Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие се ставиле на располагање — во Бразил

Тие се ставиле на располагање — во Бразил

Тие се ставиле на располагање — во Бразил

ПРЕД неколку години, Рубија, една сестра која сега има 30 години, отишла да ја посети Сандра, која служела како пионер во едно мало собрание во јужниот дел на Бразил. Додека била таму, се случило нешто што ѝ оставило многу силен впечаток на Рубија и од корен ѝ го сменило животот. Што било тоа? Ќе ни каже самата Рубија.

„НЕ МИ СЕ ВЕРУВАШЕ!“

„Сандра ме однесе на библиска студија кај една жена. Додека бевме таму, жената рече: ‚Сандра, три колешки од работа сакаат да ја проучуваат Библијата, ама им кажав дека нема да можат да дојдат на ред оваа година‘. Не ми се веруваше! Луѓето кои сакаа да учат за Јехова мораа да чекаат ред! Во моето собрание едвај можев да најдам некој што би сакал да проучува. Кога слушнав што кажа таа жена, почувствував силна желба да им помагам на луѓето во тоа гратче. Кратко потоа, се преселив од големиот град каде што живеев во местото каде што служеше Сандра“.

Што се случило потоа? Рубија вели: „По два месеца, имав 15 библиски студии и, верувале или не, и кај мене луѓето чекаа ред за да ја проучуваат Библијата!“

БИЛ ПОТТИКНАТ ДА СЕ ПРЕИСПИТА

Диего, еден брат кој сега има околу 25 години, отишол на гости кај двајца пионери што служеле во Прудентополис, гратче во јужен Бразил. Тоа што го доживеал таму му оставило силен впечаток и го поттикнало да размисли за својата служба. Тој објаснува: „Во моето собрание, не се напрегав премногу и секој месец поминував само по неколку часови во служба. Но, додека бев кај тие пионери и ги слушав искуствата кои ми ги раскажуваа, не можев да не ја забележам разликата помеѓу нив и мене — тие навистина ја вршеа службата со голема радост. Кога видов колку се среќни и воодушевени, посакав и јас да водам таков исполнет живот“. За кратко време, и Диего почнал да служи како пионер.

Дали и ти си млад Сведок? Исто како Диего, дали одиш во служба и на состаноци, но не чувствуваш особено голема радост? Ако е така, можеш ли да направиш некои промени во животот за да ја вкусиш радоста што ја носи служењето на места каде што има поголема потреба од објавители? Можеби те плаши помислата дека ќе треба се откажеш од некои удобности. Сепак, многу млади го сториле токму тоа. Тие решиле да се откажат од своите лични цели и желби за да му служат на Јехова во поголема мера. На пример, да видиме што направил еден брат кој се вика Бруно.

ВРВЕН МУЗИЧАР ИЛИ ПРОПОВЕДНИК?

Пред неколку години, Бруно, кој сега има 28 години, студирал на една позната музичка академија, и сакал да стане диригент. Всушност, бил толку добар студент што во неколку прилики бил поканет да диригира со симфониски оркестар. Му претстоела блескава кариера. Бруно вели: „И покрај сѐ, чувствував некоја празнина во себе. Му го имав заветувано својот живот на Јехова, но знаев дека не му го давам најдоброто, и тоа многу ме мачеше. Му кажав во молитва како се чувствувам, а разговарав и со некои искусни браќа во собранието. Откако сериозно размислив, одлучив да ја ставам службата за Јехова пред музиката. Ги прекинав студиите и се преселив во место каде што имаше голема потреба од објавители“. Какви биле резултатите од неговата одлука?

Бруно се преселил во Гуапиара, гратче со околу 7.000 жители, кое се наоѓа на околу 260 километри од градот Сао Паоло. Тоа била огромна промена за него. Тој вели: „Се преселив во куќичка во која немаше ни фрижидер ни телевизор ни Интернет. Сепак, имав нешто што никогаш не сум го имал — бавча и овоштарник!“ Додека служел во тамошното мало собрание, еднаш неделно Бруно си земал храна, вода и литература во ранецот, и со својот мотор одел да проповеда по селата. Мнозина на тоа подрачје никогаш порано не ја чуле добрата вест. Тој вели: „Едно време водев 18 библиски студии. Многу се радував кога гледав како овие интересенти прават промени во својот живот!“ Бруно додава: „Кога го ставив Царството на прво место, почувствував вистинско задоволство. Материјалистичките цели никогаш немаше да ми ја пополнат празнината што ја чувстував“. Како Бруно се издржувал во Гуапиара? Тој со насмевка вели: „Давав часови по гитара“. Значи, не морал сосема да се откаже ни од музиката.

„ЕДНОСТАВНО МОРАВ ДА ОСТАНАМ“

Маријана, која сега има околу 30 години, била во слична ситуација како Бруно. Иако била адвокат и добро заработувала, не била вистински среќна. Таа вели: „Ми се чинеше како да ‚трчам по ветар‘“ (Проп. 1:17). Неколку браќа и сестри ја поттикнале да размислува за пионерска служба. Откако размислила, Маријана разговарала со нејзините пријателки Бјанка, Каролина и Џулијана, и заедно одлучиле да помагаат во едно собрание во Бара до Бугрес, град во близина на границата со Боливија, оддалечен илјадници километри од нивното место. Што се случило потоа?

Маријана вели: „Имав намера да останам три месеци. Но, на крајот од тој период, водев 15 библиски студии! На тие интересенти им требаше поголема помош за да напредуваат. Никако не можев да соберам храброст да им кажам дека треба да си заминам. Едноставно морав да останам“. И другите три сестри одлучиле да останат. Маријана смета дека сега води многу поисполнет живот. Таа вели: „Се чувствувам убаво затоа што Јехова ме користи да им помагам на луѓето да си го подобрат животот. За мене е голем благослов тоа што ги користам своето време и сила за нешто што е вистински вредно“. Од она што го вели Каролина, може да се види како се чувствуваат сите четири сестри: „Кога ќе си легнам, многу сум среќна затоа што сум го поминала денот во духовни активности. Најважно од сѐ ми е да им помагам на оние со кои ја проучувам Библијата. Се радувам кога гледам како напредуваат. На своја кожа ја чувствувам вистинитоста на следниве зборови: ‚Вкусете и видете колку е добар Јехова!‘“ (Пс. 34:8).

Јехова сигурно е многу среќен кога гледа како сѐ повеќе браќа и сестри низ целиот свет ‚спремно се нудат‘ да ја проповедаат добрата вест за Царството во зафрлени подрачја! (Пс. 110:3; Изр. 27:11). Тој богато ги благословува сите кои спремно се ставаат на располагање (Изр. 10:22).

[Рамка/слика на страница 5]

Ништо не им недостигало

Кога Жоао Паоло и неговата сопруга, Ноеми кажале дека сакаат да служат на место каде што има поголема потреба од објавители, чуле некои обесхрабрувачки коментари. Неколкумина во собранието им рекле: „Нема да ви биде лесно да се издржувате ако се преселите во помал град“. „А зошто да се селите? И во нашето собрание има потреба да се проповеда.“ Жоао Паоло вели: „Иако браќата беа добронамерни, нивните зборови можеа лесно да нѐ обесхрабрат“. Денес, откако со години служат на подрачје каде што има голема потреба, Жоао Паоло и Ноеми се среќни што останале цврсто решени да ја зголемат својата служба. Тој вели дека, уште откако се преселиле таму, ништо не им недостигало во материјален поглед. А во однос на духовните работи, имале многу повеќе благослови од кога и да било порано. Ноеми додава: „Воопшто не жалиме што дојдовме овде“.

Понекогаш е тешко да се најде работа во мал град. Како се издржуваат оние што се преселиле во зафрлени подрачја? Така што изнаоѓаат најразлични начини да ги користат своите способности. Некои даваат часови по англиски или друг јазик или, пак, држат приватни часови по некој школски предмет. Други шијат, бојадисуваат куќи или работат што и да било друго кое не им одзема многу време. Што мислат тие за својот начин на живот? Сите се согласуваат дека благословите се многу поголеми од тешкотиите.

[Рамка/слика на страница 6]

Како се справуваат со носталгијата

Тиаго: „Недолго откако пристигнав во новото собрание, се почувствував обесхрабрено. Во градот имаше само неколку објавители и немаше што да правам во слободното време. Ме фати носталгија. Знаев дека морам некако да се изборам со таквите чувства. Затоа решив подобро да се запознаам со браќата и сестрите во собранието. Тоа многу ми помогна! Стекнав нови пријатели и за кратко време повторно бев среќен и се чувствував како дома“.

[Слика на страница 3]

Ноеми и Жоао Паоло, во Аскура (Санта Катарина)