Предводиш ли во искажувањето почит кон соверниците?
Предводиш ли во искажувањето почит кон соверниците?
„Со братска љубов сакајте се срдечно еден со друг. Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (РИМ. 12:10)
1, 2. а) Каков совет ни дава Павле во своето писмо до Римјаните? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
ВО СВОЕТО писмо до Римјаните, апостол Павле нагласува колку е важно ние како христијани да покажуваме љубов во собранието. Исто така, нѐ потсетува дека нашата љубов ‚не треба да биде лицемерна‘. Освен тоа, ја спомнува и ‚братската љубов‘ и нѐ поттикнува ‚срдечно да се сакаме‘ (Рим. 12:9, 10а).
2 Се разбира, братската љубов не значи само да имаме срдечни чувства кон другите. Тие чувства треба да ги покажуваме на дело. Впрочем, никој не би можел да знае каква љубов и наклоност чувствуваме ако не ги покажеме со конкретни постапки. Затоа, Павле го додава следниов совет: „Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Рим. 12:10б). Што значи изразот ‚искажува почит‘? Зошто е важно да предводиме во искажувањето почит кон соверниците? Како можеме да го правиме тоа?
Што значи изразот ‚искажува почит‘?
3. Што значат изворните библиски зборови кои главно се преведени со „почит“ или „чест“?
3 Во Библијата, хебрејскиот збор кој главно е преведен со „почит“ или „чест“ дословно значи „тежина“, во смисла на „важност“. Според тоа, оној кому му се искажува почит се смета за важен, односно вреден. Истиот хебрејски збор често е преведен и со „слава“, што потврдува дека лицето кое е почитувано е многу ценето (1. Мој. 45:13). И грчкиот збор што во Библијата е преведен со „почит“ и „чест“ ја пренесува мислата на ценење, вредност и скапоценост (Лука 14:10). Значи, може да кажеме дека оние што ги почитуваме се вредни и скапоцени за нас.
4, 5. Што значи да им искажуваме почит на другите? Објасни со пример.
4 Што значи да им искажуваме почит на другите? Почитта, пред сѐ, е поврзана со ставот што го имаме кон луѓето. Нашиот став влијае и врз начинот на кој постапуваме со нив. Со други зборови, за да му искажеме почит на некој наш брат прво треба да гледаме со почит на него.
5 Еден христијанин не би можел да им искажува искрена почит на соверниците ако не мисли дека се достојни за почит (3. Јов. 9, 10). Исто како што едно растение може да цвета и да не овене само ако е засадено на добра земја, така и почитта ќе биде искрена и трајна само ако е засадена длабоко во нашето срце. Ако не ги почитуваме другите од срце, туку само формално, таквата почит кога-тогаш ќе овене исто како цвеќе што било насадено на лоша земја. Затоа, не е чудо што, пред да нѐ поттикне да си искажуваме почит, Павле јасно рекол: „Вашата љубов нека не биде лицемерна“ (Рим. 12:9; прочитај 1. Петрово 1:22.)
Искажувај им почит на оние што се „слични на Бог“
6, 7. Зошто треба да ги почитуваме другите?
6 Со оглед на тоа што почитта треба да извира од срцето за да можеме да ја покажуваме со збор и на дело, никогаш не треба да заборавиме зошто Библијата нѐ поттикнува да ги почитуваме сите наши браќа. Да разгледаме две причини.
7 За разлика од другите суштества на Земјата, луѓето се создадени „слични на Бог“ (Јак. 3:9). Затоа имаме особини какви што има и Тој, меѓу кои спаѓаат љубовта, мудроста и правдата. Но, забележи што друго ни дал нашиот Творец. Псалмистот вели: „О Јехова... за твојата чест се зборува над небесата!.. Си го направил [човекот] малку помал од оние што му се слични на Бог, со слава и со сјај [„чест“, Превод на МПЦ] си го овенчал“ (Пс. 8:1, 4, 5; 104:1). * Бог го овенчал, односно му дал одредено достоинство, слава и чест на секој човек. Затоа, кога му искажуваме почит некому, ние, всушност, му искажуваме чест на самиот Јехова, кој е Изворот на човечкото достоинство. Според тоа, ако имаме добри причини да покажуваме почит кон сите луѓе, тогаш колку повеќе треба да ги почитуваме нашите соверници! (Јован 3:16; Гал. 6:10).
Членови на исто семејство
8, 9. Според советот на Павле, од која друга причина треба да ги почитуваме соверниците?
8 Павле спомнува уште една причина зошто да се почитуваме еден со друг. Пред да нѐ советува да си искажуваме почит, тој вели: „Со братска љубов сакајте се срдечно еден со друг“. Грчкиот израз преведен со „сакајте се срдечно“ укажува на цврстата врска што постои во едно семејство чии членови се сакаат и си помагаат еден на друг. Според тоа, со овој израз Павле нагласува дека односите во собранието треба да бидат цврсти и срдечни како во едно семејство во кое сите се многу блиски меѓу себе (Рим. 12:5). Освен тоа, имај на ум дека Павле им го напишал ова на помазани христијани кои еден ист Татко, Јехова, ги усвоил како свои деца. Значи, во една многу посебна смисла, тие навистина биле членови на едно блиско семејство. Затоа, помазаните христијани во времето на Павле имале силна причина да се почитуваат меѓу себе. Истото важи и за помазаниците денес.
9 А што е со ‚другите овци‘? (Јован 10:16). Иако сѐ уште не се усвоени како Божји деца, тие со право можат да се нарекуваат браќа и сестри бидејќи се дел од едно меѓународно христијанско семејство кое обединето му служи на Бог (1. Пет. 2:17; 5:9). Токму поради тоа, и оние од другите овци имаат силна причина од срце да ги почитуваат своите соверници. (Прочитај 1. Петрово 3:8.)
Зошто е толку важно?
10, 11. Зошто е многу важно заемно да се почитуваме и да си искажуваме чест?
10 Зошто е толку важно заемно да се почитуваме и да си искажуваме чест? Затоа што, кога им искажуваме почит на нашите браќа и сестри, придонесуваме за доброто и за единството на целото собрание.
11 Се разбира, свесни сме дека најголема сила црпиме од нашето блиско пријателство со Јехова и од помошта што тој ни ја дава преку својот свет дух (Пс. 36:7; Јован 14:26). Сепак, се охрабруваме и кога соверниците ни покажуваат дека нѐ ценат (Изр. 25:11). Мило ни е кога некој искрено ќе ни изрази ценење и почит. Тоа ни дава додатна сила да продолжиме радосно и одлучно да чекориме по патот што води во живот. Сигурно и ти си го почувствувал ова на своја кожа.
12. Како може секој од нас да придонесе во собранието да владее љубов и срдечна атмосфера?
12 Бидејќи знае дека имаме вродена потреба да се чувствуваме ценети, Јехова, преку својата Реч, со право нѐ поттикнува Рим. 12:10; прочитај Матеј 7:12). Сите христијани што го земаат присрце овој совет, кој никогаш не застарува, придонесуваат во христијанското братство да владее љубов и срдечна атмосфера. Затоа, добро е да застанеме и да се прашаме: ‚Кога последен пат со зборови и со постапки му покажав на некој брат или сестра од собранието дека навистина го ценам?‘ (Рим. 13:8).
‚да предводиме во искажувањето почит еден кон друг‘ (Секој е должен да покажува почит
13. а) Кој треба да предводи во искажувањето почит? б) Што покажуваат зборовите на Павле од Римјаните 1:7?
13 Кој треба да предводи во искажувањето почит? Во своето писмо до Евреите, Павле вели дека христијанските старешини се тие што ‚нѐ предводат‘ (Евр. 13:17). Се разбира, старешините предводат во разни активности. Сепак, како пастири на стадото, неопходно е да предводат и во искажувањето почит на соверниците, во кои спаѓаат и другите старешини. На пример, кога имаат состанок на кој ги разгледуваат духовните потреби на собранието, старешините покажуваат заемна почит така што внимателно слушаат што имаат да кажат другите. Освен тоа, кога донесуваат одлуки, нивната почит се гледа во тоа што ги земаат предвид гледиштата и изјавите на сите старешини (Дела 15:6-15). Но, не треба да заборавиме дека Павле му го упатил писмото до Римјаните на целото собрание, а не само на старешините (Рим. 1:7). Според тоа, советот да предводиме во искажувањето почит во поширока смисла важи за сите нас денес.
14. а) Наведи пример од кој се гледа разликата во тоа некој да искажува почит и да предводи во искажувањето почит. б) Кои прашања би можеле да си ги поставиме?
14 Забележи го и следниов аспект на советот што го дал Павле. Тој не ги поттикнал соверниците во Рим само да покажуваат почит, туку да предводат во тоа. Зошто овој детаљ е важен? Размисли за следниов пример. Дали еден учител би поттикнал група ученици да научат да читаат ако тие се веќе писмени? Се разбира дека не! Наместо тоа, учителот ќе сака да им помогне да научат да читаат уште подобро. На сличен начин, тоа што се сакаме едни со други — и од таа причина си искажуваме почит — веќе е знак по кој се препознаваме како вистински христијани (Јован 13:35). Сепак, исто како што учениците кои знаат да читаат можат да се подобрат во читањето, така и ние можеме да напредуваме со тоа што ќе предводиме во искажувањето почит (1. Сол. 4:9, 10). Јехова му ја дал таа задача секому од нас. Добро е да се прашаме: ‚Дали го правам тоа? Дали се трудам во секоја прилика прв да им покажам почит на другите во собранието?‘
Искажувај им почит на „малите“
15, 16. а) Кон кои браќа и сестри не смееме да заборавиме да покажеме почит, и зошто? б) По што се гледа дали длабоко ги почитуваме сите наши браќа и сестри?
15 На кои браќа и сестри не смееме да заборавиме да им покажеме почит? Божјата Реч вели: „[Јехова] ќе ги благослови оние што се бојат од [него], и малите и големите“ (Пс. 115:13). Како можеме да го следиме неговиот пример додека се трудиме да предводиме во искажувањето почит кон другите?
16 Сигурно ќе се сложиш дека на повеќето луѓе не им е проблем да покажуваат почит кон оние што се на повисока положба од нив, но може да се однесуваат со мала или никаква почит кон оние што сметаат дека се под нив. Но, Јехова не е таков. Тој вели: „Јас им укажувам чест на оние што мене ми укажуваат чест“ (1. Сам. 2:30; Пс. 113:5-7). Јехова им искажува почит на сите што му служат и што му укажуваат чест. Тој се грижи дури и за ‚малите‘ (прочитај Матеј 18:14; 2. Лет. 16:9). Како стоиме ние во овој поглед? Ако сакаме да видиме во која мера им искажуваме длабока почит на другите, добро е да се прашаме: ‚Како постапувам со оние што немаат некои посебни одговорности во собранието?‘ (Јован 13:14, 15). Одговорот на ова прашање ќе ни открие колку искрено ги почитуваме другите. (Прочитај Филипјаните 2:3, 4.)
Искажувај почит — одвој време за другите
17. На кој важен начин можеме да предводиме во искажувањето почит, и зошто?
17 Еден важен начин на кој можеме да предводиме во искажувањето почит кон сите во собранието е така што ќе одвојуваме време за нив. Како христијани, ние сме многу зафатени и прилично многу време трошиме на најразлични собраниски активности. Поради тоа, времето е навистина скапоцено за нас. Затоа, кога одвојуваме дел од тоа време за другите, навистина покажуваме почит кон нив. Од друга страна, свесни сме дека сепак треба да бидеме разумни во поглед на времето што очекуваме да ни го посветат другите во собранието, а цениме и кога тие сфаќаат дека не треба да бараат да поминуваме премногу време со нив.
18. Како што се гледа на сликата на 18. страница, како може да покажеме дека сме спремни да одвоиме време за соверниците?
18 Исто така, сфаќаме (особено оние што служат како пастири во собранието) дека нашата спремност да прекинеме со некоја активност за да му обрнеме внимание на некој наш соверник е знак дека го почитуваме. Во кој поглед? Кога ќе оставиме нешто што сме правеле за да му посветиме време, ние, всушност, како да му велиме: ‚Ти си ми многу поважен од она што го правам‘ (Мар. 6:30-34). Но, важи и спротивното. Ако не сме спремни да прекинеме со некоја наша работа заради нашиот брат, можеби тој ќе си помисли дека не ни е многу важен. Се разбира, понекогаш нешто е толку итно што не може да се прекине. Сепак, нашата спремност — или неспремност — да одвоиме време за другите открива колку искрено ги почитуваме нашите браќа и сестри (1. Кор. 10:24).
Биди решен да предводиш во искажувањето почит
19. На кој друг начин, освен што ќе одвоиме време за нив, можеме да им искажеме почит на соверниците?
19 На соверниците можеме да им искажеме почит и на други важни начини. На пример, кога веќе сме одвоиле време за нив, треба да им посветиме и внимание. И во тој поглед можеме да се угледаме на Јехова. Псалмистот Давид вели: „Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош“ (Пс. 34:15). Се трудиме да постапуваме кон нашите браќа како Јехова и да им посветиме целосно внимание, особено на оние што побарале помош од нас. На тој начин им искажуваме почит.
20. Кои потсетувања во врска со искажувањето почит треба да ги имаме на ум?
20 Во оваа статија разгледавме неколку причини зошто да имаме искрена почит кон соверниците. Ако секогаш ги имаме на ум и ако се трудиме први да им искажуваме почит на сите, вклучувајќи ги и „малите“, ќе ја зајакнуваме братската љубов и единството во собранието. Затоа, сите да продолжиме не само да покажуваме почит еден кон друг, туку и да предводиме во тоа. Дали си решен да го правиш ова?
[Фуснота]
^ пас. 7 Она што го напишал Давид во 8. Псалм има и пророчко значење и укажува на совршениот човек Исус Христос (Евр. 2:6-9).
Се сеќаваш ли?
• Што значи да се искажува почит некому?
• Од кои причини треба да ги почитуваме соверниците?
• Зошто е важно да си искажуваме почит еден на друг?
• На кои начини можеме да им искажеме почит на соверниците?
[Прашања]
[Слика на страница 18]
Како можеме да им искажеме почит на соверниците?