Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Умешноста да се слуша со љубов

Умешноста да се слуша со љубов

Умешноста да се слуша со љубов

„ТИ БЛАГОДАРАМ што ме ислуша.“ Ти го рекол ли некој ова во последно време? Колку убав комплимент! Речиси секој знае да цени човек што умее добро да ислуша. Со тоа што внимателно ќе слушаме, можеме да им помогнеме на луѓето што ги мачи нешто или се оптоварени со проблеми. И зарем тоа што сме добри слушатели не помага луѓето да ни станат помили? Во христијанското собрание, тоа што ќе ги слушаме другите со љубов е основен предуслов за „да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела“ (Евреите 10:24).

Сепак, многу луѓе не умеат вистински да слушаат. Тие сакаат да дадат совет, да раскажат што тие лично доживеале или да го кажат своето мислење наместо да сослушаат што имаат да кажат другите. Навистина, слушањето е умешност. Како можеме да научиме да слушаме со љубов?

Клучот за успех

Јехова е нашиот Најголем „Учител“ (Исаија 30:20). Од него можеме многу да научиме во врска со слушањето. На пример, да видиме како Јехова му помогнал на пророкот Илија. Исплашен од заканите на царицата Језавела, Илија побегнал во пустелијата и посакал да умре. Таму со него зборувал еден Божји ангел. Додека пророкот му ги објаснувал своите стравови, Јехова слушал и потоа му ја покажал својата огромна моќ. Со каков резултат? Илија повеќе не се плашел и се вратил на својата задача (1. Цареви 19:2-15). Зошто Јехова одвојува време да сослуша што ги мачи неговите слуги? Затоа што вистински се грижи за нив (1. Петрово 5:7). Тоа е и клучот за да бидеме успешни во слушањето: да се грижиме за другите и да бидеме вистински заинтересирани за нивното добро.

Кога еден човек од Боливија направил сериозна грешка, многу му значела таквата грижа од еден негов соверник. Тој вели: „Тогаш ми беше потешко од кога и да било порано во животот. Можеби лесно ќе кренев раце од служењето на Јехова да не беше еден брат кој одвои време да ме сослуша. Не кажа многу, но тоа што чувствував дека се грижи за мене и ме слушаше навистина ми даде сила. Не ми беше потребно решение на проблемот; знаев што треба да сторам. Сѐ што ми требаше беше да знам дека на некого му е важно како се чувствувам. Тоа што ме слушаше ме спаси да не паднам во очај“.

Одличен пример за тоа како да се слуша со љубов е Исус Христос. Кратко по Исусовата смрт, двајца негови ученици патувале од Ерусалим до едно село на оддалеченост од околу 11 километри. Без сомнение, биле обесхрабрени. Затоа, Исус Христос, сега веќе воскреснат, им се придружил по патот. Им поставувал внимателно обмислени прашања за да ги наведе да му кажат што ги мачи, и учениците токму тоа и го сториле. Му кажале на што се надевале и колку се сега разочарани и збунети. Исус се грижел за нив, и бидејќи со љубов ги ислушал, и тие биле спремни да го сослушаат него. Потоа ‚им ги протолкувал работите што се однесувале на него во целото Писмо‘ (Лука 24:13-27).

Со тоа што ќе бидеме спремни да ги ислушаме другите, на убав начин ќе ги поттикнеме и тие да нѐ ислушаат нас. „И моите родители и свекорот и свекрвата почнаа да ми приговараат во врска со начинот на кој ги воспитував децата“ кажува една жена од Боливија. „Нивните забелешки ме нервираа, но не бев сигурна во себе како родител. Отприлика тоа време кај мене дојде една жена која беше Јеховин сведок. Ми зборуваше за ветувањата што ги дал Бог. Но, она што ми помогна да почувствувам дека оваа жена е спремна да ме ислуша беше начинот на кој праша за моето мислење. Ја поканив да влезе и веќе следниот миг и објаснував во што е мојот проблем. Таа стрпливо ме слушаше. Ме праша како сакам да ги воспитувам моите деца и што мисли мојот сопруг за тоа. Чувствував олеснување што сум со некој кој е спремен да се потруди да ме разбере. Кога почна да ми чита што вели Библијата за семејниот живот, знаев дека зборувам со некој што е вистински заинтересиран за мојата ситуација.“

„Љубовта . . . не ги бара сопствените интереси“, вели Библијата (1. Коринќаните 13:4, 5). Тоа значи дека, ако сакаме да слушаме со љубов, мора да ги тргнеме личните интереси настрана. Ова може да значи дека, кога некој зборува со нас за нешто сериозно, треба да го исклучиме телевизорот, да го оставиме весникот или да го исклучиме мобилниот телефон. Да се слуша со љубов значи да сакаме вистински да ги чуеме размислувањата на другиот. Тоа бара од нас да се воздржиме кога ни доаѓа да почнеме да зборуваме за себе така што, на пример, ќе речеме: „Нешто слично ми се случи и мене пред некое време“. Во ред е да се каже тоа кога си зборуваме пријателски, но кога некој зборува со нас за сериозен проблем, ние доаѓаме во втор план. Искрен интерес за другите се покажува и на уште еден начин.

Слушај со цел да ги сфатиш чувствата

Пријателите на Јов го чуле неговиот одговор најмалку десет пати. И покрај тоа, Јов извикал: „О, да имаше некој да ме сослуша!“ (Јов 31:35). Зошто? Затоа што нивното слушање не му дало никаква утеха. Тие ниту се грижеле за Јов ниту, пак, сакале да разберат како се чувствува. Тие во никој случај не го имале сочувството што го покажуваат добрите слушатели. Но, апостол Петар советува: „Бидете сите едномислени, покажувајте сочувство, имајте братска наклоност, нежна сочувствителност, понизност на умот“ (1. Петрово 3:8). Како може да покажеме сочувство? Една можност е со тоа што ќе покажеме дека ни се важни чувствата на другиот и ќе се обидеме да ги разбереме. Еден начин на којшто можеме да покажеме дека ни се важни чувствата на другиот е да го изразиме нашето сочувство со зборови како, на пример: „Тоа мора да те вознемирило“ или „Мора да си се почувствувал погрешно разбран“. Друг начин е да го кажеме со свои зборови она што другиот го вели, како потврда дека добро сме разбрале што кажал. Да слушаме со љубов значи да им обрнеме внимание не само на зборовите туку и на чувствата што се кријат зад нив.

Роберт a е искусен полновремен проповедник на Јеховините сведоци. Тој вели: „Во еден период не бев задоволен од својата служба. Затоа го замолив патувачкиот надгледник да поразговараме. Тој навистина ме слушаше и се потруди да разбере како се чувствувам. Мислам дека дури и сфати дека се плашам да не ме критикува поради мојот став. Братот ме увери дека е природно да се појават такви чувства, зашто и самиот тој почувствувал нешто слично. Тоа навистина ми помогна да продолжам понатаму“.

Можеме ли да слушаме иако не се сложуваме со она што ни се кажува? Можеме ли некому да му речеме дека го цениме тоа што ни го кажал своето мислење? Да. Што ако синчето се вмешало во некоја тепачка на училиште или ќерката која е тинејџерка дојде дома и ни каже дека е вљубена? Зар не е подобро родителот да го ислуша детето и да се обиде да разбере што му се врти во главата пред да почне да објаснува што е исправно а што погрешно да се прави?

„Советот во човековото срце е длабока вода“ вели стихот во Пословици 20:5, „и разумниот човек ќе ја исцрпи.“ Ако некој што е мудар и има искуство не е склон да даде совет кога тоа не се бара од него, можеби ќе треба самите да го извлечеме од него. Исто е и кога слушаме со љубов. Потребна е проникливост за да наведеме некого да се отвори. Помага ако поставуваме прашања, но мора да внимаваме со нашите прашања да не навлеземе во лични работи. Може да се покаже корисно ако го поттикнеме оној што зборува прво да ни каже нешто што не му е толку непријатно. На пример, на една сопруга што сака да зборува за проблемите во својот брак може да ѝ е полесно да го почне разговорот раскажувајќи како таа и маж ѝ се запознале и стапиле во брак. Некому што станал неактивен во христијанската служба може да му е полесно да почне со тоа што ќе раскаже како ја дознал вистината.

Не е лесно да се слуша со љубов

Можеби нема да биде лесно да слушаме кога некој ни е лут, бидејќи по природа сме склони да се оправдуваме себеси. Како да постапиме во таква ситуација? „Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот“, се вели во Пословици 15:1. Тоа што љубезно ќе поттикнеме некого да се искаже и потоа стрпливо ќе сослушаме каква поплака има против нас е еден начин да одговориме со благост.

Кога двајца се караат, тие всушност само го повторуваат она што веќе го кажале. Секој од нив мисли дека другиот не го слуша. Колку убаво би било кога едниот од нив би престанал да зборува и навистина би го ислушал другиот! Се разбира, важно е да се совладуваме и да зборуваме разборито и љубезно. Библијата ни вели: „Изобилство зборови не бидува без грев, а кој го воздржува својот јазик, разумен е“ (Пословици 10:19).

Способноста да слушаме со љубов не доаѓа сама по себе. Сепак, тоа е умешност што можеме да ја стекнеме ако се напрегаме и совесно ја учиме. Но, ова сигурно е вештина што вреди човек да ја поседува. Ако вистински слушаме кога другите зборуваат покажуваме дека ги сакаме. Тоа и нас нѐ прави посреќни. Колку е мудро човек да ја развива умешноста да ги слуша другите со љубов!

[Фуснота]

a Името е променето.

[Слика на страница 11]

Кога слушаме, мораме да ги тргнеме личните интереси настрана

[Слика на страница 12]

Можеби нема да биде лесно да слушаме кога некој ни е лут