Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Јас сум со вас“

„Јас сум со вас“

„Јас сум со вас“

„Многумина ќе пребаруваат, и вистинското знаење ќе се умножи“ (ДАН. 12:4)

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

Како било откриено „вистинското знаење“ во нашево време?

Како пораснал бројот на оние што го прифатиле „вистинското знаење“?

На кои начини се ‚умножило‘ вистинското знаење?

1, 2. а) Од каде знаеме дека Исус е со своите поданици денес и дека ќе биде со нив и во иднина? б) Според Даниел 12:4, што требало да се случи откако некои внимателно ќе ја пребарувале Библијата?

 ЗАМИСЛИ СИ дека си во рајот. Секое утро се будиш одморен и му се радуваш на новиот ден. Не чувствуваш никаква болка — здрав си како дрен! Сите твои сетила — за вид, слух, мирис, вкус и допир — функционираат беспрекорно. Полн си со енергија, уживаш во работата, имаш многу пријатели и не те мачат никакви грижи. Сите овие благослови ќе ги доживееш кога Божјето Царство ќе завладее со Земјата. Исус Христос, Царот поставен од Бог, ќе ги благослови своите поданици и ќе се погрижи сите луѓе на Земјата да бидат поучени за Јехова.

2 Во тоа време, Јехова ќе биде со своите верни слуги кои ќе ги поучуваат другите за Него. Всушност, Бог и неговиот Син со векови им помагаат на верните луѓе. Пред да се вознесе на небото, Исус ги уверил своите ученици дека ќе биде со нив. (Прочитај Матеј 28:19, 20.) За да се зајакне нашата вера во ова ветување, да разгледаме едно пророштво што Даниел го запишал пред повеќе од 2.500 години во Вавилон. Во врска со „времето на крајот“ во кое живееме денес, тој напишал: „Многумина ќе пребаруваат, и вистинското знаење ќе се умножи“ (Дан. 12:4). Ова покажува дека оние кои ќе ја пребаруваат Божјата Реч ќе бидат благословени така што ќе го најдат „вистинското знаење“, односно ќе ги разберат вистините од Библијата. Пророштвото вели и дека тоа знаење „ќе се умножи“, што укажува дека мнозина ќе ги прифатат библиските вистини, а потоа ќе ги поучуваат другите за нив. Всушност, „вистинското знаење“ ќе им биде достапно на луѓето во целиот свет. Да видиме како се исполнило ова пророштво. Тоа ќе нѐ увери дека Исус е со своите ученици денес, и дека Јехова ќе ги исполни сите свои ветувања за иднината.

ИСКРЕНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ГО НАОЃААТ „ВИСТИНСКОТО ЗНАЕЊЕ“

3. Што се случило со „вистинското знаење“ по смртта на апостолите?

3 По смртта на апостолите, настапило отпадништвото кое го прорекол апостол Павле, и се раширило брзо како пожар (Дела 20:28-30; 2. Сол. 2:1-3). Со векови подоцна, „вистинското знаење“ било скриено дури и за оние што се нарекувале христијани. Иако тврделе дека веруваат во Библијата, водачите на христијанскиот свет ги поучувале луѓето за религиозни лаги — за „учења на демони“ со кои бил оцрнет Бог (1. Тим. 4:1). Како резултат на тоа, повеќето луѓе биле во духовна темнина. Отпадниците поучувале дека Бог е тројство, дека душата е бесмртна и дека некои души вечно се мачат во пекол.

4. Како една група христијани во 1870-тите почнале да го бараат „вистинското знаење“?

4 Меѓутоа, во 1870-тите, околу 40 години пред да започнат „последните денови“, една мала група искрени христијани во Пенсилванија (САД) почнале да се собираат заедно за да ја проучуваат Библијата и да го бараат „вистинското знаење“ (2. Тим. 3:1). Тие се нарекле Истражувачи на Библијата. Овие луѓе не биле „мудрите и умните“ од кои, според зборовите на Исус, ова знаење требало да биде скриено (Мат. 11:25). Напротив, тие биле понизни и искрено сакале да ја вршат Божјата волја. Внимателно ја читале Библијата, дискутирале и размислувале за неа, и го молеле Бог да им даде водство. Освен тоа, ги споредувале библиските стихови и ги истражувале заклучоците до кои дошле други што претходно ја проучувале Божјата Реч. Истражувачите на Библијата постепено откриле многу вистини кои биле скриени со векови.

5. Која била целта на трактатите со наслов Изворната теологија?

5 Иако многу се радувале поради вистините што ги дознале од Божјата Реч, Истражувачите на Библијата не се возгордеале поради тоа ниту, пак, тврделе дека откриле нешто ново (1. Кор. 8:1). Тие почнале редовно да ги издаваат трактатите со наслов Изворната теологија (The Old Theology). Целта на овие публикации била читателите да се запознаат со вистините запишани во Библијата. Првите трактати биле наменети да им помогнат на луѓето да го проучуваат Светото писмо и да ги отфрлат „сите човечки традиции“, а да ги прифатат вистинските учења на Исус и на апостолите, односно да ја прифатат „изворната теологија“ (The Old Theology, бр. 1, април 1889, стр. 32).

6, 7. а) Кои вистини ги разбравме од 1870-тите наваму? б) Кои вистини што си ги дознал особено ги цениш?

6 Од 1870-тите досега, Јеховините сведоци откриле уште многу прекрасни вистини од Библијата! * Овие вистини не се некои здодевни факти за кои би требало да расправаат само теолози. Напротив, тие ни помагаат да водиме исполнет живот, ни влеваат надеж и ни причинуваат голема радост. Ни помагаат да го запознаеме Јехова — неговите прекрасни особини и намери. Од нив дознаваме која е улогата на Исус, зошто живеел и умрел како човек и што прави сега. Скапоцените вистини од Библијата ни помагаат да разбереме зошто Бог го допушта злото, зошто умираме, како треба да се молиме и што треба да правиме за да бидеме вистински среќни.

7 Сега можеме да го разбереме значењето на пророштвата кои со векови биле „тајна“, но се исполнуваат во ова време на крајот (Дан. 12:9). Многу од тие пророштва се наоѓаат во евангелијата и во книгата Откровение. Јехова ни помогнал да ги разбереме дури и настаните што не можеме да ги видиме со свои очи. Знаеме дека Исус бил устоличен како Цар, дека имало војна на небото и дека Сатана бил исфрлен на Земјата (Отк. 12:7-12). Бог ни помага да разбереме и што значи она што можеме да го видиме — зошто има војни, земјотреси, болести, глад, и зошто живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1-5; Лука 21:10, 11).

8. Кој е тој што ни помогнал да ја разбереме вистината?

8 Исус им рекол на своите ученици: „Среќни се очите што го гледаат ова што вие го гледате. Зашто, ви велам, многу пророци и цареви сакаа да го видат ова што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат ова што вие го слушате, но не го чуја“ (Лука 10:23, 24). Така се чувствуваме и ние денес. Свесни сме дека Јехова Бог е тој што ни овозможува да „гледаме“ и да „слушаме“, односно да ги разбереме вистините од Библијата. И многу сме благодарни што Тој го пратил „помошникот“, својот свет дух, за да ги упати следбениците на Исус „во сета вистина“. (Прочитај Јован 16:7, 13.) Затоа, секогаш да го цениме „вистинското знаење“ и несебично да го споделуваме со другите!

„МНОГУМИНА“ ГО ПРИФАЌААТ „ВИСТИНСКОТО ЗНАЕЊЕ“

9. Каков апел бил упатен во Стражарска кула од април 1881 год.?

9 Во април 1881 год., помалку од две години откако излезе првиот број на Стражарска кула, во ова списание бил упатен апел да се пријават 1.000 доброволци кои ќе можат да одвојат поголем дел од своето време за да служат како колпортери, односно пионери. Тие биле поттикнати да одат во градови и села за да ги бараат искрените христијани кои се трудат да му угодат на Бог, но не знаат точно која е неговата волја, и да ги поучат за Јехова и за Библијата.

10. Како реагирале мнозина на апелот за 1.000 полновремени проповедници?

10 Овој апел покажува дека Истражувачите на Библијата сфатиле дека вистинските христијани мораат да ја проповедаат добрата вест. Но, во тоа време само неколку стотини лица оделе на нивните состаноци, и затоа оваа покана не можеле да ја прифатат толку многу луѓе. Сепак, откако ќе прочитале некој трактат или списание, мнозина сфаќале дека ја пронашле вистината и спремно го прифаќале повикот. На пример, откако прочитал една Стражарска кула и една брошурка издадена од Истражувачите на Библијата, во 1882 год. еден читател од Лондон напишал: „Ве молам, поучете ме што и како да проповедам за да можам да го вршам Божјето дело“.

11, 12. а) Каква цел имале колпортерите? б) На кој начин колпортерите основале „класови“, односно собранија?

11 Во 1885 год., околу 300 Истражувачи на Библијата служеле како колпортери. Овие полновремени слуги имале иста цел како и ние денес — да им помогнат на луѓето да станат ученици на Исус Христос. Но, тие користеле поинакви методи. Денес обично ја проучуваме Библијата со поединци, кои потоа ги покануваме да доаѓаат на собраниските состаноци. Во минатото, колпортерите оставале книги кај луѓето, а потоа ги собирале сите заинтересирани за да ја проучуваат Библијата како група. На тој начин биле основани нови собранија, кои во тоа време се нарекувале „класови“.

12 На пример, во 1907 год., група колпортери обично оделе во некој град и се труделе да ги пронајдат сите лица што веќе ги имале добиено книгите Зора на илјадагодишното Царство (наречени и Студии на Светото писмо). Во врска со ова, во Стражарска кула пишувало: „Во недела, [заинтересираните лица] се собирале на мал состанок во некој од нивните домови. Во текот на целиот ден, колпортерот зборувал со нив за Божјата намера со луѓето, а следната недела ги поттикнувал да одржуваат редовни состаноци“. Во 1911 год., браќата направиле промени во начинот на проповедање. Педесет и осум патувачки надгледници држеле јавни предавања низ цела Канада и САД. Потоа овие браќа ги запишувале имињата и адресите на заинтересираните лица кои го слушале предавањето и ги организирале во групи кои се собирале во нечиј дом. На тој начин биле основани нови „класови“. До 1914 год., низ целиот свет имало 1.200 вакви собранија на Истражувачите на Библијата.

13. Што ти остава силен впечаток во поглед на обемот на проповедничкото дело?

13 Денес во целиот свет има околу 109.400 собранија, а повеќе од 895.800 браќа и сестри служат како пионери. Речиси осум милиони луѓе сега го прифаќаат „вистинското знаење“ и го применуваат во својот живот. (Прочитај Исаија 60:22.) * Овој пораст е зачудувачки со оглед на тоа што Исус прорекол дека ‚сите ќе ги мразат‘ неговите ученици поради неговото име. Тој рекол и дека неговите следбеници ќе бидат прогонувани, затворани, па дури и убивани (Лука 21:12-17). И покрај противењето од страна на Сатана, на неговите демони и на луѓето, Јеховините слуги со извонреден успех го вршат своето дело на поучување. Денес тие проповедаат „по целиот свет“ — од тропските џунгли до тундрите на студениот север, на планини, во пустини, во градови и до најоддалечените краишта на Земјата (Мат. 24:14). Ова не би било возможно без помошта од Јехова.

‚ВИСТИНСКОТО ЗНАЕЊЕ СЕ УМНОЖИЛО‘

14. Како се умножило „вистинското знаење“ преку нашите публикации?

14 „Вистинското знаење“ се умножило затоа што многумина ја проповедаат добрата вест. Но, се умножило и благодарение на многуте библиски публикации. Во јули 1879 год., Истражувачите на Библијата го издале првиот број од ова списание, кое тогаш имало наслов Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност. Тој број, кој го отпечатила една трговска фирма, излегол во 6.000 примероци само на англиски јазик. За уредник бил избран 27-годишниот Чарлс Тејз Расел, а уште петмина други зрели браќа редовно пишувале статии за списанието. Стражарска кула сега излегува на 195 јазици. Тоа е списание со најголем тираж во светот — 42.182.000 примероци од секој број. Второ списание со најголем тираж е Разбудете се!, со 41.042.000 примероци од секој број на 84 јазици. Освен тоа, секоја година се печатат околу 100 милиони книги и Библии.

15. Како се финансира печатењето на нашите публикации?

15 Ова огромно дело се финансира со доброволни прилози. (Прочитај Матеј 10:8.) Оние што се занимаваат со печатарство се чудат на ова бидејќи се свесни колку се скапи печатарските машини, хартијата, мастилото и другите материјали. Еден брат кој набавува печатарски материјали за Бетел рекол: „Бизнисмените кои доаѓаат во посета на нашите објекти гледаат дека користиме најсовремени машини за печатење. Тие се многу изненадени кога ќе слушнат дека трошоците за таа опрема се покриваат само со доброволни прилози. А зачудени се и кога гледаат колку се млади и среќни оние што работат во Бетел“.

ЗЕМЈАТА ЌЕ БИДЕ ПОЛНА СО ЗНАЕЊЕ ЗА БОГ

16. Зошто Јехова го умножил „вистинското знаење“?

16 „Вистинското знаење“ се умножило затоа што Бог сака „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:3, 4). Јехова сака луѓето да ја дознаат вистината за да му служат на исправен начин и да го добијат неговиот благослов. Преку проповедничкото дело, тој го собрал остатокот од верни помазани христијани. Но, исто така собира и едно „големо мноштво“ луѓе од „сите народи и племиња и народности и јазици“ кои имаат надеж дека ќе живеат засекогаш на Земјата (Отк. 7:9).

17. Што покажува порастот на вистинските Божји слуги на Земјата?

17 Во последните 130 години, бројот на вистински слуги на Бог драматично се зголеми. Овој пораст е јасен доказ дека Јехова, како и Царот што Тој го поставил, Исус Христос, се навистина со верните христијани на Земјата. Тие нѐ водат, нѐ штитат, нѐ организираат и нѐ поучуваат. Ова нѐ уверува дека Јехова ќе ги исполни и сите други свои ветувања во иднина. Библијата вели: „Земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Иса. 11:9). Тогаш врз човештвото ќе бидат излеани величествени благослови!

[Фусноти]

^ Повеќе информации има во DVD-јата со наслов Јеховините сведоци — вера на дело, 1. дел: Излез од темнината и Јеховините сведоци — вера на дело, 2. дел: Нека светне светлина (српски).

^ Види во Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво II, страница 320.

[Прашања]

[Слика на страница 6]

Првите Истражувачи на Библијата биле понизни луѓе што искрено сакале да ја вршат Божјата волја

[Слика на страница 7]

Јехова го цени трудот што го вложуваш за да го шириш „вистинското знаење“ за него