Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не занемарувајте ја молитвата

Не занемарувајте ја молитвата

„Бидете разборити и не занемарувајте ја молитвата“ (1. ПЕТ. 4:7)

1, 2. а) Зошто е многу важно да ‚не ги занемаруваме молитвите‘? б) Кои прашања во врска со молитвата треба да си ги поставиме?

 „НАЈТЕШКО време да останеш буден во текот на ноќта е пред да се раздени“, вели еден човек кој порано работел ноќна смена. Без сомнение, и други што мора да останат будни цела ноќ ќе се согласат со него. И ние како христијани се соочуваме со сличен предизвик затоа што живееме во најмрачниот период од човечката историја — пред самиот крај на Сатановиот злобен свет (Рим. 13:12). Колку опасно би било да заспиеме во овој доцен час! Многу е важно да ‚бидеме разборити‘ и да останеме духовно будни со тоа што ќе го послушаме библискиот совет да ‚не ги занемаруваме молитвите‘ (1. Пет. 4:7).

2 Бидејќи истекуваат последните мигови на Сатановиот свет, мудро е да се прашаме: ‚Дали обрнувам доволно внимание на молитвата? Дали му упатувам на Јехова секаков вид молитви, и дали се молам без престан? Дали имам навика да се молам за другите или, пак, најчесто се молам за моите потреби и желби? И, колку е важна молитвата за моето спасение?‘

‚МОЛЕТЕ СЕ СО СЕКАКВА МОЛИТВА‘

3. Какви молитви треба да му упатуваме на Јехова?

3 Во своето послание до Ефешаните, Павле ги поттикнал сохристијаните да ‚се молат со секаква молитва‘ (Еф. 6:18). Кога му се молиме на Јехова, обично бараме да ни го даде она што ни е потребно и да ни помогне да ги решиме нашите проблеми. Бидејќи нѐ сака, тој нѐ слуша кога го молиме за помош (Пс. 65:2). Но, не треба да му се молиме само за себе и за нашите потреби. Треба и да го фалиме, да му благодариме и да му упатуваме сесрдни молби.

4. Зошто треба често да го фалиме Јехова во нашите молитви?

4 Имаме многу причини да го фалиме Јехова во нашите молитви. На пример, не можеме да останеме рамнодушни кога размислуваме за „неговите големи дела“ и за „неговото огромно величие“. (Прочитај Псалм 150:1-6.) Всушност, во сите шест стиха од 150-тиот Псалм дури 13 пати сме поттикнати да го фалиме Јехова! Исполнет со длабока страхопочит кон Бог, еден друг псалмист рекол: „Седумпати на ден те фалам поради твоите праведни закони“ (Пс. 119:164). Јехова навистина заслужува да го фалиме во нашите молитви „седумпати на ден“, односно многу често.

5. Како тоа што му благодариме на Јехова во молитва ни служи како заштита?

5 Многу е важно и да му благодариме на Јехова кога му се обраќаме во молитва. Во своето послание до христијаните во Филипи, Павле напишал: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Фил. 4:6). Тоа што искрено му благодариме на Јехова во молитва ни служи како заштита во овие последни денови затоа што во денешниов свет повеќето луѓе се „неблагодарни“ (2. Тим. 3:1, 2). Доколку не сме внимателни, и ние би можеле лесно да станеме како нив. Но, ако му ја изразуваме својата благодарност на Јехова во молитва, ќе бидеме задоволни и нема ‚да се жалиме за своите околности во животот‘ (Јуда 16). Освен тоа, кога еден семеен поглавар му благодари на Јехова додека се моли заедно со својата жена и со своите деца, им помага и ним да бидат благодарни.

6, 7. а) Што значи сесрдно да му се молиме на Јехова? б) Во врска со кои работи можеме да му упатуваме сесрдни молби на Бог?

6 Библијата нѐ поттикнува да му упатуваме и сесрдни молби на Јехова. Кога го молиме на ваков начин, ние му ги излеваме нашите најдлабоки чувства. Би можеле сесрдно да го молиме кога сме прогонувани или кога се соочуваме со сериозна болест. Во такви моменти е сосема разбирливо да му се молиме уште погорливо од обично. Но, дали треба да му упатуваме на Јехова сесрдни молби само во тие прилики?

7 Да видиме што рекол Исус во врска со Божјето име, Божјето Царство и Божјата волја во молитвата позната како Оченаш. (Прочитај Матеј 6:9, 10.) Овој свет е потонат во злоба, а човечките влади не успеваат да се грижат ни за основните потреби на своите поданици. Поради тоа имаме добра причина горливо да го молиме нашиот небесен Татко да го посвети своето име и, преку своето Царство, да му стави крај на Сатановото владеење. Сега е време и сесрдно да се молиме Јеховината волја да се врши на Земјата како и на небото. Затоа, да останеме духовно будни, и да продолжиме да ‚се молиме со секаква молитва‘.

„БДЕЈТЕ И МОЛЕТЕ СЕ“

8, 9. Зошто не треба да ги осудуваме Петар и другите апостоли затоа што заспале во градината Гетсиманија?

8 Иако апостол Петар ги поттикнал христијаните да ‚не ја занемаруваат молитвата‘, самиот пропуштил да се моли најмалку во една прилика. Тој бил еден од апостолите кои заспале додека Исус се молел во градината Гетсиманија. Иако Исус им рекол да ‚бдеат и да се молат‘, тие не го сториле тоа. (Прочитај Матеј 26:40-45.)

9 Наместо брзо да ги осудиме Петар и другите апостоли затоа што не успеале да останат будни, добро е да се сетиме дека биле исцрпени од сето она што им се случувало тој ден. Тие ги направиле сите подготовки за Пасхата која ја прославиле таа вечер. Потоа Исус ја воспоставил Господаровата вечера, давајќи им пример како подоцна да ја одбележуваат годишнината од неговата смрт (1. Кор. 11:23-25). ‚Откако испеале фалбени песни, излегле на Маслинската Гора‘, пешачејќи низ тесните улички на Ерусалим (Мат. 26:30, 36). Дотогаш сигурно веќе било после полноќ. Можеби и ние ќе сме заспале да сме биле во градината Гетсиманија таа ноќ. Наместо да ги прекори своите уморни апостоли, Исус покажал разбирање за нив кога рекол: „Духот, навистина, е спремен, но телото е слабо“.

Иако во една прилика се одрекол од Исус, Петар научил да ‚не ги занемарува молитвите‘ (Види во пасуси 10-11)

10, 11. а) Каква лекција научил Петар од она што му се случило во градината Гетсиманија? б) Што учиш ти од оваа случка со Петар?

10 Петар научил една болна, но многу важна лекција од она што се случило таа ноќ во градината Гетсиманија. Пред тоа, Исус им рекол на своите апостоли: „Сите вие оваа ноќ ќе се поколебате во верата поради она што ќе ми се случи“. Но, Петар извикал: „Дури и сите други да се поколебаат во верата поради она што ќе ти се случи, јас нема никогаш да се поколебам!“ Тогаш Исус кажал дека Петар трипати ќе се одрече од него, но Петар упорно тврдел: „Дури и да мора да умрам со тебе, нема да се одречам од тебе!“ (Мат. 26:31-35). Сепак, тој се откажал од својот Господар, токму како што претскажал Исус. Кога сфатил што направил, скршен од болка, Петар ‚горко заплакал‘ (Лука 22:60-62).

11 Од оваа случка научил дека не треба да биде претерано самоуверен. Очигледно, молитвата му помогнала да го сфати ова. Од каде знаеме? Па, токму тој го дал советот да ‚не ги занемаруваме молитвите‘. Дали сме послушни на овој библиски совет? Освен тоа, дали се молиме без престан за да покажеме дека во потполност зависиме од Јехова? (Пс. 85:8). Да го имаме на ум и предупредувањето што го дал апостол Павле: „Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне!“ (1. Кор. 10:12).

МОЛИТВИТЕ НА НЕЕМИЈА БИЛЕ УСЛИШЕНИ

12. Зошто Неемија е добар пример за нас?

12 Неемија, кој служел како пехарник на дворот на персискиот цар Артаксеркс во петтиот век пр.н.е., е уште еден добар пример за човек кој сесрдно му се молел на Јехова. Тој со денови ‚постел и му се молел на Бог‘ во врска со тешката состојба во која се наоѓале Евреите во Ерусалим (Неем. 1:4). Кога Артаксеркс го прашал зошто му е тажно лицето, и што може да стори за него, Неемија веднаш ‚му се помолил на небесниот Бог‘ (Неем. 2:2-4). Што се случило потоа? Јехова му ги услишил молитвите и ги водел работите во корист на својот народ (Неем. 2:5, 6). Тоа сигурно многу му ја зајакнало верата на Неемија!

13, 14. Што треба да правиме за да имаме цврста вера и да не му дозволиме на Сатана да нѐ обесхрабри?

13 Ако се молиме постојано, исто како Неемија, ќе успееме да ја зачуваме нашата вера. Сатана е безмилосен и најчесто нѐ напаѓа кога сме слаби. На пример, ако сме многу болни или потиштени, можеби ќе почнеме да мислиме дека времето што го поминуваме во служба секој месец не му значи многу на Бог. Можеби поради лошите искуства од минатото некои од нас се измачуваат со негативни мисли. Сатана би сакал да нѐ натера да веруваме дека сме безвредни. Тој честопати се обидува да ги искористи нашите негативни чувства за да ни ја поткопа верата. Но, ако ‚не ги занемаруваме молитвите‘, таа ќе остане цврста и непоколеблива. Библијата вели дека верата е како голем штит ‚со кој ќе можеме да ги изгаснеме сите огнени стрели на Злобниот‘ (Еф. 6:16).

Ако ‚не ги занемаруваме молитвите‘, ќе можеме успешно да се справиме со разни проблеми (Види во пасуси 13-14)

14 Тоа што ‚нема да ја занемаруваме молитвата‘ ќе ни помогне да бидеме подготвени и да не направиме компромис кога ќе се соочиме со некој ненадеен испит на верата. Секогаш кога ќе се најдеме на искушение или ќе бидеме испитани на некој начин, да се сетиме на примерот на Неемија и веднаш да побараме помош од Бог во молитва. Само со Јеховина помош можеме успешно да им се спротивставиме на искушенијата и да ги издржиме испитите на нашата вера.

МОЛИ СЕ ЗА ДРУГИТЕ

15. Што треба да се прашаме во врска со нашите молитви за другите?

15 Исус сесрдно го молел Јехова да не дозволи да ослабне верата на Петар (Лука 22:32). Епафрас, верен христијанин од првиот век, го следел примерот на Исус, и горливо се молел за своите браќа во Колоси. Во врска со него, Павле им го напишал следново на Колошаните: „Тој секогаш се бори за вас во своите молитви, за да се одржите до крај зрели и да имате цврсти уверувања во поглед на сѐ што е Божја волја“ (Кол. 4:12). Добро е да се прашаме: ‚Дали и јас горливо се молам за моите браќа низ целиот свет? Колку често ги спомнувам во молитва соверниците кои се погодени од некоја природна катастрофа? Кога последен пат се молев за оние што имаат големи одговорности во Јеховината организација? Дали во последно време сум се молел за некој од собранието што се бори со некаков проблем?‘

16. Дали е важно да се молиме за нашите браќа и сестри, и зошто?

16 Молитвите кои му ги упатуваме на Бог во врска со нашите браќа можат навистина да им помогнат. (Прочитај 2. Коринќаните 1:11.) Иако не е должен да одговори само затоа што многу негови слуги постојано го молат за некоја работа, Јехова се радува кога гледа дека искрено сме заинтересирани еден за друг и го зема тоа предвид кога одговара на молитвите. Затоа, треба сериозно да гледаме на нашата чест и одговорност да се молиме за другите. Исто како Епафрас, треба сесрдно да се молиме за нашите браќа и сестри бидејќи на тој начин и ние ќе покажеме дека искрено ги сакаме и дека се грижиме за нив. А така и самите ќе бидеме посреќни, затоа што „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).

НАШЕТО СПАСЕНИЕ Е БЛИЗУ

17, 18. Како ќе ни помогне тоа што ‚нема да ги занемаруваме молитвите‘?

17 Павле рекол: „Ноќта поодмина, денот се приближи“. Но, пред да ги каже овие зборови, тој напишал: „Знаете кое време е, дека веќе ви дошол часот да се разбудите, зашто спасението сега ни е поблиску отколку кога станавме верници“ (Рим. 13:11, 12). Божјиот нов свет е близу, и нашето спасение е поблиску отколку што си мислиме. Не смееме да заспиеме во духовен поглед и да дозволиме работите во светот да ни го одземат времето што треба да го поминуваме насамо со Јехова во молитва. Тоа што ‚нема да ги занемаруваме молитвите‘ ќе ни помогне да правиме ‚свети дела по кои ќе се види дека сме му оддадени на Бог‘ додека го чекаме Јеховиниот ден (2. Пет. 3:11, 12). Всушност, со својот начин на живот може да покажеме дали сме духовно будни и дали навистина веруваме дека крајот на овој злобен свет е на прагот. Затоа, ‚да се молиме непрестајно‘ (1. Сол. 5:17). Да го следиме примерот на Исус така што ќе најдеме време насамо да му се молиме на Јехова. Ако одвојуваме доволно време за да му го излееме срцето во молитва, ќе станеме уште поблиски со него (Јак. 4:7, 8). Зарем има поголем благослов од тоа?

18 Библијата вели: „Во деновите додека беше во тело Христос со силни извици и солзи упатуваше сесрдни молитви и молби до оној што можеше да го спаси од смртта и беше услишен поради својата богобојазливост“ (Евр. 5:7). Исус му упатувал сесрдни молитви и молби на Бог и му останал верен сѐ до крајот на својот живот на Земјата. Затоа Јехова го спасил својот сакан Син од канџите на смртта и го наградил со бесмртен живот на небото. И ние можеме да му останеме верни на нашиот небесен Татко без оглед на искушенијата и испитите со кои можеби ќе се соочиме во иднина. Ако ‚не ги занемаруваме молитвите‘, Јехова ќе нѐ награди со вечен живот.