Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Имај урамнотежено гледиште за алкохолот

Имај урамнотежено гледиште за алкохолот

Имај урамнотежено гледиште за алкохолот

„Виното е потсмевнувач, жестокиот пијалак буен; и кој им се оддава, не е разумен“ (ПОСЛОВИЦИ 20:1).

1. Како ја изразил псалмистот својата благодарност за некои од добрите дарови од Јехова?

„СЕКОЈ добар дар и секој совршен подарок е одозгора, зашто доаѓа од Таткото на небесните светла“, напишал ученикот Јаков (Јаков 1:17). Поттикнат од благодарност за бројните добри дарови од Бог, псалмистот пеел: „Ти правиш да никне трева за добитокот, и зеленчук за потребите на човекот, за да вади леб од земјата. И вино, што го развеселува човечкото срце; да го освежи лицето со масло, и лебот да го зајакне човековото срце“ (Псалм 104:14, 15). Виното и другите алкохолни пијалаци, исто како тревата, лебот и маслото, се убави дарови од Бог. Како треба да ги користиме?

2. Кои прашања ќе ги разгледаме во врска со пиењето алкохол?

2 Еден пријатен дар е добар само кога се користи исправно. На пример, медот „е пријатен“, но „да се јаде многу мед не е добро“ (Пословици 24:13; 25:27). Иако да се пие „малку вино“ може да биде убаво, неумереното пиење е сериозен проблем (1. Тимотеј 5:23). „Виното е потсмевнувач“, предупредува Библијата, „жестокиот пијалак буен; и кој им се оддава, не е разумен“ (Пословици 20:1). Но, кога може да се рече дека некој се оддава на алкохол? * Кога е премногу? Кое е урамнотеженото гледиште во врска со ова?

„Се оддава“ на алкохол — како?

3, 4. а) Што покажува дека пиењето до степен на пијанство е осудено во Библијата? б) Кои се некои симптоми на пијанство?

3 Во древниот Израел, синот што бил непокајнички лакомец и пијаница требало да биде убиен со каменување (Второзаконие 21:18—21). Апостол Павле ги опоменал христијаните: „Престанете да се дружите со секој кој се вика брат, а кој е блудник или алчен или идолопоклоник или кој зборува срамотно или е пијаница или изнудувач, со таков дури и да не јадете“. Очигледно, Библијата осудува да се пие до степен на пијанство (1. Коринќаните 5:11; 6:9, 10).

4 Опишувајќи ги симптомите на пијанство, Библијата вели: „Не гледај на виното кога се црвенее, кога се прелева светливо во чашата: се пие така глатко, а на крај каснува како змија и жилосува како змија лутица. Твоите очи ќе гледаат туѓи жени [чудни работи, NW] и срцето ќе зборува развратно“ (Пословици 23:31—33). Прекумерното пиење каснува како отровна змија и предизвикува мачнина во стомакот, збрканост во главата, па дури и несвестица. Еден пијаница може да гледа „чудни работи“ на тој начин што може да халуцинира или да си замислува работи. Исто така, може потешко да ги контролира развратните мисли и желби што обично се потиснати.

5. Во кој поглед неумереното пиење е штетно?

5 Што ако некој пие алкохол, но внимава да не се напие до таа мера што ќе биде видливо пијан? Некои поединци покажуваат многу мали знаци на пијанство дури и кога ќе испијат неколку чаши. Меѓутоа, ако некој мисли дека таквата навика е безопасна, всушност самиот се лаже (Еремија 17:9). Малку по малку, постепено може да стане зависен од алкохол и да почне ‚да робува на многу вино‘ (Тит 2:3). За процесот како некој станува алкохоличар, авторот Каролин Нап вели: „Човек станува алкохоличар бавно, постепено, подмолно, несвесно“. Каква само смртоносна стапица е неумереното пиење алкохол!

6. Зошто не треба да се пие и да се јаде претерано?

6 Размисли и за предупредувањето што го дал Исус: „Внимавајте на себе срцата никогаш да не ви отежнат од прејадување и прекумерно пиење и од животните грижи, и тој ден ненадејно да ве затече како замка. Зашто ќе дојде врз сите кои живеат по лицето на целата земја“ (Лука 21:34, 35). Човек не мора да пие до степен на пијанство за да стане дремлив или тромав — како физички така и духовно. Што ако Јеховиниот ден го затекне во таква состојба?

До што може да доведе неумереното пиење алкохол

7. Зошто неумереното пиење не е во склад со упатството што е дадено во 2. Коринќаните 7:1?

7 Прекумерното пиење го изложува човек на многу опасности — како во физички така и во духовен поглед. Некои од болестите што се предизвикани од неумерено пиење алкохол се цироза на црниот дроб, алкохолен хепатитис и некои нервни растројства како што е алкохолно лудило. Долготрајното прекумерно пиење може да доведе и до рак, дијабетес и до некои срцеви болести и болести на желудникот. Очигледно, прекумерното пиење не е во склад со библиското упатство: „Да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот, усовршувајќи ја светоста во Божји страв“ (2. Коринќаните 7:1).

8. Според Пословици 23:20, 21, што може да биде последица од прекумерно пиење?

8 Исто така, поради неумереното пиење може се изгубат многу пари, па дури и работата. Цар Соломон од древниот Израел предупредил: „Не дружи се со винопијачите, ниту со месојадачите“. Зошто? Тој објаснил: „Зашто пијаницата и изедникот осиромашуваат, и дремливиот се облекува во партали“ (Пословици 23:20, 21).

9. Зошто е мудро да не се пие алкохол кога треба да се вози?

9 Укажувајќи на уште една опасност, Енциклопедија на алкохолизмот (The Encyclopedia of Alcoholism) вели: „Истражувањата покажаа дека алкохолот предизвикува опаѓање на возачките вештини, меѓу кои и на брзината на реагирање, координацијата, внимателноста, визуелната чувствителност и просудувањето“. Кога се вози под дејство на алкохол, последиците се катастрофални. Само во Соединетите Држави, десетици илјади умираат а стотици илјади се повредени секоја година во сообраќајни несреќи предизвикани поради алкохол. Особено подложни на оваа опасност се младите, кои имаат помало искуство како со возењето така и со пиењето. Зарем може некој да вози откако испил неколку алкохолни пијалаци и во исто време да тврди дека го почитува животот како дар од Јехова Бог? (Псалм 36:9). Бидејќи животот е свет, најдобро е воопшто да не се пијат алкохолни пијалаци кога треба да се вози.

10. Како може да влијае алкохолот врз нашиот ум, и зошто е тоа опасно?

10 Прекумерното пиење не им штети на луѓето само физички туку и духовно. „Виното и ширата му ја одземаат на срцето исправната склоност“, вели Библијата (Осија 4:11NW). Алкохолот влијае врз умот. „Кога некој ќе се напие пијалак“, објаснува една публикација на Националниот институт за дрога на САД, „преку дигестивниот систем алкохолот се апсорбира во крвотокот и брзо стигнува до мозокот. Почнува да ги забавува деловите на мозокот што ги контролираат размислувањето и емоциите. Човекот се чувствува помалку стегнат, послободен.“ Во таква состојба, поголема е веројатноста да ‚се оддадеме‘ на нешто, да се однесуваме премногу слободно и да бидеме изложени на многу искушенија (Пословици 20:1).

11, 12. До каква духовна штета може да дојде ако се пие прекумерно?

11 Освен тоа, Библијата заповеда: „Јадете ли, пиете ли или правите што и да е друго, сѐ правете за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31). Дали пиењето големи количини алкохол воопшто му донесува слава на Бог? Нормално, еден христијанин не би сакал да биде на глас дека премногу пие. Таквиот глас ќе му донесе срам, а не слава, на Јеховиното име.

12 Што ако еден христијанин не е умерен во пиењето и со тоа спрепне некој соверник, можеби нов ученик? (Римјаните 14:21). „Кој ќе спрепне едно од овие мали кои веруваат во мене“, предупредил Исус, „покорисно би му било околу вратот да му обесат воденичен камен, како оној што го врти магарето, и да потоне во широкото, отворено море“ (Матеј 18:6). Исто така, како последица од прекумерното пиење некој може да ги изгуби предностите во собранието (1. Тимотеј 3:1—3, 8). Не треба да се занемари и неслогата што неумереното пиење може да ја предизвика во семејството.

Да се избегне опасноста — како?

13. Што е многу важно за да не се пие неумерено?

13 Клучна работа за да се избегнат опасностите од неумереното пиење алкохол е да знаеме каде да си поставиме граница, не помеѓу прекумерно пиење и пијанство туку помеѓу умерено и прекумерно пиење. Кој може да одреди каде е твојата граница? Бидејќи се вклучени многу фактори, не може да има строго правило за тоа колку пијалаци се премногу. Секој лично мора да си ја знае својата граница и да не ја пречекорува таа граница. Што ќе ти помогне да одредиш колку алкохол е премногу за тебе? Има ли некое начело што може да нѐ води?

14. Кое водечко начело ќе ти помогне да си поставиш граница помеѓу умерено и прекумерно пиење?

14 Библијата вели: „Запази ги разумот и здравото расудување; и ќе биде живот на твојата душа и украс на твојот врат“ (Пословици 3:21, 22). Според тоа, начелото што треба да нѐ води е следново: Секоја количина алкохол што претерано ти го нарушува просудувањето и ти ја затапува способноста за расудување е премногу за тебе. Но, мораш да бидеш искрен со самиот себе и да си признаеш до каде е твојата граница!

15. Кога, дури и само еден пијалак, би можел да биде премногу?

15 Во некои ситуации, дури и само еден пијалак може да биде премногу. Имајќи на ум дека тоа е штетно за фетусот, една бремена жена може да одлучи воопшто да не пие. А зарем не би било обѕирно од наша страна да не пиеме во присуство на некој што имал проблем со алкохолизам или чијашто совест не одобрува пиење? На оние што извршувале свештенички должности во шаторот, Јехова им заповедал: „Кога ќе влегувате во Шаторот на средбата, не пијте вино ниту опоен пијалак . . . Така нема да загинете“ (Левит 10:8, 9). Затоа, немој да пиеш алкохолни пијалаци пред да одиш на состанок, кога учествуваш во службата и кога имаш некои други духовни одговорности. Освен тоа, во земјите каде што пиењето алкохол е забрането или е дозволено над одредена старост, треба да се почитуваат законите на земјата (Римјаните 13:1).

16. Како ќе одлучиш што да правиш кога пред тебе е ставен алкохолен пијалак?

16 Кога ти е понуден или ставен пред тебе алкохолен пијалак, прво запрашај се: ‚Дали воопшто треба да пијам?‘ Ако одлучиш да се напиеш, во главата треба да ти биде јасно зацртано до каде ти е границата и немој да ја преминуваш таа граница. Не дозволувај великодушниот домаќин да влијае на тебе. И внимавај кога на настани како што се свадби има бифе и неограничено се нудат пијалаци. На многу места, на децата законски им е дозволено да имаат пристап до алкохол. Родителите имаат одговорност да ги поучат своите деца во врска со алкохолот и да ги надгледуваат како се однесуваат во тој поглед (Пословици 22:6).

Можеш да се справиш со тој проблем

17. Што може да ти помогне да одредиш дали имаш проблем со неумерено пиење?

17 Дали неумереното пиење вино и жестоки пијалаци ти е проблем? Биди сигурен дека, ако скришно си почнал неумерено да пиеш алкохол, кога-тогаш последиците ќе те стигнат. Затоа, преиспитај се темелно и искрено. Постави си прашања што ќе ти помогнат да се преиспиташ, како што се: ‚Дали пијам почесто отколку порано? Дали почнав да пијам појаки пијалаци? Дали пијам алкохол за да избегам од грижите, стресот или од проблемите? Дали некој член на семејството или некој пријател ми рекол дека е загрижен поради моето пиење? Дали моето пиење прави проблеми во семејството? Дали ми е тешко да не пијам алкохол една седмица, еден месец или неколку месеци? Дали кријам од другите колку вино или други алкохолни пијалаци пијам?‘ Што ако одговорот на некои од овие прашања е ‚да‘? Немој да бидеш како човек што „го гледа своето природно лице во огледало . . . и веднаш заборава каков човек е“ (Јаков 1:22—24). Преземи чекори да го решиш проблемот. Што можеш да направиш?

18, 19. Како можеш да прекинеш прекумерно да пиеш?

18 Апостол Павле ги советувал христијаните: „Не опивајте се со вино, во кое има разузданост, туку исполнувајте се со дух“ (Ефешаните 5:18). Одреди што е неумерена количина алкохол за тебе и постави си ограничувања според тоа. Биди решен да не ги пречекориш; покажи самосовладување (Галатите 5:22, 23). Дали имаш друштво што врз тебе врши притисок да пиеш прекумерно? Внимавај. „Дружи се со мудрите, и ќе станеш мудар“, вели Библијата, „а кој другарува со безумниците станува лош“ (Пословици 13:20).

19 Ако алкохолот ти служи за да избегаш од некој проблем, соочи се со проблемот отворено. Можеш да излезеш на крај со проблемите ако ги применуваш советите од Божјата реч (Псалм 119:105). Не двоуми се да побараш помош од некој доверлив христијански старешина. Користи ги добро Јеховините подготовки за да си ја подобриш духовноста. Зајакни го својот однос со Бог. Моли му се редовно — особено во врска со твоите слабости. Моли го Бог да ти ги ‚прочисти бубрезите и срцето‘ (Псалм 26:2NW). Како што беше кажано во претходната статија, дај сѐ од себе за да одиш по патот на беспрекорноста.

20. Кои мерки можеби ќе треба да ги преземеш за да се справиш со прекумерното пиење што продолжува да те мачи?

20 Што ако и покрај сите напори и понатаму имаш проблем со прекумерно пиење? Тогаш мораш да го следиш советот на Исус: „Ако некогаш твојата рака те наведува на спрепнување, отсечи ја; подобро ти е сакат да влезеш во живот отколку со две раце да отидеш во Геената“ (Марко 9:43). Решението е: Воопшто не пиј. Една жена што ќе ја наречеме Ајрин, решила да го направи токму тоа. „Трезна сум речиси две и пол години“, вели таа, „и почнаа да ми доаѓаат мисли дека можеби ќе биде во ред ако се напијам еден пијалак, само да видам како ќе го поднесам тоа. Но, штом ќе почнам да размислувам така, веднаш му го кажувам тоа на Јехова во молитва. Решена сум никогаш повеќе да не се напијам алкохолен пијалак сѐ додека не дојде новиот систем — а прашање е дали ќе се напијам и тогаш.“ Да не се пие воопшто не е превисока цена во споредба со животот во Божјиот праведен нов свет (2. Петрово 3:13).

„Трчајте на таков начин за да ја добиете“

21, 22. Која пречка може да нѐ спречи да стигнеме до целта во трката за живот, и како можеме да ја избегнеме?

21 Споредувајќи го животот на еден христијанин со трка, или натпревар, апостол Павле рекол: „Зарем не знаете дека во една трка сите тркачи трчаат, но само еден ја добива наградата? Трчајте на таков начин за да ја добиете. Освен тоа, секој кој учествува во натпревар, покажува самосовладување во сѐ. А секако, тие го прават тоа за да добијат распадлива круна, а ние нераспадлива. Затоа јас не трчам на несигурен начин; своите удари не ги насочувам така како да го удирам воздухот; туку го бијам своето тело и го водам како роб, за откако сум им проповедал на другите, на некој начин самиот да не се најдам неодобрен“ (1. Коринќаните 9:24—27).

22 Наградата ќе ја добијат само оние што успешно ќе ја завршат трката. Во трката за живот, прекумерното пиење може да нѐ спречи да стигнеме до целта. Мораме да покажуваме самосовладување. Не смееме да се препуштаме на „претерувања со вино“ ако сакаме да трчаме со сигурност (1. Петрово 4:3). Напротив, треба да покажуваме самосовладување во сѐ. Кога станува збор за пиење алкохолни пијалаци, мудро е „да се одречеме од безбожноста и од световните желби и да живееме со здрави мисли и со праведност и со побожна оддаденост“ (Тит 2:12).

[Фуснота]

^ пас. 2 Во оваа статија, кога се зборува за алкохол се мисли на пиво, вино и други жестоки пијалаци.

Се сеќаваш ли?

• Што е неумерено пиење алкохол?

• Кои се некои штетни последици од прекумерното пиење?

• Како можеш да ги избегнеш опасностите од неумереното пиење?

• Како може некој да се справи со проблемот на неумерено пиење?

[Прашања]

[Слика на страница 19]

Виното „го развеселува човечкото срце“

[Слика на страница 20]

Мораме да си ја знаеме границата и да не ја пречекоруваме таа граница

[Слика на страница 21]

Однапред одреди си до каде ти е границата

[Слика на страница 22]

Редовно моли му се на Јехова во врска со твоите слабости

[Слика на страница 23]

Родителите имаат одговорност да ги поучат своите деца во врска со алкохолот