Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие се ставиле на располагање — во Русија

Тие се ставиле на располагање — во Русија

ВО 1991 год., Јеховините сведоци во Русија биле пресреќни кога долгогодишната забрана на нивните активности била укината и тие добиле законско признание. Тогаш речиси никој не можел да си замисли дека бројот на Сведоците ќе се зголеми за десет пати и ќе порасне на околу 170.000 објавители! Меѓу овие трудољубиви проповедници има Сведоци од други земји кои се преселиле во Русија за да помагаат во духовната жетва (Мат. 9:37, 38). Да се запознаеме со некои од нив.

БРАЌА ШТО СПРЕМНО ГИ ЗАЈАКНУВААТ СОБРАНИЈАТА

Кога била укината забраната во Русија, Метју од Велика Британија имал 28 години. За време на конгресот што се одржал таа година, во еден говор било истакнато дека на собранијата во источна Европа им е потребна помош. Говорникот навел како пример едно собрание во Санкт Петербург во Русија, каде што имало само еден слуга-помошник, а ниту еден старешина. Сепак, објавителите ја проучувале Библијата со стотици луѓе! Метју вели: „По тој говор, не можев да престанам да мислам на Русија. Затоа конкретно го молев Јехова да ми помогне да ја исполнам мојата цел да се преселам таму“. Тој заштедил малку пари, ги продал повеќето работи што ги имал, и во 1992 год. се преселил во Русија. Како се снашол таму?

Метју

Метју раскажува: „Јазикот ми беше предизвик. Не ми беше лесно убаво да им ја објаснам библиската вистина на луѓето“. Освен тоа, имал проблем со сместувањето. „Безброј пати морав да се селам од еден во друг стан, а газдите обично ми го кажуваа тоа во последен момент.“ И покрај пречките на кои наишол во почетокот, Метју вели: „Преселбата во Русија е најдобрата одлука што сум ја донел во животот“. Тој објаснува: „Овде научив многу повеќе да се потпирам на Јехова и чувствував како ми дава водство во разни ситуации“. Подоцна, Метју бил именуван како старешина и специјален пионер, а сега служи во подружницата близу до Санкт Петербург.

Во 1999 год., кога имал 25 години, Хиро дипломирал на Школата за организациско оспособување во Јапонија. Еден од инструкторите го поттикнал да служи во друга земја. Хиро знаел дека во Русија има голема потреба и затоа почнал да учи руски. Но, направил уште еден практичен чекор. Тој вели: „Отидов во Русија на шест месеци. Бидејќи зимите таму се многу остри, заминав во ноември за да видам дали ќе можам да го поднесам студот“. Откако ја поминал таа зима, Хиро се вратил во Јапонија каде што водел многу едноставен живот за да заштеди доволно пари и трајно да се пресели во Русија.

Хиро и Светлана

Тој живее во Русија веќе 12 години, и за тоа време служел во неколку собранија. Понекогаш морал да се грижи како старешина за повеќе од 100 објавители. Во едно собрание, секоја седмица ги држел повеќето точки од Состанокот за нашата служба, ја водел Теократската школа за служба и Проучувањето на Стражарска кула. Освен тоа, го водел и Собраниското проучување на книга на пет различни места. Хиро правел и многу пастирски посети. Во врска со тие години, тој вели: „Многу сум среќен што можев да им помагам на браќата и сестрите духовно да се зајакнат“. Како влијаело врз него тоа што служел на места каде што има поголема потреба од објавители? Тој вели: „Пред да одам во Русија, служев како старешина и пионер, но откако дојдов овде имам чувство дека стекнав посебен однос со Јехова. Научив повеќе да се потпирам на него на секое поле од мојот живот“. Во 2005 год., Хиро се оженил со Светлана, и сега заедно продолжуваат да служат како пионери.

Мајкл и Олга заедно со Марина и Метју

Метју (34) и брат му, Мајкл (28), се од Канада. И двајцата ја посетиле Русија, и биле изненадени кога виделе колку многу интересенти доаѓаат на состаноците, а колку малку браќа можат да ги држат точките. Метју вели: „Во собранието кое го посетив имаше над 200 присутни, а сите состаноци ги водеа само еден старешина во поодминати години и еден млад слуга-помошник. Тоа ме поттикна да се преселам за да им помогнам на тие браќа“. Метју се преселил во Русија во 2002 год.

Четири години подоцна и Мајкл се преселил во Русија, каде што сѐ уште имало голема потреба од браќа. Како слуга-помошник, тој добил задача да се грижи за сметководството, литературата и подрачјата. Освен тоа, бил замолен да ги врши задачите што обично ги врши собранискиот секретар, да држи јавни предавања и да помага во организирањето на собири и изградбата на сали за состаноци. Всушност, до ден-денес собранијата имаат голема потреба од помош. Иако не е лесно да се грижи за толку многу задачи, Мајкл, кој сега е старешина, вели: „Многу се радувам што можам да им помагам на браќата. Тоа е најдобриот начин на живот!“

Во меѓувреме, Метју се оженил со Марина, а Мајкл со Олга. Овие два брачни пара, заедно со многу други ревносни објавители, и понатаму им помагаат на собранијата, чиј број постојано расте.

РЕВНОСНИ СЕСТРИ ПОМАГААТ ВО ДУХОВНАТА ЖЕТВА

Татјана

Во 1994 год., кога Татјана имала 16 години, шест специјални пионери од Полска, Словачка и Чешка дошле да служат во нејзиното собрание во Украина. Во врска со нивниот убав пример, таа вели: „Тие беа ревносни пионери, пристапливи и љубезни. А и многу добро ја познаваа Библијата“. Татјана видела како Јехова ја благословил нивната самопожртвуваност, и си рекла: ‚И јас сакам да бидам како нив‘.

Охрабрена од примерот на пионерите, за време на школскиот распуст таа сведочела заедно со други објавители на изолирани подрачја во Украина и Белорусија, каде што никогаш пред тоа не било проповедано. Толку многу уживала во тоа, што решила да ја зголеми својата служба и да се пресели во Русија. Најпрво, отишла накратко да посети една сестра која се доселила таму од друга земја и да види дали ќе успее да најде работа која ќе ѝ помогне да се издржува како пионер. Подоцна, во 2000 год., се преселила во Русија. Дали ѝ било лесно?

Татјана раскажува: „Бидејќи немав доволно пари да изнајмам цел стан, зедов соба под кирија во куќа каде што живееја други луѓе. Не беше лесно да се живее во такви околности. Имаше моменти кога сакав да се вратам дома. Но, Јехова секогаш ми помагаше да сфатам дека е добро да продолжам со оваа служба“. Денес, Татјана е мисионер во Русија. Таа вели: „Во текот на сите овие години што ги поминав далеку од дома, стекнав скапоцени искуства и многу пријатели. Но, најважно од сѐ, мојата вера многу се зајакна“.

Масако

Масако од Јапонија, која сега има околу 50 години, цел живот сакала да служи како мисионер, но поради здравствените проблеми тоа ѝ се чинело невозможно. Сепак, штом здравјето малку ѝ се подобрило, таа одлучила да се пресели во Русија за да помогне во духовната жетва. Иако не ѝ било лесно да најде соодветно сместување и сигурна работа, Масако успеала да се издржува како пионер така што давала часови по јапонски и чистела. Што ѝ помогнало да продолжи со службата?

Во врска со 14-те години служба во Русија, Масако вели: „Радоста во службата е многу поголема од проблемите на кои наидувам. Мојот живот е многу динамичен и интересен затоа што сведочам на места во кои има поголема потреба од објавители“. Таа додава: „Низ годините, Јехова секогаш се грижеше да имам храна, облека и покрив над главата. Тоа за мене е вистинско чудо!“ Освен што служела на места каде што имало поголема потреба во Русија, Масако проповедала и во Киргистан. Исто така, таа помагала во некои групи на англиски, кинески и ујгурски јазик. Денес служи како пионер во Санкт Петербург.

СЕМЕЈСТВАТА ШТО ПОМАГААТ ДОБИВААТ БЛАГОСЛОВИ

Инга и Михајло

Поради економските проблеми, многу семејства се преселуваат во други земји во потрага по подобар живот. Но, исто како Авраам и Сара во минатото, некои семејства се преселуваат за да ги остварат своите духовни цели (1. Мој. 12:1-9). Размисли за Михајло и Инга од Украина. Како брачен пар, тие се преселиле во Русија во 2003 год. За кратко време, нашле луѓе кои ја барале библиската вистина.

Михајло раскажува: „Еднаш проповедавме на место каде што пред тоа немаше стапнато ниту еден Сведок. Еден постар човек ја отвори вратата и нѐ праша: ‚Дали сте дојдени за да проповедате?‘ Кога му одговоривме дека токму тоа е нашата цел, тој рече: ‚Знаев дека ќе дојдете еден ден! Не е можно да не се исполни она што го кажал Исус.‘ А потоа го цитираше стихот од Матеј 24:14“. Михајло додава: „Додека бевме во служба во тоа место, најдовме и една група од десетина жени кои беа баптисти. Тие беа искрени лица жедни за вистината. Ја имаа книгата Живеј засекогаш, која секој викенд ја користеле за да ја проучуваат Библијата. Со часови одговаравме на нивните прашања и ги пеевме нашите теократски песни со нив, а потоа заедно вечеравме. Таа посета ни остана во незаборавно сеќавање“. Михајло и Инга сметаат дека тоа што служат на места каде што има поголема потреба од објавители им помогнало да се зближат со Јехова, уште повеќе да ги засакаат луѓето и да водат навистина исполнет живот. Денес тие служат во покраинското дело.

Оксана, Олексиј и Јуриј

Во 2007 год., Јуриј и Оксана, брачен пар од Украина, кои сега имаат околу 35 години, и нивниот син Олексиј, кој сега има 13 години, ја посетиле подружницата во Русија. Таму виделе карта на Русија каде што биле обележани големи недоделени подрачја. Оксана вели: „Таа карта ни помогна да сфатиме дека таму навистина има голема потреба од објавители. Затоа решивме да се преселиме во Русија“. Што друго им помогнало? Јуриј вели: „Читавме статии во нашите публикации како, на пример, ‚Можеш ли да служиш на странски терен?‘ * А потоа отидовме во местото кое ни го препорача подружницата во Русија за да побараме сместување и вработување“. Во 2008 год., ова семејство се преселило во Русија.

Во почетокот не им било лесно да најдат работа, и неколку пати се селеле од еден во друг стан. Јуриј вели: „Често се молевме да не се обесхрабриме, а потоа продолжувавме да проповедаме со целосна доверба во Јехова. Тој се грижеше за нас кога го стававме Царството на прво место. Службата ни помогна да се зајакнеме духовно како семејство и да се зближиме еден со друг“ (Мат. 6:22, 33). Како влијаела ваквата служба врз младиот Олексиј? Оксана вели: „Тоа беше многу добро за него. Олексиј се крсти на девет години. Тој е свесен дека има голема потреба да се проповеда и затоа служи како помошен пионер за време на секој школски распуст. Многу сме радосни кога ја гледаме неговата љубов и ревност во службата“. Денес, Јуриј и Оксана се специјални пионери.

„ЕДИНСТВЕНАТА РАБОТА ЗА КОЈА ЖАЛАМ“

Како што видовме од изјавите на овие браќа и сестри, потребна е целосна доверба во Јехова за некој да се пресели на друго место со цел да ја зголеми својата служба. Точно е дека оние кои служат на места каде што има поголема потреба од објавители се соочуваат со предизвици на новото подрачје, но чувствуваат и неизмерна радост затоа што им ја проповедаат добрата вест на луѓе кои спремно ја прифаќаат. Дали и ти би можел да служиш на место каде што има поголема потреба да се проповеда? Ако се решиш на таков чекор, можеби ќе се чувствуваш како Јуриј, кој за својата одлука вели: „Единствената работа за која жалам е тоа што не дојдовме порано“.