Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие се ставиле на располагање — на Тајван

Тие се ставиле на располагање — на Тајван

ПРЕД околу пет години, брачниот пар Чунг Кијунг и Џули, кои се во своите 30-ти години, служеле како општи пионери во Сиднеј (Австралија). Чунг Кијунг вели: „Работевме со скратено работно време и водевме удобен живот. Живеевме на место каде што имаше пријатна клима и животот ни беше прилично лесен. Многу ни беше убаво што бевме близу до нашето семејство и до нашите пријатели“. Сепак, Чунг Кијунг и Џули ги гризела совеста. Зошто? Тие знаеле дека нивните околности им дозволувале да прават повеќе во службата за Јехова, но се колебале да ги направат потребните промени.

На еден конгрес во 2009 год., слушнале говор кој ги поттикнал сериозно да размислат за својот живот. Говорникот им се обратил на оние кои имале можност да ја зголемат својата служба. Тој рекол: „Размислете за овој пример: Еден возач може да ја сврти колата лево или десно, но само ако таа веќе се движи. Нешто слично прави и Исус — тој ќе нѐ насочи каде да служиме во поголема мера, но само ако ние веќе се движиме — односно, ако се трудиме да работиме на нашата цел“. * Овој брачен пар имал чувство како братот да им зборува лично ним. На истиот конгрес била интервјуирана една брачна двојка мисионери кои служеле на Тајван. Тие зборувале за радоста што им ја носи службата и нагласиле дека таму сѐ уште има голема потреба. Чунг Кијунг и Џули ги зеле присрце и овие зборови.

Џули вели: „Откако заврши конгресот, го молевме Јехова да ни даде храброст да се преселиме на Тајван“. Таа додава: „Но, бевме исплашени. Се чувствувавме како мали деца кои за првпат скокаат во длабокиот дел од базенот“. Она што е запишано во Проповедник 11:4 им помогнало да го направат тој чекор. Таму стои: „Кој внимава на ветрот, никогаш не сее, и кој гледа на облаците, никогаш не жнее“. Чунг  Кијунг вели: „Решивме повеќе да не ‚внимаваме на ветрот‘ и да не ‚гледаме на облаците‘, туку да почнеме да ‚сееме‘ и да ‚жнееме‘“. Тие постојано се молеле, читале животни приказни од мисионери, си размениле еден куп имејлови со оние кои веќе се преселиле на Тајван, ги продале колата и мебелот, и три месеци по конгресот пристигнале на тој остров.

ПРОПОВЕДАЊЕТО НОСИ ГОЛЕМА РАДОСТ

Повеќе од 100 браќа и сестри од различни земји сега служат на Тајван, на места каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Тие пристигнале од Австралија, Британија, Јапонија, Канада, Кореја, САД, Франција и Шпанија, и се на возраст од 21 до 73 години. Меѓу нив има и над 50 немажени сестри. Што им помогнало на овие ревносни браќа и сестри да донесат одлука да служат во друга земја? Да видиме.

Лора

Лора, една немажена сестра од Канада, служи како пионер во западниот дел на Тајван. Но, пред околу 10 години воопшто не ја сакала службата. Лора објаснува: „Одев многу малку во служба и не уживав во тоа“. Потоа неколку пријатели од Канада ја викнале да оди заедно со нив во Мексико за да проповедаат таму еден месец. „Тогаш за првпат поминував подолго време во служба, и на мое изненадување, ми беше многу убаво!“, вели таа.

Ова убаво искуство ја поттикнало Лора да размислува да се префрли во собрание на друг јазик во Канада. Се запишала на курс по кинески и почнала да служи во кинеска група. Освен тоа, си поставила цел да се пресели на Тајван, и го направила тоа во септември 2008 год. „Ми требаше околу една година за да се навикнам на новата околина, но сега не можам да си замислам да се вратам во Канада“, вели Лора. Како гледа таа сега на проповедањето? „Службата ми причинува огромна радост. Нема ништо поубаво отколку да гледаш како интересентите го запознаваат Јехова и прават промени во животот. Службата на Тајван ми овозможи да ја почувствувам таа голема радост многу пати.“

 КАКО СЕ СПРАВУВААТ СО НОВИОТ ЈАЗИК

Брајан и Мишел

Брајан и Мишел, брачен пар од САД кои се во своите 30-ти години, се преселиле на Тајван пред околу осум години. Во почетокот мислеле дека не прават многу во службата. Но, еден искусен мисионер им рекол: „Дури и ако некому дадете само еден трактат, не заборавајте дека тој човек веројатно за првпат ќе дознае нешто за Јехова. Значи, вие веќе имате важен удел во службата!“ Овие охрабрувачки зборови им помогнале на Брајан и Мишел да не се откажат. Еден друг брат им рекол: „За да не се обесхрабрите додека учите кинески, не треба да го мерите својот напредок од ден во ден, туку од конгрес до конгрес“. И навистина, тие постепено го совладале јазикот и сега имаат голем успех во пионерската служба.

Што може да те мотивира да учиш друг јазик? Ако е можно, добро е да ја посетиш земјата каде што би сакал да служиш. Додека си таму, оди на состаноците, дружи се со локалните браќа и сестри и оди со нив во служба. Брајан вели: „Кога ќе видиш колку многу луѓе спремно ја слушаат добрата вест и ќе ја почувствуваш љубовта на браќата и сестрите, ќе бидеш поттикнат да служиш во друга земја и покрај предизвиците“.

СВЕТОВНА РАБОТА

Кристен и Мишел

Некои од пионерите што се преселиле да служат на места каде што има поголема потреба од објавители се издржуваат така што даваат часови по англиски. Кристен и неговата сопруга Мишел продаваат риби. Кристен објаснува: „Никогаш досега не сум работел вакво нешто, но тоа ми помага да останам во оваа земја“. По некое време, Кристен си стекнал редовни муштерии. Оваа работа со скратено работно време им овозможува да се издржуваат и да се посветат на најважната задача — да бидат рибари на луѓе.

„УЖИВАЈ ВО ПАТУВАЊЕТО“

Вилијам и Џенифер, брачен пар од САД, стигнале на Тајван пред околу седум години. Вилијам вели: „Го учевме јазикот, служевме како пионери, се грижевме за собранието и работевме за да можеме да се издржуваме. Сето тоа понекогаш нѐ исцрпуваше“. Што им помага да ја зачуваат радоста додека ги извршуваат сите тие обврски? Тие се трудат да си поставуваат реалистични цели. На пример, бидејќи немале големи очекувања додека учеле кинески, не се разочарале премногу поради тоа што бавно напредувале.

Вилијам и Џенифер

Вилијам се сеќава на она што му го кажал еден патувачки надгледник: „Не мисли само на целта туку уживај и во патувањето“. Со други зборови, откако ќе си поставиме некоја духовна цел, треба да чувствуваме задоволство уште додека работиме на неа, а не само кога ќе ја исполниме. Вилијам вели дека овој совет им помогнал нему и на жена му да бидат приспособливи, да прифаќаат совети од одговорните браќа во локалното собрание и да направат некои промени во начинот на кој ги вршат работите за да имаат успех во службата во новата земја. Тој додава: „Овој совет исто така нѐ поттикна да одвоиме време за да уживаме во природната убавина на островот на кој служиме“.

И Меган, немажена сестра од САД ‚ужива во патувањето‘ додека се труди да ја оствари својата цел — да научи подобро да зборува кинески. Секој викенд таа проповеда заедно со други објавители во едно прекрасно место — пристаништето во Каосиунг, еден од најголемите градови на Тајван. Меган ја пренесува добрата вест од брод до брод проповедајќи им на рибари од Бангладеш, Вануату, Индија, Индонезија, Тајланд и Филипините. „Бидејќи рибарите се задржуваат многу кратко во пристаништето, веднаш започнуваме библиски студии со нив. Затоа што има голем интерес, често проучуваме со  четворица или петорица истовремено“, вели Меган. А како ѝ оди со учењето кинески? Таа објаснува: „Иако би сакала да учам побрзо, секогаш ги имам на ум зборовите што ми ги кажа еден брат: ‚Ти само работи на својата цел, и Јехова ќе го даде својот дел‘“.

Меган

БЕЗБЕДЕН, ЕДНОСТАВЕН И ИНТЕРЕСЕН ЖИВОТ

Пред да се пресели во странство, Кети од Британија истражувала во која земја би било безбедно да служи како немажена сестра. Го молела Јехова во врска со она што ја загрижувало и испратила писма до неколку подружници за да дознае кои се можните опасности за немажените сестри. Потоа внимателно ги разгледала одговорите на писмата и заклучила дека Тајван би бил соодветно место за неа.

Во 2004 год., на 31-годишна возраст, Кети се преселила на Тајван. Таму води многу едноставен живот. Таа вели: „Ги прашав браќата и сестрите каде можам да купам евтин зеленчук и овошје. Нивните добри совети ми помогнаа да не трошам многу и така заштедата ми трае подолго“. Како успева да води таков живот? Кети вели: „Често го молам Јехова да бидам задоволна со едноставна храна и со скромна облека. Чувствувам дека тој одговара на моите молитви така што ме учи како да ги задоволам своите потреби, а не своите желби“. Таа додава: „Ми се допаѓа ваквиот живот бидејќи ми овозможува да се посветам на духовните работи“.

Кети

Иако животот на Кети е едноставен, воопшто не е здодевен. Таа објаснува зошто: „Проповедам на подрачје каде што многу луѓе спремно ја слушаат добрата вест. Тоа ми носи неизмерна радост!“ Кога пристигнала на Тајван, во градот каде што почнала да служи како пионер имало само две кинески собранија, а денес има седум. Кети вели: „Секој ден ми е многу интересен затоа што со свои очи го гледам неверојатниот пораст додека учествувам во жетвата!“

„ДУРИ И ЈАС ИМ БЕВ ПОТРЕБЕН!“

Како им е денес на Чунг Кијунг и Џули кои беа спомнати во почетокот? Чунг Кијунг отпрвин мислел дека не прави многу за собранието затоа што слабо зборувал кинески. Но, тамошните браќа не мислеле така. „Кога нашето собрание беше поделено на две, добив многу дополнителни одговорности како слуга-помошник“, вели Чунг Кијунг. „Во тој момент, имав чувство дека навистина служам на место каде што има поголема потреба од објавители. Всушност, таа беше толку голема што дури и јас им бев потребен!“, раскажува тој со насмевка на лицето. Денес, Чунг Кијунг служи како старешина. Џули вели: „Гледаме дека постигнуваме нешто, и среќни сме и задоволни како никогаш порано. Дојдовме овде за да помогнеме, но ова прекрасно искуство ни помогна нам. Благодарни сме му на Јехова што ни дозволи да служиме на ова место!“

Во многу земји, сѐ уште има потреба од повеќе работници во духовната жетва. Дали завршуваш со школувањето и размислуваш на што ќе го посветиш својот живот? Ако не си во брак, дали имаш желба да служиш во поголема мера во Јеховината организација? Дали би сакал да му оставиш богато духовно наследство на своето семејство? Дали си пензионер со големо животно искуство кое можеш да го споделуваш со другите? Биди уверен дека ќе бидеш богато благословен ако одлучиш да служиш на место каде што има поголема потреба од објавители на Царството.