Цени ги великодушноста и разумноста на Јехова
„Јехова е добар кон сите и неговото милосрдие почива над сите негови суштества“ (ПС. 145:9)
1, 2. Што ќе можат да прават пријателите на Јехова во сета вечност?
ЕДНА христијанка по име Моника, која е во брак речиси 35 години, вели: „Јас и маж ми многу добро се познаваме. Сепак, иако толку долго сме заедно, сѐ уште учиме нешто ново еден за друг!“ Без сомнение, многумина би го рекле истото за својот брачен другар или за своите пријатели.
2 Ние се радуваме кога подобро ги запознаваме оние што ги сакаме. Но, најмногу се радуваме кога учиме за Јехова, најдобриот Пријател што може да го имаме. Никогаш нема да престанеме да откриваме нови работи за Него (Рим. 11:33). Во сета вечност ќе можеме да го продлабочуваме своето ценење за Јеховините особини и тоа ќе ни причинува голема радост (Проп. 3:11).
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Претходната статија ни помогна подобро да се запознаеме со две особини на Јехова. Видовме дека тој е пристаплив и непристрасен. Во оваа статија ќе разгледаме уште две негови особини — неговата великодушност и разумност. Тоа ќе ни помогне уште поцврсто да се увериме дека „Јехова е добар кон сите и [дека] неговото милосрдие почива над сите негови суштества“ (Пс. 145:9).
ЈЕХОВА Е ВЕЛИКОДУШЕН
4. Што значи да се биде великодушен?
4 Што значи да се биде великодушен? Одговорот ни го дал Исус во Дела 20:35: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“. Со таа едноставна изјава, тој ја открил суштината на вистинската великодушност. Великодушната личност дава несебично од своето време, сила и средства за другите. Всушност, великодушен не е оној што дава големи или скапи дарови, туку оној што дава од срце. (Прочитај 2. Коринќаните 9:7.) Никој не е повеликодушен од нашиот ‚среќен Бог‘, Јехова (1. Тим. 1:11).
5. На кој начин Јехова покажува великодушност?
5 Како Јехова покажува великодушност? Библијата вели дека „Јехова е добар кон сите“. Тој изобилно им дава сѐ што им е потребно на сите луѓе, дури и на оние што не се негови слуги. Јехова „дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Мат. 5:45). Затоа апостол Павле можел да им каже на некои што не биле христијани дека Бог им ‚правел добро, им давал дожд од небото и плодоносни времиња и ги полнел нивните срца со храна и веселост‘ (Дела 14:17). Јехова навистина е великодушен кон сите луѓе (Лука 6:35).
6, 7. а) За кого Јехова особено се грижи? б) Наведи пример за тоа како Бог се грижи за своите верни слуги.
6 Јехова особено се радува кога се грижи за потребите на своите верни слуги. Цар Давид рекол: „Бев млад и остарев, но никогаш не видов праведник да биде оставен, ниту неговите деца да просат за леб“ (Пс. 37:25). Многу верни христијани лично се увериле во Јеховината грижа. Да разгледаме еден пример.
7 Пред неколку години, Ненси, која служи како општ пионер, се нашла во тешка ситуација. Ѝ требале 66 долари за да ја плати киријата следниот ден, но немала пари. Таа вели: „Се молев во врска со тоа, и потоа отидов на работа во ресторанот каде што сум келнерка. Не мислев дека ќе добијам голем бакшиш бидејќи обично тој ден од седмицата ретко доаѓаа гости. На мое изненадување, таа вечер во ресторанот дојдоа неколкумина. Кога ми заврши смената, го пребројав бакшишот кој го добив. Имаше точно 66 долари“. Ненси е уверена дека Јехова великодушно ѝ го дал токму тоа што ѝ требало (Мат. 6:33).
8. Кој е највеликодушниот дар што го дал Јехова?
8 Највеликодушниот дар што Јехова им го нуди на сите луѓе е откупната жртва на неговиот Син. Исус рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Во овој контекст, „светот“ го означува целото човештво. Според тоа, Јехова им го нуди овој највеликодушен дар на сите што сакаат да го прифатат. Оние што покажуваат вера во Исус ќе ‚имаат живот во изобилие‘, односно ќе добијат вечен живот! (Јован 10:10). Зарем има поголем доказ дека Јехова е великодушен?
БИДИ ВЕЛИКОДУШЕН КАКО ЈЕХОВА
9. Како би можеле да бидеме великодушни како Јехова?
9 Како би можеле да бидеме великодушни како Јехова? Библијата вели дека тој ни дава сѐ за да бидеме среќни. Затоа и ние треба да бидеме ‚спремни да делиме со другите‘ за тие да бидат среќни (1. Тим. 6:17-19). Се радуваме кога можеме да им даваме подароци на нашите пријатели и на нашето семејство, и кога можеме да им помагаме на оние што имаат потреба. (Прочитај 5. Мојсеева 15:7.) Што ќе ни помогне да не заборавиме да бидеме великодушни? Некои христијани решиле секогаш кога ќе добијат подарок, и самите да подарат нешто на некој друг. Во христијанското собрание има голем број браќа и сестри кои навистина се великодушни.
10. Кој е еден од најдобрите начини да бидеме великодушни?
10 Еден од најдобрите начини да бидеме великодушни кон другите е несебично да го трошиме своето време и сила за да им помагаме и да ги охрабруваме (Гал. 6:10). Добро е да се прашаме: ‚Дали им посветувам внимание на другите и дали ги слушам кога нешто ги загрижува? Дали спремно се ставам на располагање да помогнам кога некој ќе ме замоли да му завршам некоја работа? Кога последен пат искрено пофалив некој од моето семејство или некој соверник?‘ Ако великодушно даваме, уште повеќе ќе се зближиме и со Јехова и со пријателите (Лука 6:38; Изр. 19:17).
11. На кои начини можеме да бидеме великодушни кон Јехова?
11 Можеме да бидеме великодушни и кон Јехова. Библијата нѐ поттикнува: „Искажувај му чест на Јехова со својот имот“ (Изр. 3:9). Во тој „имот“ спаѓаат нашето време, сила и материјални средства кои можеме да ги трошиме во службата за Бог. Дури и децата можат да научат да бидат великодушни кон Јехова. „Кога сакаме да дадеме прилог во Салата на Царството, оставаме децата да ги пуштат парите во кутијата“, вели еден татко по име Џејсон. „Тие многу се радуваат поради тоа бидејќи, како што самите велат, му ‚даваат нешто на Јехова‘“. Децата кои со радост му даваат на Јехова додека се мали веројатно ќе продолжат да бидат великодушни кон него и кога ќе пораснат (Изр. 22:6).
ЈЕХОВА Е РАЗУМЕН
12. Што значи да се биде разумен?
12 Друга прекрасна особина на Јехова е разумноста. Што значи да се биде разумен? Грчкиот збор што во Преводот Нов свет обично се преведува со „разумен“ значи и „спремен да попушти“ (Тит 3:1, 2, фус.). Оној што е разумен не инсистира да се следат правилата по секоја цена и не е претерано строг, крут или груб. Наместо тоа, тој е обѕирен кон другите и ги зема предвид нивните ограничувања и околности. Спремен е да ги сослуша и, кога е на место, да ги исполни нивните желби и да ги прилагоди своите очекувања.
13, 14. а) Како Јехова покажува разумност? б) Што учиме за разумноста од начинот на кој Бог постапил со Лот?
13 Како Јехова покажува разумност? Тој ги зема во обѕир чувствата на своите слуги и честопати ги задоволува нивните барања. На пример, да видиме како Јехова постапил со праведниот Лот. Кога одлучил да ги уништи градовите Содом и Гомор, тој му дал на Лот јасно упатство да бега во планините. Но, од некоја причина, Лот го замолил да му дозволи да побегне на друго место. Замисли, тој, всушност, барал од Јехова да ги смени упатствата што му ги дал! (Прочитај 1. Мојсеева 19:17-20.)
14 Кога го читаш овој извештај, лесно би можел да помислиш дека Лот имал слаба вера или дека бил непослушен. Со оглед на тоа што Јехова сигурно можел да го зачува во живот, можеби ќе заклучиш дека тој навистина немал причина да се плаши да побегне во планините. Сепак, Лот чувствувал страв. Јехова не ги потценил неговите чувства, и му дозволил да побегне во еден град кој пред тоа имал намера да го уништи. (Прочитај 1. Мојсеева 19:21, 22.) Ова покажува дека Јехова не е строг и крут Бог. Тој е разумен и спремен да попушти.
15, 16. Како се гледа од Мојсеевиот закон дека Јехова е разумен? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
15 И од Мојсеевиот закон се гледа колку е разумен Јехова. На пример, ако некој Израелец бил премногу сиромашен за да принесе јагне или коза како жртва, тој можел да принесе две грлици или два гулаба. Но, што ако бил толку сиромашен што не можел да даде ни два гулаба? Во таков случај, Јехова дозволувал да принесе малку брашно. Меѓутоа, забележи го овој важен детаљ: не смеел да принесе какво било брашно, туку „фино брашно“, какво што Израелците обично користеле кога приготвувале јадење за почесни гости (1. Мој. 18:6). Зошто е важно ова? (Прочитај 3. Мојсеева 5:7, 11.)
16 Замисли си дека си Израелец и дека одиш да му принесеш жртва на Јехова. Но, бидејќи си сиромашен, носиш само брашно. Кога стигнуваш кај светиот шатор, гледаш дека побогатите донеле животни. Можеби ти е срам што си донел навидум безначајна жртва. Но, тогаш се присетуваш дека, во Јеховини очи, твојата жртва е многу вредна. Зошто? Затоа што, во склад со неговиот закон, ти носиш „фино брашно“, односно брашно со висок квалитет. Всушност, Јехова како да ти вели: ‚Гледам дека не можеш да дадеш како другите, но знам дека сепак ми го даваш најдоброто‘. Бог навистина покажува разумност Пс. 103:14).
со тоа што ги зема во обѕир ограничувањата и околностите на своите слуги (17. Кога Јехова ја прифаќа нашата служба?
17 Многу е утешно што знаеме дека, затоа што е разумен, Јехова ја прифаќа нашата служба кога ја вршиме со сета душа (Кол. 3:23). Една постара сестра од Италија, која се вика Констанца, вели: „Она што отсекогаш најмногу сум го сакала е да им зборувам на другите за својот Творец. Затоа сѐ уште продолжувам да проповедам и да ги поучувам другите за Библијата. Понекогаш ми е жал што, поради моето здравје, не можам да правам уште повеќе. Но, сфаќам дека Јехова ги знае моите ограничувања, и дека ме сака и го цени она што можам да го направам“.
БИДИ РАЗУМЕН КАКО ЈЕХОВА
18. На кој начин родителите можат да го следат примерот на Јехова?
18 Како би можеле да бидеме разумни како Јехова? Да размислиме уште еднаш за тоа како постапил со Лот. Иако имал право да му каже каде да оди, Јехова љубезно го сослушал. Потоа ги зел предвид неговите чувства, и го исполнил неговото барање. Ако си родител, како можеш да го следиш примерот на Јехова? Би можел да ги сослушаш своите деца кога бараат нешто од тебе и, ако е можно, да ги задоволиш нивните желби. Во склад со ова, во Стражарска кула од 1 септември 2007, беше спомнато дека родителите би можеле да го земат предвид мислењето на децата кога ги одредуваат правилата кои ќе важат во домот. На пример, како родители, вие имате право сами да одлучите до колку часот навечер децата треба да се вратат дома. Но, може и да им дозволите да си кажат што мислат во врска со тоа. Во некои случаи, можеби ќе решите да го смените времето што сте го одредиле ако со тоа не се кршат библиските мерила. Доколку го земате во обѕир мислењето на децата, тие подобро ќе ги разберат правилата и ќе бидат поспремни да се држат за нив.
19. Како старешините можат да се потрудат да бидат разумни како Јехова?
19 Собраниските старешини се трудат да бидат разумни како Јехова со тоа што не очекуваат премногу од своите браќа и сестри. Сети се дека Јехова ги ценел дури и жртвите што му ги принесувале посиромашните Израелци. На сличен начин, некои објавители не можат да прават многу во службата, можеби затоа што се болни или во поодминати години. Што би можеле да сторат старешините ако овие мили браќа и сестри се обесхрабрени затоа што мислат дека не прават доволно во службата за Јехова? Би можеле љубезно да им помогнат да сфатат дека Јехова ги сака затоа што му го даваат најдоброто (Мар. 12:41-44).
20. Како можеме да бидеме разумни во службата за Бог?
20 Се разбира, да бидеме разумни не значи да се штедиме во службата за Бог и на некој начин да постапуваме ‚милостиво кон себе‘ (Мат. 16:22). Не би било во ред да не вложуваме никаков напор под изговор дека сакаме да бидеме разумни. Напротив, сите треба ‚силно да се напрегаме‘ (Лука 13:24). Добро е да бидеме урамнотежени и да не одиме ниту во една ниту во друга крајност. Треба да даваме сѐ од себе во службата, но истовремено треба да бидеме свесни дека Јехова не бара од нас повеќе од она што можеме да го дадеме. Сѐ додека му го даваме нашето најдобро, може да бидеме уверени дека тој е задоволен. Зарем не сме среќни што му служиме на еден таков благодарен и разумен Господар? Во следната статија ќе разгледаме уште две други особини на нашиот прекрасен Бог, Јехова (Пс. 73:28).