Лојално да ги поддржуваме Христовите браќа
„Сѐ што сте му направиле на еден од овие мои најмали браќа, мене сте ми го направиле“ (МАТ. 25:40)
1, 2. а) Кои споредби им ги кажал Исус на своите блиски пријатели? (Види ја сликата погоре.) б) Што треба да знаеме во врска со споредбата за овците и јарците?
ВО РАЗГОВОРОТ што го водел со своите блиски пријатели — Петар, Андреј, Јаков и Јован — Исус им ги раскажал споредбите за верниот и разборит роб, за десетте девици и за талантите. На крајот им дал уште една споредба за времето кога „Синот човечки“ ќе им суди на „сите народи“. Она што го кажал сигурно оставило силен впечаток врз неговите ученици. Во оваа споредба, Исус зборувал за две групи, кои ги опишал како овци и јарци. Но, нагласил дека ќе има уште една многу важна група луѓе — оние што Царот ги нарекол свои „браќа“. (Прочитај Матеј 25:31-46.)
2 Јеховините слуги долго време сакале да ја разберат споредбата за овците и јарците бидејќи во прашање се животите на луѓето. Исус во неа открил зошто некои ќе добијат вечен живот, а други ќе бидат уништени. Според тоа, животоважно е да го разбереме значењето на оваа споредба и да постапуваме во склад со нејзината порака. Затоа, сега ќе ги разгледаме следниве прашања: Како Јехова постепено ни го разјаснил значењето на оваа споредба? Зошто може да кажеме дека во неа се нагласува важноста на проповедањето? Кој добива задача да проповеда? И зошто денес е важно да му бидеме лојални на „Царот“ и на оние што тој ги нарекол свои „браќа“?
КАКО ЈЕХОВА НИ ГО РАЗЈАСНИЛ ЗНАЧЕЊЕТО НА ОВАА СПОРЕДБА?
3, 4. а) Што треба да знаеме за да ја разбереме споредбата за овците и јарците? б) Како била објаснета оваа споредба во една Стражарска кула од 1881 год.?
3 За да ја разбереме споредбата за овците и јарците, треба да знаеме неколку клучни работи. Прво, треба да откриеме кој е „Синот човечки“, или „Царот“, кои се овците и јарците, и кои се ‚браќата‘ на Царот. Второ, треба да знаеме кога „Синот човечки“ ќе ги одвои, односно ќе им суди на луѓето и ќе ги прогласи за „овци“ или „јарци“. И трето, треба да сфатиме зошто некои ќе бидат одвоени како „овци“, а другите како „јарци“.
4 Во една Стражарска кула од 1881 год. пишувало дека „Синот човечки“, односно „Царот“, е Исус. Освен тоа, било објаснето дека ‚браќата‘ на Царот се оние што ќе владеат со Исус на небото, како и сите луѓе кои ќе живеат на Земјата откако ќе станат совршени. Во истата Стражарска кула било кажано дека луѓето ќе бидат одвоени како „овци“ и „јарци“ во текот на Христовото илјадагодишно владеење, и дека за „овци“ ќе бидат прогласени оние што ќе живеат според Божјиот закон на љубовта.
5. Како била објаснета споредбата за овците и јарците во 1923 год.?
5 Во почетокот на 1920-тите, Јехова им помогнал на своите слуги подобро да ја разберат оваа споредба. Во Стражарска кула од 15 октомври 1923 год., повторно било кажано дека „Синот човечки“ е Исус. Меѓутоа, биле наведени неколку библиски стихови кои посочувале дека ‚браќата‘ во оваа споредба се само оние кои ќе царуваат од небото заедно со Христос. Исто така, било објаснето дека ‚овците‘ се оние што ќе живеат на Земјата под власта на Христовото Царство. Со оглед на тоа што во споредбата се вели дека тие ќе им помагаат на браќата на Царот, заклучокот бил дека нивното одвојување, односно суд, сигурно ќе се одвива додека помазаните Христови браќа сѐ уште се на Земјата — пред да започне илјадагодишното владеење. Во истата статија пишувало дека за „овци“ ќе бидат прогласени оние кои го признаваат Исус како свој Господар и кои веруваат дека Царството ќе донесе подобар живот.
6. Кои дополнителни објаснувања ги добивме во 1995 год.?
6 Како резултат на ова поново објаснување, Јеховиниот народ сметал дека луѓето се одвојувани како овци или јарци во текот на последните денови во зависност од тоа како реагираат на пораката за Царството. Но, во 1995 год., добивме дополнителни објаснувања за оваа споредба. Во Стражарска кула од 15 октомври 1995 год., беше направена споредба помеѓу Матеј 24:29-31 (прочитај) и Матеј 25:31, 32 (прочитај). a Заклучокот беше дека луѓето ќе бидат судени и одвоени како „овци“ и „јарци“ во иднина. Кога точно ќе се случи тоа? Во статијата пишуваше дека ова ќе се случи откако ќе започне „неволјата“ спомната во Матеј 24:29, 30, и откако Синот човечки ‚ќе дојде со голема слава‘ за да им суди на луѓето и да ги изврши своите пресуди.
7. Објасни како денес ја разбираме споредбата за овците и јарците.
7 Денес јасно ја разбираме споредбата за овците и јарците. Знаеме дека „Синот човечки“, или „Царот“, е Исус. ‚Браќата‘ на Царот се мажи и жени помазани со свет дух, кои ќе владеат со Христос од небото (Рим. 8:16, 17). ‚Овците‘ и ‚јарците‘ се луѓе од сите народи, кои не се помазани со свет дух. Тие ќе бидат судени при крајот на големата неволја која ќе започне наскоро. А на темел на што ќе бидат одвоени како „овци“ или „јарци“? Пресудата ќе зависи од тоа како постапувале со Христовите помазани браќа кои сѐ уште се на Земјата. Со оглед на тоа што крајот на овој свет е толку близу, зарем не сме благодарни што Јехова постепено ни ја разјасни и оваа и другите споредби од Матеј, поглавја 24 и 25?
КАКО СПОРЕДБАТА ЈА НАГЛАСУВА ВАЖНОСТА НА ПРОПОВЕДАЊЕТО?
8, 9. Зошто Исус ги нарекол симболичните овци „праведници“?
8 Во споредбата за овците и јарците, Исус не го спомнува директно проповедничкото дело. Тогаш, зошто може да се каже дека во неа е нагласена важноста на проповедањето?
9 Прво, имај на ум дека станува збор за споредба со која Исус сакал да им пренесе важна поука на учениците. Јасно е дека тој не зборувал за дословни овци и јарци. На сличен начин, тој не сакал да каже дека секој што ќе биде прогласен за „овца“ мора дословно да ги храни, да ги облекува, да ги посетува во затвор и да се грижи за неговите браќа. Наместо тоа, Исус зборувал за ставот што симболичните овци ќе го покажат кон неговите браќа. Тој ги нарекол „праведници“ затоа што ги сметаат помазаниците за негови браќа и затоа што лојално ги поддржуваат во овие тешки последни денови (Мат. 10:40-42; 25:40, 46; 2. Тим. 3:1-5).
10. Како можат симболичните овци да им помагаат на Христовите браќа?
10 Второ, размисли во кој контекст Исус ја дал оваа споредба. Тој зборувал за знакот на својата присутност и за свршетокот на овој поредок (Мат. 24:3). Уште во почетокот на овој разговор со апостолите, Исус укажал на едно извонредно обележје на овој знак. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет“ (Мат. 24:14). Освен тоа, пред да зборува за овците и јарците, тој ја раскажал споредбата за талантите. Како што видовме во претходната статија, Исус ја дал таа споредба за да им помогне на своите помазани следбеници, односно на своите „браќа“, да сфатат дека мора ревносно да ја проповедаат добрата вест. Меѓутоа, малата група помазаници кои се на Земјата во текот на Христовата присутност се соочуваат со огромен предизвик — тие треба да им проповедаат на „сите народи“ пред да дојде крајот. Споредбата за овците и јарците покажува дека помазаните христијани ќе добијат помош. А најдобар начин на кој симболичните овци можат да им помогнат на Христовите браќа е така што ќе им даваат поддршка во проповедањето. Но, дали е доволно само да приложуваат пари за ова дело или да ги храбрат помазаниците да проповедаат?
КОЈ ТРЕБА ДА ПРОПОВЕДА?
11. Што би можел да праша некој, и зошто?
11 Денес на Земјата има околу осум милиони следбеници на Исус, а повеќето од нив не се помазани со свет дух. Исус не им ги доверил талантите ним туку на своите помазани „робови“ (Мат. 25:14-18). Затоа некој би можел да праша: ‚Дали тогаш и христијаните што не се помазани имаат задача да проповедаат?‘ Да разгледаме само неколку причини зошто одговорот на ова прашање е ‚да‘.
12. Што учиме од зборовите на Исус запишани во Матеј 28:19, 20?
12 Исус им заповедал на сите свои ученици да проповедаат. По своето воскресение, тој им дал задача на своите следбеници ‚да прават ученици‘, така што ќе ги поучуваат да држат „сѐ“ што им заповедал. Во ова спаѓала и заповедта да проповедаат. (Прочитај Матеј 28:19, 20.) Според тоа, сите ученици на Христос треба да проповедаат, сеедно дали имаат надеж дека ќе царуваат со него на небото или дека ќе живеат вечно на Земјата (Дела 10:42).
13. Што учиме од видението кое го добил Јован?
13 Книгата Откровение покажува дека проповедничкото дело ќе го извршуваат и помазаниците и други лица. Исус му дал на апостол Јован видение за „невестата“, која ги претставува 144-те илјади помазаници кои ќе владеат заедно со Христос на небото. Таа ги повикува луѓето да дојдат и ‚бесплатно да земат од водата на животот‘ (Отк. 14:1, 3; 22:17). Оваа симболична вода го претставува сето она што го направил Јехова на темел на Христовата откупна жртва за да го избави човештвото од гревот и од смртта (Мат. 20:28; Јован 3:16; 1. Јов. 4:9, 10). Помазаниците ревносно ги поучуваат луѓето за откупнината и им кажуваат што може да значи таа за нив (1. Кор. 1:23). Но, во видението Јован гледа и други луѓе кои не припаѓаат на симболичната невеста. И ним им е речено да велат: „Дојди!“ Тие се послушни на оваа заповед и ги повикуваат другите да земат од водата на животот. Во оваа втора група спаѓаат оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. Ова видение јасно покажува дека сите кои ќе ја прифатат поканата да ‚дојдат‘ се должни да им проповедаат на другите.
14. Како може да бидеме послушни на ‚Христовиот закон‘?
14 Сите што се послушни на ‚Христовиот закон‘ мора да проповедаат. (Гал. 6:2). Јехова нема двојни мерила. На пример, тој им рекол на Израелците: „Еден закон нека важи и за родениот Израелец и за дојденецот што живее меѓу вас“ (2. Мој. 12:49; 3. Мој. 24:22). Христијаните не треба да го држат Мојсеевиот закон. Но, сите ние, сеедно дали сме помазани или не, сме должни да го држиме „законот Христов“. Во овој закон спаѓа сето она за кое поучувал Исус. Најважната работа за која поучувал тој е да покажуваме љубов (Јован 13:35; Јак. 2:8). А еден од најдобрите начини на кој покажуваме љубов кон Бог, кон Христос и кон ближните е тоа што ја проповедаме добрата вест за Царството (Јован 15:10; Дела 1:8).
15. Зошто може да се каже дека Исус заповедал сите негови ученици да проповедаат?
15 Она што Исус им го кажал на неколку свои ученици, понекогаш важи за поголем број негови следбеници. На пример, иако Исус склучил сојуз за Царството само со своите 11 апостоли, заедно со него ќе царуваат 144.000 негови помазани ученици (Лука 22:29, 30; Отк. 5:10; 7:4-8). Слично на ова, тој им заповедал на релативно мал број ученици да проповедаат — само на оние на кои им се покажал откако воскреснал (Дела 10:40-42; 1. Кор. 15:6). Сепак, сите негови верни следбеници во првиот век ја послушале оваа заповед, дури и ако не ја чуле лично од Исус (Дела 8:4; 1. Пет. 1:8). И денес Исус не му се обратил лично на ниту еден од осумте милиони објавители на Царството. Сепак, сите сфаќаме дека треба да им проповедаме на другите бидејќи така покажуваме вера во него (Јак. 2:18).
СЕГА Е ВРЕМЕ ДА БИДЕМЕ ЛОЈАЛНИ
16-18. Како може да ги поддржуваме Христовите браќа, и зошто сега е време да го правиме тоа?
16 Сатана сѐ пожестоко се бори со Христовите помазани браќа кои се на Земјата, знаејќи дека ‚краткото време‘ кое му било дадено веќе истекува (Отк. 12:9, 12, 17). И покрај тоа што се соочуваат со тешки испити на верата, помазаниците го предводат најголемото проповедничко дело во историјата. Без сомнение, Исус е со нив и ги води (Мат. 28:20).
17 Од ден на ден сѐ повеќе расте бројот на оние што се надеваат дека ќе бидат прогласени за „овци“. За нив е голема чест што можат да ги поддржуваат Христовите браќа со тоа што проповедаат заедно со нив и им помагаат на разни начини. На пример, тие даваат парични прилози и учествуваат во изградбата на Сали на Царството, конгресни сали и подружници, а послушни им се и на браќата кои се поставени од „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45-47; Евр. 13:17).
18 Наскоро ангелите ќе ги пуштат разорните ветрови на големата неволја. Ова ќе се случи откако сите преостанати Христови браќа на Земјата ќе го добијат своето конечно запечатување (Отк. 7:1-3). Пред да започне Армагедон, помазаниците ќе бидат земени на небото (Мат. 13:41-43). Затоа, ако сакаме да добиеме поволен суд и да бидеме одвоени како овци кога ќе дојде Исус, сега е време лојално да ги поддржуваме Христовите браќа.
a Подетално објаснување на споредбата за овците и јарците има во статиите „Каква положба ќе имаш пред судската столица?“ и „Каква е иднината за овците и јарците?“ во Стражарска кула од 15 октомври 1995.