Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Да дојде царството твое“ — кога?

„Да дојде царството твое“ — кога?

„Кога ќе го видите сето тоа, знајте дека Синот човечки е близу, пред вратата“ (МАТ. 24:33)

1, 2. а) Што може да биде причина за еден вид „слепило“? б) Што знаеме во врска со Божјето Царство?

ВЕРОЈАТНО си забележал дека луѓето честопати не се сеќаваат на истите детали од некој настан. Слично на тоа, може да биде тешко човек да се сети на сѐ што му кажал лекарот откако му ја дал дијагнозата. Или, пак, некој може упорно да си ги бара клучевите или очилата, иако тие се пред него. Зошто се случуваат вакви работи? Според истражувачите, сите овие ситуации можат да бидат последица на еден вид „слепило“. Со други зборови, понекогаш не забележуваме или, пак, забораваме нешто кога се обидуваме да правиме повеќе работи истовремено. Очигледно, нашиот мозок може во одреден момент да се концентрира само на една работа.

2 Многу луѓе денес имаат слично „слепило“ кога станува збор за светските настани. Можеби признаваат дека светот многу се сменил од 1914 год., но не „гледаат“, односно не сфаќаат што, всушност, значат тие настани. За разлика од нив, ние ја проучуваме Библијата, и знаеме што се случило во 1914 год. — Исус бил устоличен за Цар на небото. Затоа може да се каже дека, во извесна смисла, Царството дошло таа година. Но, знаеме и дека тоа сепак не е целосен одговор на молитвата  запишана во Матеј 6:10, каде што стои: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“. Јехова ќе одговори во потполност на оваа молитва кога ќе го отстрани овој злобен свет. Дури тогаш Божјата волја ќе се врши на Земјата како што се врши на небото.

3. Што сфаќаме затоа што ја проучуваме Библијата?

3 Затоа што редовно ја проучуваме Божјата Реч, сфаќаме дека некои од пророштвата запишани во неа се исполнуваат пред наши очи. За жал, ова не е случај со повеќето луѓе во нашево време. Тие се толку преокупирани со своите секојдневни обврски и лични цели, што не ги гледаат јасните докази дека Христос владее од 1914 год. и дека наскоро ќе го изврши Божјиот суд. А како е со тебе? Ако со децении му служиш на Бог, добро е да се прашаш: ‚Дали сѐ уште верувам дека крајот на овој свет е многу близу, и дека настаните на Земјата го потврдуваат тоа?‘ А ако си Сведок само кратко време, прашај се: ‚На што е насочено моето внимание?‘ Да разгледаме три важни причини зошто може да бидеме уверени дека Царот поставен од Бог наскоро ќе преземе чекори за Божјата волја да се врши во потполност на Земјата.

ЈАВАЧИТЕ ВЕЌЕ ГАЛОПИРААТ

4, 5. а) Што прави Исус од 1914 год.? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Што претставуваат тројцата коњаници кои јаваат зад Исус, и како се исполнило ова пророштво?

4 Во 1914 год., на Исус Христос — кој е опишан како јавач на бел коњ — му била дадена круна, односно бил устоличен за небесен Цар. Веднаш потоа, тој тргнал за да извојува конечна победа против злобниот свет на Сатана. (Прочитај Откровение 6:1, 2.) Од живописното пророштво во Откровение, поглавје 6, се гледа дека условите во светот требало нагло да се влошат откако ќе било воспоставено Божјето Царство. Тројцата коњаници кои јаваат веднаш зад Исус Христос ги претставуваат војните, гладот, болестите и другите причини за смрт кои оттогаш бележат невиден пораст (Отк. 6:3-8).

5 Како што било проречено, ‚мирот бил одземен од земјата‘, иако многу држави ветувале дека ќе соработуваат и ќе прават сѐ за да го зачуваат. Првата светска војна била само почеток на разорните војни, како што покажуваат и светските настани во последно време. Исто така, и покрај големиот економски и научен напредок од 1914 год. наваму, гладот сѐ уште ѝ се заканува на стабилноста во светот. Освен тоа, секоја година милиони луѓе се покосени од најразлични болести, природни катастрофи и други трагедии. Никогаш порано во човечката историја не се случувале вакви настани во толку големи размери, толку често и не биле толку смртоносни. Дали сфаќаш што значи ова?

Додека јаваат коњаниците, условите во светот стануваат сѐ полоши (Види во пасуси 4-5)

6. Кои биле тие што обрнале внимание на исполнувањето на библиските пророштва, и што направиле кога некои пророштва се исполниле?

6 Во 1914 год., многу луѓе биле толку преокупирани со Првата светска војна и со шпанскиот грип, што не сфатиле дека тие настани, всушност, биле исполнување на она што било проречено во Библијата. За разлика од нив, помазаните христијани со нетрпение ја очекувале оваа година, уверени дека тогаш ќе завршат „одредените времиња на незнабошците“ (Лука 21:24). Иако не биле сигурни што точно ќе се случи, тие знаеле дека 1914 год. ќе биде пресвртница во поглед на Божјето владеење. Веднаш штом сфатиле дека се исполниле некои библиски пророштва, тие смело почнале да им објавуваат на другите дека Божјето Царство владее. Но, нивното проповедање наишло на силно противење. Прогонството до кое дошло во многу земји претставувало  исполнување на уште едно пророштво. Во децениите што следеле, непријателите на Царството ‚создавале проблеми со помош на законот‘. Освен тоа, применувале насилство, ги затворале нашите браќа, па дури и ги погубувале со бесење, стрелање или обезглавување (Пс. 94:20; Отк. 12:15).

7. Зошто повеќето луѓе не можат да го сфатат вистинското значење на настаните кои се случуваат во светот?

7 Ако има толку многу докази дека Божјето Царство веќе владее на небото, тогаш зошто повеќето луѓе не ја прифаќаат оваа непобитна вистина? Зошто не можат да ги поврзат настаните што се случуваат во светот со конкретните библиски пророштва кои Божјите слуги ги објавуваат веќе подолго време? Дали едноставно сакаат да го видат само она што може да се види со дословните очи? (2. Кор. 5:7). Дали се толку преокупирани со животните грижи што не можат да сфатат што прави Бог? (Мат. 24:37-39). Можно ли е толку многу да се заслепени од целите и идеите кои се раширени во Сатановиот свет? (2. Кор. 4:4). Потребна ни е вера и проникливост за да разбереме што прави Божјето Царство. Колку сме среќни што не сме во темнина и што го сфаќаме вистинското значење на денешните настани!

СВЕТОТ ОДИ ОД ЛОШО НА ПОЛОШО

8-10. а) Како се исполнува 2. Тимотеј 3:1-5? б) Зошто може да се каже дека светот оди од лошо на полошо?

8 Која е втората причина зошто сме сигурни дека наскоро Божјето Царство ќе завладее со Земјата? Светот оди од лошо на полошо. Во текот на последните сто години се исполнува пророштвото од 2. Тимотеј 3:1-5. Ставовите и особините кои се опишани во овие стихови сѐ повеќе се шират и луѓето од ден на ден стануваат сѐ полоши. Дали и ти го гледаш тоа? Да наведеме само неколку примери кои потврдуваат дека ова пророштво навистина се исполнува во целиот свет. (Прочитај 2. Тимотеј 3:1, 13.)

9 Размисли колкава разлика постои меѓу она што било шокантно за луѓето во 1940-тите или 1950-тите години и она што сега се случува на работните места и на полето на забавата, спортот и модата. Денес насилството и неморалот се раширени насекаде. Луѓето се обидуваат да  ги шокираат другите со своето насилно, неморално и сурово однесување. Телевизиските програми кои во 1950-тите беа неприфатливи, сега се сметаат за нормална забава за семејствата. Освен тоа, јасно се гледа дека хомосексуалците имаат силно влијание врз забавата и модата, и дека го наметнуваат својот начин на живот во јавноста. Колку сме благодарни што го знаеме Божјето гледиште за овие работи! (Прочитај Јуда 14, 15.)

10 Спореди го и бунтовното однесување на младите во минатото со нивното однесување денес. Во 1950-тите, родителите биле загрижени — и тоа со право — дали нивните деца ќе пушат, ќе пијат или ќе танцуваат непристојно. Но, тоа ни оддалеку не може да се спореди со вознемирувачките извештаи кои речиси секојдневно ги слушаме денес. На пример, едно 15-годишно момче пукало во своите соученици, при што убило двајца, а повредило 13. Група пијани тинејџери безмилосно убиле едно деветгодишно девојче и го претепале нејзиниот татко и нејзиниот братучед. Според друг извештај, во една азиска земја, повеќе од половина од злосторствата во изминативе 10 години ги извршиле млади луѓе. Кој може да одрече дека светот денес навистина оди од лошо на полошо?

11. Зошто многу луѓе не сфаќаат дека работите одат на полошо?

11 Апостол Петар точно претскажал: „Во последните денови ќе се појават потсмевачи, кои ќе се потсмеваат, ќе се водат според своите желби и ќе велат: ‚Каде е таа негова ветена присутност? Откако умреа нашите прататковци, сѐ си стои како што било од почетокот на создавањето‘“ (2. Пет. 3:3, 4). Зошто некои луѓе реагираат на ваков начин? Се чини дека, колку почесто сме изложени на некои работи, толку повеќе се навикнуваме на нив и не им обрнуваме внимание. Ако некој пријател нагло почне да се однесува лошо, тоа би можело да нѐ зачуди. Но, кога ставовите и моралот на повеќето луѓе се влошуваат во текот на подолг период, тоа можеби не ни паѓа во очи. Како и да е, постепениот распад на моралот сепак е многу опасен.

12, 13. а) Зошто не треба да се разочараме од настаните што се случуваат во светот? б) За што сме свесни ние, и како тоа ќе ни помогне да истраеме во овие тешки последни денови?

12 Апостол Павле предупредил дека „во последните денови“ условите за живот ќе бидат тешки (2. Тим. 3:1). Сепак, можеме да се справиме со нив, и затоа не треба да бегаме од реалноста. Со помош од Јехова, од неговиот дух и од христијанското собрание, можеме да го пребродиме секое разочарување и да го совладаме секој страв со кој можеби ќе се соочиме. Ние можеме да му останеме верни на Бог. Тој ќе ни ја даде ‚силата, која ја надминува нормалната‘ (2. Кор. 4:7-10).

13 Павле го започнал пророштвото за последните денови со зборовите: „А ова знај го“, за да нагласи дека она што го кажал потоа навистина ќе се случува. Нема сомнение дека безбожното општество во кое живееме ќе продолжи да оди од лошо на полошо сѐ додека Јехова не му стави крај. Историјата потврдува дека цели цивилизации и држави пропаднале кога дошло до распад на моралот. Сепак, никогаш порано моралот не бил на толку ниско ниво во целиот свет како што е денес. Иако многу луѓе не сакаат да сфатат што значи тоа, оваа состојба во која општеството тоне од 1914 год. наваму треба јасно да ни покаже дека Божјето Царство наскоро ќе ѝ стави крај на сета злоба.

„ОВА ПОКОЛЕНИЕ НЕМА ДА ПОМИНЕ“

14-16. Од која трета причина може да веруваме дека Божјето Царство ќе „дојде“ наскоро?

14 Третата причина која нѐ уверува дека крајот е близу е поврзана со  Божјиот народ. Пред да биде воспоставено Божјето Царство на небото, една група од верни помазаници ревносно му служеле на Бог. Што направиле тие кога некои нивни очекувања во врска со 1914 год. не се исполниле? Повеќето од нив му останале верни на Јехова и продолжиле да му служат иако се соочиле со испити и прогонство. Низ годините, тие помазаници верно му служеле на Бог до крајот на својот живот на Земјата.

15 Во своето пророштво за крајот на овој поредок, Исус рекол: „Ова поколение нема да помине додека не се случи сето тоа“. (Прочитај Матеј 24:33-35.) Сфаќаме дека изразот „ова поколение“ кој го спомнал Исус укажува на две групи помазани христијани. Првата група помазаници живееле во 1914 год., и разбрале дека тогаш почнал да се исполнува знакот на Христовата присутност. Оние што ја сочинувале оваа група не само што живееле во 1914 год. туку веќе биле и помазани како Божји синови или во таа или во претходните години (Рим. 8:14-17).

16 Сите оние што спаѓаат во втората група од „ова поколение“ се современици на првата група. Но, тие не само што живееле во исто време туку биле и помазани со свет дух додека некои помазаници од првата група сѐ уште биле на Земјата. Според тоа, во „ова поколение“ за кое зборувал Исус не спаѓаат сите помазаници кои живеат денес. Оние од втората група веќе се во поодминати години. Сепак, зборовите на Исус запишани во Матеј 24:34 нѐ уверуваат дека барем некои од ‚ова поколение нема да поминат‘ пред да започне големата неволја. Ова треба уште повеќе да го зацврсти нашето уверување дека останува уште малку време пред Царот на Божјето Царство да ги уништи злите и да го воспостави праведниот нов свет (2. Пет. 3:13).

НАСКОРО ХРИСТОС ЌЕ ИЗВОЈУВА КОНЕЧНА ПОБЕДА

17. До каков заклучок доаѓаме на темел на библиските пророштва што ги разгледавме?

17 До каков заклучок доаѓаме на темел на библиските пророштва што ги разгледавме? Исус рекол дека нема да знаеме точно во кој ден и час ќе дојде крајот — и навистина не знаеме (Мат. 24:36; 25:13). Сепак, знаеме во кое „време“ живееме — во последните денови на овој свет. (Прочитај Римјаните 13:11.) Ако обрнуваме внимание на библиските пророштва и на она што го прават Јехова Бог и Исус Христос, ќе ги видиме јасните докази дека крајот на овој злобен свет навистина е близу.

18. Што ги очекува оние кои одбиваат да го прифатат Исус Христос како свој Цар?

18 Оние кои одбиваат да ја прифатат огромната власт што му е дадена на Исус Христос, победничкиот Јавач на белиот коњ, наскоро ќе бидат принудени да признаат дека згрешиле. За нив ќе нема спас. Во тоа време, мнозина избезумено ќе повикаат од страв: „Кој може да опстане?“ (Отк. 6:15-17). Одговорот на ова прашање ни го дава 7. поглавје од книгата Откровение. Помазаниците и оние кои се надеваат дека ќе живеат вечно на Земјата ќе ја имаат Божјата милост во тој ден. Потоа, ‚големото мноштво‘ од тие други овци ќе ја преживее големата неволја (Отк. 7:9, 13-15).

19. Што очекуваш со нетрпение затоа што си уверен дека крајот е близу?

19 Ако и понатаму размислуваме за библиските пророштва кои се исполнуваат во нашево време, јасно ќе го разбираме значењето на светските настани и нема да дозволиме Сатановиот свет да ни го одвлече вниманието. Христос наскоро ќе извојува конечна победа над овој безбожен свет со тоа што ќе ја поведе праведната војна наречена Армагедон (Отк. 19:11, 19-21). Замисли колку среќен живот нѐ очекува потоа! (Отк. 20:1-3, 6; 21:3, 4).