Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Бог те гледа?

Дали Бог те гледа?

Дали Бог те гледа?

ДАЛИ Јехова, Врвниот Творец, може да гледа? Се разбира дека може! Библијата го дава јасниот заклучок: „Зар не може да види оној што го обликувал окото?“ (Псалм 94:9). Јехова може да види далеку, далеку повеќе од кој и да е човек. Тој не само што гледа какви сме однадвор туку и „ги испитува срцата“ и „ги проценува“ (Изреки 17:3; 21:2). Тоа значи дека тој може да процени што размислуваме и кои ни се мотивите и најскриените желби.

Јехова е свесен за проблемите низ кои минуваме во животот, и одговара на нашите молби. Псалмистот напишал: „Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош. Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:15, 18). Навистина е утешно сознанието дека Јехова сфаќа во каква ситуација се наоѓаме и дека ги исполнува нашите сесрдни молитви!

Јехова Бог ги знае и работите што се прават во најголема тајност. Без сомнение, „сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13). Според тоа, Бог ги забележува сите наши дела, било добри било лоши (Изреки 15:3). На пример, во 1. Мојсеева 6:8, 9 се вели дека ‚Ное нашол милост во очите на Јехова‘ и дека тој ‚одел со вистинскиот Бог‘. Јехова бил задоволен од Ное и го благословил поради тоа што му бил послушен и живеел според Неговите праведни мерила (1. Мојсеева 6:22). За разлика од него, другите луѓе во тоа време биле насилни и расипани. Бог не бил слеп, гледал што се случува. Тој видел ‚дека лошотијата на човекот на земјата била голема и дека сите мисли на неговото срце биле секогаш насочени само кон зло‘. На крајот, Јехова ги уништил злите, а им го зачувал животот на Ное и на неговото семејство (1. Мојсеева 6:5; 7:23).

Дали Јехова ќе биде задоволен од тебе? Тој и сега „ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Летописи 16:9). Затоа, наскоро уште еднаш ќе ги отстрани од Земјата сите зли и ќе ги избави оние што се кротки во срцето (Псалм 37:10, 11).