Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Што се случило со ковчегот на сојузот?

Ковчегот на сојузот им служел како потсетување на Израелците дека Бог е присутен меѓу нив (2. Мојсеева 25:22). Тоа бил свет ковчег направен од дрво, а обложен со злато, во кој Мојсеј ги ставил двете камени плочи на кои бил напишан Законот. Додека Израелците живееле во пустината, ковчегот се чувал во Светињата над светињите во шаторот на средбата (2. Мојсеева 26:33). Со текот на времето, ковчегот бил ставен во Светињата над светињите во храмот што го изградил Соломон (1. Царевите 6:19).

Последен пат ковчегот се спомнува во 2. Летописи 35:3, кога цар Јосија го вратил во храмот во 642 год. пр.н.е. Можеби претходно ковчегот го тргнал Манасија, предокот на Јосија кој отпаднал од верата и кој поставил идол во храмот. Или можеби бил тргнат за да не се оштети додека траеле поправките на храмот што ги започнал Јосија (2. Летописи 33:1, 2, 7; 34:1, 8-11). Не се знае што се случило со ковчегот потоа, бидејќи не е спомнат меѓу предметите што биле земени од храмот кога Вавилонците го освоиле Ерусалим во 607 год. пр.н.е. (2. Царевите 25:13-17).

Во Библијата не е кажано дека ковчегот бил вратен во Светињата над светињите во храмот што го обновил Зоровавел. Исто така, изгледа дека никогаш не бил направен друг ковчег како замена (Езра 1:7-11).

Кои биле различните мажи по име Јаков за кои пишува во Христијанските грчки списи?

Во Библијата се спомнуваат повеќе мажи што се викале Јаков, па затоа е лесно да дојде до забуна. a Еден од нив му бил татко на апостолот Јуда (не Искариот), и тоа е единственото нешто што го знаеме за него (Лука 6:16; Дела 1:13).

Јаков се викал и еден од синовите на Зеведеј. Овој Јаков бил брат на Јован, а двајцата биле апостоли на Исус (Матеј 10:2). Изгледа дека мајка му се викала Салома и ѝ била сестра на Исусовата мајка. (Спореди Матеј 27:55, 56 со Марко 15:40, 41 и Јован 19:25.) Ако е така, Јаков му бил прв братучед на Исус. Јаков и брат му Јован биле рибари и работеле заедно со Петар и Андреј (Марко 1:16-19; Лука 5:7-10).

Друг Јаков е синот на Алфеј. И тој бил еден од апостолите на Исус (Марко 3:16-18). Во Марко 15:40 е наречен „Јаков Помалиот“. Можеби го добил прекарот „Помалиот“ затоа што бил физички помал или помлад од Јаков, синот на Зеведеј.

Последниот Јаков што се спомнува е синот на Јосиф и Марија, брат на Јуда и полубрат на Исус (Марко 6:3; Галатите 1:19). Додека Исус ја извршувал службата на Земјата, Јаков не бил негов ученик (Матеј 12:46-50; Јован 7:5). Меѓутоа, пред Педесетница 33 год. од н.е., Јаков се молел заедно со мајка си, своите браќа и апостолите во една горна соба во Ерусалим (Дела 1:13, 14). Подоцна станал почитуван член на собранието во Ерусалим и ја напишал библиската книга што го носи неговото име (Дела 12:17; Јаков 1:1).

[Фуснота]

a Во Хебрејските списи исто така се спомнува Јаков. Изразот „Авраам, Исак и Јаков“ се појавува многу пати во Библијата, а во Матеј 1:16 е спомнат Јаков како татко на „Јосиф, мажот на Марија“.