Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Труди се да бидеш миротворец

Труди се да бидеш миротворец

Труди се да бидеш миротворец

„Да се стремиме кон она што придонесува за мир“ (РИМ. 14:19)

1, 2. Зошто меѓу Јеховините сведоци владее мир?

 ДЕНЕС во светот нема вистински мир. Дури и луѓето од иста националност, кои зборуваат ист јазик, се разединети поради религиозни, политички и општествени причини. За разлика од нив, слугите на Јехова се обединети и покрај тоа што меѓу нив има поединци „од сите народи и племиња и народности и јазици“ (Отк. 7:9).

2 Овој мир не е случајност. Тој постои, пред сѐ, затоа што сме „во мир со Бог“. Ние имаме добар однос со него бидејќи покажуваме вера во неговиот Син, кој ја пролеал својата крв за да ни бидат простени гревовите (Рим. 5:1; Еф. 1:7). Освен тоа, вистинскиот Бог им дава свет дух на своите верни слуги, а мирот е еден од плодовите на тој дух (Гал. 5:22). Уште една причина за нашиот мир и единство е тоа што ‚не сме дел од светот‘ (Јован 15:19). Ние сме политички неутрални, односно не се мешаме во политика. Затоа што ‚сме ги прековале своите мечеви во плугови‘, не учествуваме ниту во граѓански ниту во меѓународни војни (Иса. 2:4).

3. Што можеме да правиме благодарение на мирот кој постои меѓу нас, и што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Иако во нашето собрание можеби има лица од различна националност и култура, ние ‚се сакаме еден со друг‘ (Јован 15:17). Бидејќи сме во мир со другите, не само што се трудиме да не им правиме лошо на нашите соверници, туку „им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера“ (Гал. 6:10). Нашиот духовен рај во кој владее мир е скапоцен, и затоа треба да го чуваме. Да разгледаме како можеме да останеме во мир со другите во собранието.

Кога ќе згрешиме

4. Како би можеле да го зачуваме мирот ако сме згрешиле некому?

4 Ученикот Јаков напишал: „Сите ние честопати грешиме. Ако некој не греши во зборови, тој е совршен човек“ (Јак. 3:2). Значи, одвреме-навреме сигурно ќе се појават недоразбирања и несогласувања меѓу христијаните (Фил. 4:2, 3). Но, проблемите меѓу поединци можат да се решат без да се наруши мирот на целото собрание. На пример, во Проповедта на гората, Исус дал еден совет што треба да го примениме ако сфатиме дека сме згрешиле некому. (Прочитај Матеј 5:23, 24.)

5. Како може да го зачуваме мирот ако некој ни згреши?

5 Што ако некој ни згреши нам? Треба ли да чекаме да дојде и да ни се извини? „[Љубовта] не го памти злото“, стои во 1. Коринќаните 13:5. Ако некој ни згреши, ќе го зачуваме мирот со тоа што ќе му простиме и ќе заборавиме, односно ‚нема да го памтиме злото‘ што ни го направил. (Прочитај Колошаните 3:13.) Ова е најдоброто нешто кое може да го направиме ако станува збор за некоја ситна работа. Така ќе го зачуваме единството со нашите браќа, а ќе имаме и душевен мир затоа што сме постапиле на исправен начин. Една мудра изрека вели: „Чест... е да [се] премине преку престапот“ (Изр. 19:11).

6. Што треба да правиме ако некој ни згрешил толку многу што не можеме да преминеме преку тоа?

6 Но, што ако мислиме дека некој толку многу ни згрешил што не можеме да преминеме преку она што го направил? Сигурно не би било мудро да зборуваме кај стигнеме за тоа. Таквото озборување само ќе го наруши мирот во собранието. Што може да направиме за да го решиме проблемот? Матеј 18:15 вели: „Ако твојот брат направи грев, оди и насамо укажи му на неговиот престап. Ако те послуша, си го придобил својот брат“. Иако Матеј 18:15-17 се однесува на потешки гревови, во склад со начелото изнесено во 15. стих, најдобро е да разговараме насамо со оној што ни згрешил. Треба да зборуваме љубезно и да се обидеме да се смириме со него. *

7. Зошто треба брзо да ги решаваме несогласувањата?

7 Апостол Павле напишал: „Ако се гневите, немојте да грешите. Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина. И не давајте му можност на Ѓаволот да дејствува“ (Еф. 4:26, 27). А Исус рекол: „Брзо реши го спорот со оној што те тужи“ (Мат. 5:25). Според тоа, за да го зачуваме мирот, треба брзо да ги решаваме меѓусебните несогласувања. Зошто? Затоа што така нема да дозволиме проблемите да се влошат, слично на една инфицирана рана која може многу да се влоши ако не се лекува. Да не дозволиме гордоста, зависта или љубовта кон парите да нѐ спречат да ги решиме несогласувањата до кои можеби ќе дојде (Јак. 4:1-6).

Кога се вклучени повеќе лица

8, 9. а) Какви различни гледишта постоеле во собранието во Рим во првиот век? б) Каков совет им дал Павле на христијаните во Рим?

8 Понекогаш во собранието можат да се појават проблеми во кои се вклучени повеќе од две лица. Ова им се случило на христијаните во Рим, на кои апостол Павле им напишал едно послание. Меѓу еврејските и нееврејските христијани имало несогласувања. Некои во тоа собрание гледале со презир на оние што не биле зрели, односно на оние што имале послаба совест која им забранувала да прават работи што не биле погрешни. А тие, пак, ги осудувале оние со појака совест. И двете страни се расправале околу работи за кои секој имал право на личен избор. Каков совет му дал Павле на ова собрание? (Рим. 14:1-6).

9 Павле ги советувал сите што биле вклучени во тој спор. На христијаните што сфаќале дека веќе не се под Мојсеевиот закон им кажал да не гледаат со презир на своите браќа (Рим. 14:2, 10). Со таквиот став можеле да ги спрепнат соверниците на кои и понатаму им било одвратно да јадат храна која Законот ја забранувал. Павле ги опоменал: „Не уривајте го Божјето дело поради јадење!.. Добро е да не се јаде месо и да не се пие вино и да не се прави ништо од кое твојот брат би можел да се спрепне“ (Рим. 14:14, 15, 20, 21). Но, ги советувал и христијаните со послаба совест да не ги осудуваат како неверни оние што гледале пошироко на работите (Рим. 14:13). Тој им рекол: „Секој меѓу вас [нека] не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли“ (Рим. 12:3). Откако ги советувал и двете страни, Павле напишал: „Затоа, да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“ (Рим. 14:19).

10. Слично на христијаните во Рим, што треба да направат денес оние кои имаат меѓусебни несогласувања?

10 Христијаните во Рим сигурно го послушале советот на Павле и ги направиле потребните промени. Кога ќе дојде до проблеми меѓу нас, зарем не треба да ги решаваме со љубов така што понизно ќе ги применуваме библиските совети? Слично на христијаните во Рим, сите оние што денес имаат меѓусебни несогласувања ќе треба да направат промени за ‚да бидат во мир еден со друг‘ (Мар. 9:50).

Како можат да помогнат старешините

11. Што треба да направи еден старешина ако еден христијанин сака да зборува со него за проблем кој го има со некој свој соверник?

11 Што ако еден христијанин сака да разговара со старешина за проблем кој го има со некој роднина или соверник? Изреки 21:13 вели: „Кој си ги затвора ушите кога бедниот се жали и офка, и самиот ќе вика, но нема да биде услишен“. Старешината сигурно не би сакал да ‚ги затвори ушите‘. Но, во една друга изрека стои: „Кога го слушаш едниот, чиниш право кажува, додека не дојде другиот и не почне да го испрашува“ (Изр. 18:17, Радосна Вест). Иако треба љубезно да го сослуша братот што дошол кај него, старешината мора да внимава да не застане на негова страна без да ги дознае сите факти. Откако ќе слушне за што се работи, најверојатно ќе го праша дали веќе разговарал со другото лице. Освен тоа, старешината би можел да му покаже што вели Библијата дека треба да направиме за да го зачуваме мирот со нашите браќа.

12. Кои три примери покажуваат дека е опасно некој да постапи избрзано откако ќе ја сослуша само едната страна?

12 Три библиски примери покажуваат колку е опасно брзо да се преземе нешто откако била сослушана само едната страна. Петефри ѝ поверувал на жена си кога таа му кажала дека Јосиф се обидел да ја силува. Толку бил гневен што наредил Јосиф да биде фрлен в затвор (1. Мој. 39:19, 20). Цар Давид му поверувал на Сива, слугата на Мефивостеј, кога тој му кажал дека неговиот господар се здружил со непријателите на царот. Давид донел избрзана одлука, велејќи: „Еве, твое е сѐ што му припаѓа на Мефивостеј!“ (2. Сам. 16:4; 19:25-27). Цар Артаксеркс добил извештај дека Евреите ги обновуваат ѕидовите на Ерусалим и дека ќе се побунат против Персиското Царство. Царот поверувал во тој лажен извештај и наредил да прекинат сите градежни работи во Ерусалим. Како резултат на тоа, Евреите престанале да го градат Божјиот храм (Езра 4:11-13, 23, 24). Христијанските старешини мудро го следат советот што Павле му го дал на Тимотеј и не донесуваат избрзани заклучоци. (Прочитај 1. Тимотеј 5:21.)

13, 14. а) Што треба да имаме на ум кога ќе чуеме за некој проблем меѓу двајца христијани? б) Што може да им помогне на старешините да донесат исправни заклучоци?

13 Библијата вели: „Ако некој мисли дека знае нешто, уште не го знае тоа како што би требало да го знае“ (1. Кор. 8:2). Можеби мислиме дека знаеме што се случило кога има расправија меѓу двајца христијани. Но, не смееме да заборавиме дека веројатно не ги знаеме сите факти. Освен тоа, можеби не ги познаваме добро оние што имаат несогласување и не знаеме зошто секој од нив реагира на одреден начин. Старешините мора многу да внимаваат кога донесуваат заклучоци за да не бидат измамени така што ќе поверуваат во полувистини, лаги или гласини. Исус Христос, како Судија поставен од Бог, суди праведно. Тој не „суди според она што го гледа, ниту... укорува според она што го слуша“ (Иса. 11:3, 4). Наместо тоа, Исус е воден од Јеховиниот дух. И христијанските старешини треба да дозволат да ги води Божјиот свет дух.

14 Пред да донесат заклучок во врска со некој проблем, старешините треба да го молат Јехова да им помогне со својот дух и треба да се потпрат на водството на духот со тоа што ќе ја користат Божјата Реч и публикациите од верниот и разборит роб (Мат. 24:45).

Дали да се зачува мирот по секоја цена?

15. Ако еден христијанин дознае дека некој соверник направил или прави тежок грев, кога треба да им каже за тоа на старешините?

15 Библијата нѐ поттикнува да го зачуваме мирот со другите. Но, исто така вели: „Мудроста одозгора пред сѐ е чиста, а потоа мирољубива“ (Јак. 3:17). Според тоа, чистотата е поважна од мирољубивоста. За да бидеме чисти во Божји очи, мора да се држиме за Божјите чисти морални мерила и за неговите праведни барања. Ако еден христијанин дознае дека некој соверник направил или прави тежок грев, треба да го поттикне да им го признае гревот на старешините (1. Кор. 6:9, 10; Јак. 5:14-16). Ако оној што греши не го стори тоа, христијанинот треба сам да ги извести старешините. Доколку не им каже ништо затоа што сака да остане во мир со братот што греши, тој ќе биде соучесник во неговиот грев (3. Мој. 5:1; прочитај Изреки 29:24).

16. Што учиме од начинот на кој постапил Јуј со царот Јорам?

16 Примерот на Јуј покажува дека е поважно да се постапува исправно отколку да се остане во мир со некој што прави грев. Бог го испратил Јуј да ја изврши Неговата пресуда над домот на цар Ахав. Злобниот цар Јорам, синот на Ахав и на Језавела, дојавал во својата кола за да се сретне со Јуј и го прашал: „Доаѓаш ли во мир?“ Како одговорил Јуј? Тој рекол: „Како може да има мир додека траат блудствата на твојата мајка Језавела и нејзините многубројни гатања?“ (2. Цар. 9:22). Потоа го зел лакот и го застрелал Јорам во срцето. Слично на Јуј, и старешините мораат да преземат мерки против непокајничките грешници. Не можат да им дозволат на оние што намерно грешат и не се каат да останат во собранието само за да го зачуваат мирот со нив. Тие ги исклучуваат од собранието за да можат другите да останат во мир со Бог (1. Кор. 5:1, 2, 11-13).

17. Што треба да прави секој христијанин за да се зачува мирот во собранието?

17 Во повеќето случаи, кога доаѓа до несогласувања меѓу браќата, не се работи за тешки гревови за кои би била потребна правна постапка. Затоа е многу подобро да покажеме љубов и да преминеме преку грешките на другите. Божјата Реч вели: „Кој го покрива престапот, бара љубов, а кој постојано зборува за него, ги раздвојува блиските пријатели“ (Изр. 17:9). Ако постапуваме во склад со овие зборови, сите ние ќе можеме да придонесеме да се зачува мирот во собранието и ќе останеме блиски со Јехова (Мат. 6:14, 15).

Бог ги благословува миротворците

18, 19. Како нѐ благословува Јехова затоа што се трудиме да бидеме миротворци?

18 Јехова нѐ благословува кога даваме сѐ од себе за да го зачуваме мирот. Стануваме уште поблиски со Бог затоа што се трудиме да бидеме како него и придонесуваме за мирот и единството во нашиот духовен рај. Тоа што настојуваме да бидеме миротворци во собранието ни помага да имаме мирољубиви односи и со оние на кои им ја проповедаме „добрата вест на мирот“ (Еф. 6:15). Учиме како да бидеме ‚благи кон сите и да се совладуваме кога трпиме зло‘ (2. Тим. 2:24).

19 Освен тоа, сето ова ќе ни помогне и во иднина, кога Јехова „ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15). Во тоа време ќе бидат воскреснати најразлични луѓе кои живееле во разни делови на Земјата и во разни периоди од историјата — уште од самото ‚основање на светот‘ (Лука 11:50, 51). Ако уште денес се поучуваме да бидеме миротворци, ќе ни биде многу полесно во новиот свет кога ќе имаме извонредна чест да им помагаме и на оние што ќе воскреснат да го засакаат мирот.

[Фуснота]

^ пас. 6 Библиски совети за тоа како треба да се постапи во случај на потешки гревови, на пример, клеветење и измама, има во Стражарска кула од 15 октомври 1999, страници 17-22.

Што научи?

• Како ќе покажеме дека сме миротворци ако згрешиме некому?

• Како ќе покажеме дека сме миротворци ако некој ни згреши нам?

• Зошто е мудро да не заземаме страна кога другите имаат некое несогласување?

• Објасни зошто е поважно да постапуваме исправно отколку да го зачуваме мирот со некој што прави грев.

[Прашања]

[Слика на страница 29]

Јехова ги сака оние што спремно им простуваат на другите