане пуста 70 години; потоа Бог ќе им дозволел на покајничките Евреи да се вратат и да го обноват вистинското обожавање. Тоа се случувало од 537 пр.н.е. па наваму (Второзаконие 28:15, 62—68; 2. Цареви 21:10—15; 24:12—16; 25:1—4; Еремија 29:10—14). Но, што се случило со самата земја? Во текот на тие 70 години обраснала со диви растенија, станала сушна и живеалиште на чакали (Еремија 4:26; 10:22). Сепак, имало вакво ветување: „Господ се сожали за Сион, се сожали за неговите урнатини. Неговата пустота ќе ја направи како Едем, а степата како Господовата Градина [односно Рај, Септуагинта]“ (Исаија 51:3).

7. Што требало да се случи по седумдесетте години пустош?

7 Тоа се случило по седумдесетте години. Со благослов од Бог, условите се смениле на подобро. Замисли си го ова: „Нека се зарадува пустината, исушената земја, нека воскликнува степата, нека расцвета лилјанот. Нека цвета бујно со цвет, да, нека воскликнува од веселба и нека се радува . . . хромиот ќе скока како елен, јазикот на немиот ќе воскликнува. Зашто во пустината ќе бликнат води, а во степата потоци, изгорената земја ќе стане езеро, а жедната почва — извори. Во дувлата во кои лежеа чакалите, ќе никне рогузина и трска“ (Исаија 35:1—7).

Народ обновен и преобратен

8. Од каде знаеме дека 35. поглавје од Исаија укажува на луѓето?

8 Каква преобразба! Од пустош во рај. Сепак, ова и други веродостојни пророштва покажале дека и народот ќе се промени, исто како што пустата земја ќе стане плодна. Зошто можеме да го кажеме ова? Па, Исаија укажал на „искупениците Господови“, кои ќе се вратат во својата земја „воскликнувајќи од радост“ и кои ќе доживеат „радост и веселба“ (Исаија 35:10). Ова не се однесувало на дословната почва туку на луѓето. Освен тоа, Исаија и на други места претскажал дека луѓето ќе бидат обновени на Сион: „Ќе ги викаат Дрвја на Правдата, Господов Расад . . . Како што земјата ги никнува своите растенија . . . Господ ќе направи да никне правдата и пофалбата пред сите народи“. За Божјиот народ, Исаија рекол и: „Господ ќе те води непрекратно . . . Тој ќе ти ги закрепнува твоите коски, и ќе бидеш како напоена градина“ (Исаија 58:11; 61:3, 11; Еремија 31:10—12). Според тоа, исто како што ќе се подобрат еколошките услови во дословната земја, ќе има промени и кај обновениот еврејски народ.

9. Каков ‚рај‘ видел Павле, и кога се исполнило тоа?

9 Овој историски прототип ни помага да го сфатиме она што Павле го видел во визија. Таа го вклучува христијанското собрание, кое тој го нарекол „Божја нива за обработување“ и која треба да биде плодна (1. Коринќаните 3:9). Кога требало да се исполни оваа визија? Павле го нарекол она што го видел ‚откровение‘, нешто што ќе се случи во иднина. Тој знаел дека по неговата смрт, со текот на времето, ќе се појави голем отпад (2. Коринќаните 12:1; Дела 20:29, 30; 2. Солуњаните 2:3, 7). Кога отпадниците преовладувале и кога се чинело дека ги засенуваат, тешко дека вистинските христијани наликувале на плодна градина. Сепак, требало да дојде време кога вистинското обожавање повторно ќе биде воздигнато. Божјиот народ ќе биде обновен така што ‚праведниците ќе можат да светат јасно како сонце во царството на својот Татко‘ (Матеј 13:24—30, 36—43). Тоа, всушност, се случило неколку години откако Божјето Царство било воспоставено на небото. И како што одминувале децениите, станало многу очигледно дека Божјиот народ ужива во еден духовен рај што Павле го видел во таа визија.

10, 11. Зошто можеме да речеме дека сме во духовен рај и покрај тоа што сме несовршени?

10 Точно, знаеме дека сите ние сме несовршени и затоа не нѐ изненадува тоа што одвреме-навреме се појавуваат проблеми, исто како што се појавувале и меѓу христијаните од времето на Павле (1. Коринќаните 1:10—13; Филипјаните 4:2, 3; 2. Солуњаните 3:6—14). Меѓутоа, размисли за духовниот рај во кој сега уживаме. Во споредба со нездравата состојба во која некогаш сме биле, сега сме духовно излекувани. И да ја споредиме само нашата поранешна изгладнета состојба со сегашната богата духовна храна што ја имаме. Наместо да се мачи во духовно спржена земја, Божјиот народ е прифатен од Бог и добива порој од благослови од него (Исаија 35:1, 7). Наместо да сме заслепени во духовна темнина слична на зандана, ја гледаме светлината на слободата и на Божјата милост. Мнозина што биле како глуви за библиските пророштва, сега со разбирање слушаат што вели Библијата (Исаија 35:5). На пример, милиони Јеховини сведоци од целиот свет го проучуваа пророштвото на Даниел, стих по стих. Потоа детално го разгледаа секое поглавје од библиската книга Исаија. Зарем таа освежувачка духовна храна не е доказ за нашиот духовен рај?

11 Размисли и за промените во особините на искрените лица од различно потекло што вложиле напор да ја разберат и да ја применуваат Божјата реч. Во суштина, тие работеле на тоа да ги отстранат нечовечните особини што порано биле карактеристични за нив. Можеби и ти си го сторил тоа и си постигнал значителни резултати, но тоа го направиле и твоите духовни браќа и сестри (Колошаните 3:8—14). Затоа, кога си во некое собрание на Јеховините сведоци, ти си со луѓе што станале помирољубиви и попријатни. Не, тие сѐ уште не се совршени, но тешко дека можат да се опишат како крволочни лавови или како грабливи диви ѕверови (Исаија 35:9). На што укажува ова мирољубиво духовно дружење? Очигледно, се наоѓаме во една духовна состојба што со право можеме да ја наречеме духовен рај. А нашиот духовен рај го предочува земниот рај во кој ќе уживаме доколку му останеме лојални на Бог.

12, 13. Што мораме да правиме за да останеме во нашиот духовен рај?

12 Сепак, има нешто што не смееме да го превидиме. Бог им рекол на Израелците: „Пазете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес, за да бидете силни па да ја земете во сопственост земјата“ (Второзаконие 11:8). Истата оваа земја е спомната и во Левит 20:22, 24: „Пазете ги Моите закони, сите Мои заповеди, и исполнувајте ги за да не ве изблува земјата, во која што ве водам за да се населите во неа. А Јас ви реков вам: ‚Вие ќе ја завладеете нивната земја; ќе ви ја предадам вам во наследство: земјата во која течат млеко и мед‘ “. Да, дали ќе ја поседуваат Ветената земја зависело од нивниот добар однос со Јехова Бог. И токму затоа што не го послушале, Бог дозволил Вавилонците да ги покорат и да ги тргнат од нивното место на живеење.

13 Можеби многу работи во врска со нашиот духовен рај ни се угодни. Околината е пријатна за очите и ги смирува нервите. Во мир сме со христијаните кои работеле на тоа да ги остават нечовечните особини. Се трудат да бидат љубезни и да помогнат. Сепак, за да останеме во нашиот духовен рај, потребно е повеќе отколку само да имаме добар однос со овие луѓе. Потребно е да имаме добар однос со Јехова и да ја вршиме неговата волја (Михеј 6:8). Во овој духовен рај сме влегле доброволно, но можеме да отпловиме — или да бидеме истерани — доколку не работиме на тоа да го зачуваме нашиот однос со Бог.

14. Што ќе ни помогне да останеме во духовниот рај?

14 Еден важен фактор што ќе ни помогне е и понатаму да се зајакнуваме од Божјата реч. Забележи го фигуративниот јазик во Псалм 1:1—3: „Блажен [Среќен, NW] е човекот кој не оди по советот на нечесните . . . туку волјата му е во Господовиот Закон и за Неговиот Закон размислува дење и ноќе. Тој е како дрво засадено покрај водни потоци, што донесува плод во свое време; неговите лисја никогаш не венат; сѐ што прави, во сѐ успева“. Освен тоа, и публикациите што се темелат на Библијата од класата на верниот и разборит роб ни даваат духовна храна во духовниот рај (Матеј 24:45—47).

Зајакни го своето гледиште за рајот

15. Зошто Мојсеј не можел да ги води Израелците во Ветената земја, но што видел?

15 Да разгледаме уште една претслика за Рајот. Откако 40 години талкале низ пустелијата, Мојсеј ги довел Израелците до Моавските Полиња, источно од реката Јордан. Поради еден претходен пропуст на Мојсеј, Јехова одлучил Мојсеј да не ги води Израелците преку Јордан (Броеви 20:7—12; 27:12, 13). Мојсеј го преколнувал Бог: „Дозволи ми да отидам онаму и да ја погледнам онаа Блажена [добра, NW] Земја преку Јордан“. Иако немало да влезе во неа, откако се искачил на планината Фасга и откако видел различни делови од таа земја, Мојсеј мора да сфатил дека тоа била „добра земја“. Што мислиш, каква била таа земја? (Второзаконие 3:25—27).

16, 17. а) На кој начин Ветената земја во древни времиња била поинаква од она што е земјата во поново време? б) Зошто можеме да веруваме дека Ветената земја некогаш била како рај?

16 Ако поаѓаш од тоа како изгледа поголемиот дел од тој регион во поново време, можеби ќе си замислиш земја со песок, каменливи пустини и сува жега. Меѓутоа, има причина да веруваме дека целиот тој регион изгледал многу поинаку во библиски времиња. Во весникот Scientific American, експертот за вода и почва, д-р Волтер Лаудермилк, објаснил дека земјата во тој регион била „оштетена од еден милениум лошо користење“. Овој агроном напишал: „ ,Пустината‘ што ја заменила некогаш бујната земја е дело на човекот, а не на природата“. Всушност, неговите проучувања покажале дека „оваа земја некогаш била идиличен рај“. Станува очигледно дека лошото користење од страна на човекот го оштетило она што било „идиличен рај“. *

17 Кога размислуваш за она што си го прочитал во Библијата, можеби ќе увидиш дека овој заклучок е сосем логичен. Сети се што го уверил Јехова народот преку Мојсеј: „Земјата во која одите да ја земете во сопственост е земја на планини и долини, и ја натопува небескиот дожд; земја над која бдее Господ, твојот Бог“ (Второзаконие 11:8—12).

18. На кој начин Исаија 35:2 сигурно им дал на протераните Израелци претстава за тоа каква е Ветената земја?

18 Ветената земја имала таква убавина од зеленило и била толку плодна што дури и само кога ќе се спомнеле некои места, на ум доаѓала слика на рајски услови. Тоа е очигледно од пророштвото од 35. поглавје од Исаија, кое првпат се исполнило кога Израелците се вратиле од Вавилон. Исаија прорекол: „Нека цвета бујно со цвет, да нека воскликнува од веселба и нека се радува. Ѝ е дадена славата на Ливан, и убавината на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат Господовата Слава, величието на нашиот Бог“ (Исаија 35:2). Кога ќе се спомнеле Ливан, Кармил и Сарон, кај Израелците мора да се создавала слика на задоволство и убавина.

19, 20. а) Опиши ја областа на древниот Сарон. б) Кој е еден начин на кој можеме да си ја зајакнеме надежта за Рај?

19 Размисли за Сарон, приморска долина помеѓу ридовите на Самарија и Големото, или Средоземното Море. (Види ја фотографијата на 10. страница.) Таа била позната по својата убавина и плодност. Бидејќи била добро наводнувана, била погодна за паша, но имала и дабови шуми во северниот дел (1. Летописи 27:29; Песна над песни 2:1; Исаија 65:10). Според тоа, Исаија 35:2 претскажувал обнова и земја што блика во раскош, земја што ќе стане како рај. Ова пророштво укажувало и на прекрасен духовен рај, во склад со она што подоцна Павле го видел во визија. На крај ова, и други пророштва, ја зајакнуваат нашата надеж во земен рај за човештвото.

20 Додека живееме во нашиот духовен рај, можеме да ја зголемиме нашата благодарност за него и да ја зајакнеме нашата надеж за Рај на Земјата. Како? Така што ќе си го продлабочиме разбирањето на она што го читаме во Библијата. Библиските описи и пророштва честопати спомнуваат конкретни места. Сакаш ли подобро да сфатиш каде биле тие места и како биле поврзани со други географски региони? Во следната статија ќе разгледаме како можеш да го направиш тоа за твоја корист.

[Фуснота]

^ пас. 16 Денис Бали во Географија на Библијата (The Geography of the Bible) вели: „Природата на структурата на вегетацијата мора да претрпела многу големи промени од библиски времиња наваму“. Од која причина? „Човекот имал потреба од дрво, како за гориво така и за градење, и затоа . . . почнал да ги сече дрвјата со што ја изложил земјата на жестоките удари од времето. Како последица од ова мешање во природната средина, климата . . . постепено станала најважниот фактор за нејзиното уништување“.

Се сеќаваш ли?

• Каков „рај“ видел апостол Павле во визија?

• Во врска со 35. поглавје од Исаија, кое било првото исполнување, и како е тоа поврзано со она што Павле го видел во визија?

• Како можеме да си ја зголемиме благодарноста за нашиот духовен рај и да ја зајакнеме нашата надеж за земен рај?

[Прашања]

[Слика на страница 10]

Саронската Долина, плодна област во Ветената земја

[Извор на слика]

Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.

[Слика на страница 12]

Мојсеј сфатил дека тоа е „добра земја“