Вистински учења — каде да се најдат?
Вистински учења — каде да се најдат?
ЕДЕН човек во Тибет врти молитвено тркало, барабан во кој има ставено напишани молитви. Тој верува дека неговите молби се повторуваат со секое вртење на тркалото. Во една пространа куќа во Индија има една мала соба што се користи само за пуџа — обред кој се состои од палење темјан и принесување цвеќиња и други работи пред ликовите на разни богови и божици. На илјадници километри оттаму, во Италија, една жена во богато украсена црква клечи пред еден лик на Марија, мајката на Исус, и се моли со бројници во рацете.
Веројатно и самиот си видел колкаво влијание има религијата врз животите на луѓето. „Религијата . . . била и понатаму е движечката сила на општествата низ целиот свет“, пишува во книгата The World’s Religions—Understanding the Living Faiths (Светските религии — да се разберат живите вери). Во книгата God—A Brief History (Бог — кратка историја), авторот Џон Боукер вели: „Нема ниедно човечко општество во кое Бог не одиграл улога, обично улога на контролор и на создател. Тоа е случај дури и во оние општества што намерно избрале да бидат секуларни“.
Навистина, религијата имала влијание врз животите на милиони луѓе. Зарем ова не е силен доказ дека човекот има потреба и копнеж по духовни работи? Во книгата The Undiscovered Self (Неоткриеното Јас), познатиот психолог д-р Карл Г. Јунг зборува за потребата на човекот да обожава некоја виша сила и вели дека „докази за тоа можеме да видиме низ целата човечка историја“.
Сепак, многу луѓе ниту веруваат во Бог ниту, пак, се заинтересирани за религија. Некои се сомневаат или одрекуваат дека постои Бог, пред сѐ затоа што религиите што ги познаваат не им ги задоволиле нивните духовни потреби. Религијата се дефинира како „посветеност на некое начело; целосна оддаденост или верност; совесност; побожна приврзаност“. Според оваа дефиниција, скоро секој покажува некаков облик на религиозна оддаденост во својот живот. Тука се вклучени дури и атеистите.
Во изминатите илјадници години од човечката историја, обидот на луѓето да ги задоволат своите духовни потреби ги одвел во многу различни насоки. Резултатот од тоа е огромна разноликост од религиозни гледишта низ целиот свет. На пример, иако скоро секоја религија поттикнува да се верува во виша сила, тие имаат различни мислења за тоа кој е или што е таа сила. Повеќето вери исто така ја нагласуваат важноста на спасението или ослободувањето. Но, нивните учења околу тоа што е спасение и како може тоа да се добие се разликуваат. Со оглед на тоа што постои толку голем број различни верувања, како можеме да одредиме од кои учења е задоволен Бог?